1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минхен: Масовни протести против десниот екстремизам

ЕМФ / дв
12 февруари 2024

Во Минхен вчеравечер илјадници луѓе демонстрираа против десниот екстремизам во земјата и со своите светла сигнализираа желба за демократија и толеранција.

https://p.dw.com/p/4cIfp
„Море од светла за демократија“ - демонстрации во Минхен
„Море од светла за демократија“ - демонстрации во Минхен против расизам, антисемитизам и хушкањеФотографија: Karl-Josef Hildenbrand/dpa/picture alliance

Со „Море од светла за демократија“ во Минхен вчеравечер (11.02) илјадници луѓе протестираа против расизам, антисемитизам и хушкање. Организаторите на демонстрациите зборуваат за 300.000 учесници, додека полицијата јавува за 75.000 до 100.000 учесници.

Во повикот задемонстрации, инициран од движењето „Петоци за иднината“ и поддржан од широк сојуз од цивилното општество, се вели: „Не дозволуваме изолација на луѓе во нашата земја и нивно протерување. Се спротивставуваме на десниот екстремизам и одвратните фантазии за депортации. Молчеливото мнозинство веќе не молчи!“

Минхен демонстрации против десен екстремизам
Организаторите на демонстрациите во Минхен зборуваат за 300.000 учесници, додека полицијата јавува за 75.000 до 100.000 учеснициФотографија: Karl-Josef Hildenbrand/dpa/picture alliance

Повеќе илјади луѓе вчера се собраа и во Дрезден на контрапротест против собир на десни екстремисти на годишнината од бомбардирањето на Дрезден во Втората светска војна. Според наводи на полицијата, на контрапротестот имало околу 5000 луѓе. На демонстрациите на десните екстремисти, пак, се собрале околу 1000 луѓе, соопшти полицијата.

Во Германија со недели има демонстрации против десниот екстремизам и против расизмот. Повод за протестите се откритијата на мрежата Коректив за состанок на радикални десничари во Потсдам во ноември, на кој присуствувале и политичари од АфД и одделни членови на ЦДУ и многу конзервативната Унија на вредности. Таму поранешниот шеф на десниоекстремното Идентитарно движење во Австрија, Мартин Зелнер, според сопствени наводи, зборувал за концептот на таканаречената „ремиграција“. Кога десничарските екстремисти го користат тој термин, тие обично мислат на тоа дека голем број луѓе со странско потекло треба да ја напуштат Германија - дури и под принуда.