Можат ли СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се договорат за едно единствено прашање, за кое двете најголеми политички партии, сите нивни програми и сите нивни лидери, премиери, влади и претседатели веќе 31 година имаат иста цел - Македонија да стане членка на ЕУ. Со тоа конечно иднината да не ни биде судбина, туку самите да ја одредиме. Одговорот е едно големо НЕ, иако двете спротивставени страни од првиот ден на независноста наизменично се на власт и во опозиција речиси подеднаков број години и исто толку години меѓусебно се обвинуваат дека се главните виновници што Македонија не е членка на европското семејство.
Во Собранието на Македонија народните избраници во сите досегашни мандати донесоа стотици одлуки, декларации и резолуции за нашата европска припадност и уште илјадници закони според европското законодавство, ратификуваа меѓудржавни договори со проблематичните комшии. И, кога конечно почнаа условените преговори со ЕУ за уставни измени, повторно со сета жестина се распламти стогодишната „војна“ за предавствата на националните интереси со влезот на Бугарите во Уставот како Ханибал пред портите. Изрека за најголема опасност. Мајките така ги плашеле децата во стариот Рим во 218 година пред нашата ера, а нас така политичарите нѐ плашат со бугаризација и асимилација по 2240 години, сега, во третата деценија на 21 век.
Што лудаци ќе замислат, ни држава не може да плати
Можна ли е асимилација на македонскиот народ во сопствена држава? Таков пример во современата историја на новиот век не е забележан, но затоа не е ништо ново да дојде до распаѓање на држави. На тоа бевме сведоци во нашето блиско минато со крвавиот распад на Југославија што го предзивикаа заробениците на историјата и географијата. И што денес го гледаме со војната во Украина.
За ваквото безумие оправдувањето е во цената што треба Македонија да ја плати за болните компромиси со соседите. Притоа не се зема предвид колкава е цената што граѓаните на Македонија веќе ја платија што пред 10 или 15 години не станавме членка на ЕУ и уште колку ќе платиме што во наредните десетина години станува неизвесно членството во ЕУ по наша вина.
Уште никој не ја пресметал висината на штетата од овие епохални грешки. Таа и не може да се пресмета, бидејќи не е само во пари, туку во жртвување на повеќе генерации. За тоа ни една цена не е доволна. Што лудаци можат да замислат, тоа ни држава не може да плати.
Зборовите компромис и консензус, кои се одомаќинија во македонскиот јазик, иако суштината никогаш не ја разбравме во целост, кои претставуваат темел на ЕУ и на демократијата и основен предуслов за завршување на преговорите со ЕУ, кај нас се банализираа до таа мерка што станаа одвратни зборови на набедените велепредавници.
Ако зборот консензус означува заедничка одлука за суштински прашања која можеби не е најдобра, но која во случајот на Македонија е од највисок државен интерес, нели е тоа исто што и единство на кое толку многу инсистираат големите патриоти впреганти во спасување на државата.
И повиците за единство очигледно различно се разбираат. Единство за што? За статус кво, стоење во место, или единство во изградба на просперитетна европска држава? Или, што означува зборот компромис? Отстапки за да бидеме подеднакво среќни, или несреќни во зависност од кој агол ја гледаме иднината на државата и на нашите потомци.
Постои ли правило како да се читаат и разберат извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија во односите со ЕУ? Досега тие извештаи беа различно читани од властите и од опозицијата, без оглед кој е на власт, а кој во опозиција. Обично власта ги читаше и афирмираше само добрите оценки и напредокот, а опозицијата грешките и застоите, што предизвикуваше конфузија и неразбирање во пошироката јавност.
Сега, кога се отпочнати преговорите со ЕУ за полоноправно членство, ако има заеднички став да се стаса до целта, ќе мора политичкиот натпревар меѓу партиитеда се префрли на друг колосек, на брзата пруга, кој ќе понуди подобри решенија за исполнување на преговарачките услови. Тоа би бил најдобриот и најкорисен меѓупартиски натпревар.
Криминалот единствен успешен консензус
Македонија влегува во фазата сама да одлучува за брзината кога ќе стаса до членството во ЕУ. Се разбира, можни се попречувања и нови блокади, но пресудно ќе биде исполнувањето на тешките реформи. Тоа отвора простор за работа на повеќе влади и парламентарни состави, деловни асоцијации и академски и универзитетски средини. За тоа ја имаат поддршката од мнозинството граѓани. Тоа што го бара Европа од нас, граѓаните на Македонија го бараат од македонските политички, интелектуални и деловни елити.
- повеќе од авторот: Целосна блокада на умот
Договорот за единственото прашање - можен ли е заеднички став да не се попречува напредокот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ, ги содржи сите области кои треба да се реформираат. Создавањето на еден таков амбиент е најважниот предуслов за успешни преговори со Брисел.
Засега, единствениот консензус кој е постигнат во Македонија и кој функционира речиси непречено е заедничкиот став во областите на организираниот криминал и високата корупција. Тука преговорите се одвиваат успешно и многу брзо, партиската припадност не претставува никаква пречка, напротив - тоа е најдобрата логистика криминалот да биде најисплатливата и најмалку ризична инвестиција.
- повеќе од авторот: Нови оптимистички прогнози на академик Коцарев
Кога некој брзо се богати, многу луѓе уште побрзо осиромашуваат. Затоа прво се отвора и последно се затвора поглавјето за владеење на правото и успешната битка против криминалот и корупцијата. Тие ендемски и хронични метастази што ја јадат супстанцата на државата е најголемиот предизвик на македонското општество. Тоа ќе биде и најтешкото прашање: Дали има политичка волја и сили во Македонија за справување со најголемото зло што го условува напредокот на државата.
Досегашните затворски казни на поранешни и актуелни корумпирани политичари и моќници не ги даваат очекуваните резултати, бидејќи конфискацијата на криминално стекнатите имоти е симболична и исплатлива. Лесно се стекнува слобода со плаќање на милионски суми од украдените пари.
Затоа, прво консензус за владеење на правото, па сѐ друго.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.