1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Револуција што тече како вода

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
25 октомври 2022

Во ВМРО-ДПМНЕ револуцијата во мир и борбата за слобода при слободна држава, течат како надојдени води на Вардар кои ги поплавуваат сите заложби за европеизација на Македонија. Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/4IczE
Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Само во две европски држави има легални политички партии кои во своето име го содржат зборот револуционерни. Тоа се партиите со историскиот предзнак ВМРО во Бугарија и во Македонија. Бугарската е веќе на одумирање, маргинална и нерелевантна, без пратеници во Собранието и со згасната револуционерност бидејќи Бугарија е членка на ЕУ, па таквата партија со идеологија од пред два века е прегазена од времето и беззначајна за граѓаните. Нашата ВМРО-ДПМНЕ, ем револуционерна, ем демократска, е моќна со најмногу пратеници во парламентот и со перманентна револуционерност и патриотизам кој успешно се одржува на ниво од пред сто и кусур години.

Во ВМРО-ДПМНЕ револуцијата во мир и борбата за слобода при слободна држава, течат како надојдени води на Вардар кои ги поплавуваат сите заложби за европеизација на Македонија. Со таа идеологија од 19 век се отстранува големата опасност од исчезнување на партијата која би станала излишна со членството во ЕУ. Каква би била смислата на постоење на ваква револуционерна партија среде Европа со остварени стратегиски државни интереси? Затоа треба да се впрегнат сите сили да се спречат измислените велепредавства и распродажбата на  националните приоритети и понижувањата на македонскиот народ да се приклучи на западните сојузи со големите сили кои ја ограничуваат сувереноста и означуваат крај на идеите кои ја красат македонската автономија и самобитност од крајот на 19 и првата половина на 20 век.

Во овие неколку дена на одбележување на 129 години од основањето на ВМРО се изнаслушавме за цврстите заложби на одржување на револуционерната идеологија со партизирање не само на историската ВМРО и основачкиот конгрес, туку и на историските личности небаре ДПМНЕ е единствениот вистински наследник кој има монопол над историјата. 

Партискиот лидер Христијан Мицкоски нуди нов општествен договор за единство на сите други под покровителство на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е револуционерниот пат за спасување на Македонија од исчезнување и асмилација.

Притоа е забележлива извесна еволуција на до вчера цврстите ставови на Мицкоски. Сега веќе е можно изгласување на уставните промени и влезот на Бугарите во Уставот, ако Бугарија престане да поставува нови вета и блокади за членството на Македонија во ЕУ. Во спротивно ќе се поништи договорот за добрососедство со Бугарија, или ќе се направи подобар штом ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт.

Потребен е нов општествен договор за Македонија, порача Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Потребен е нов општествен договор за Македонија, порача Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Повеќе од авторот: Кој води антиевропска политика во Македонија?

Преспанскиот договор со Грција веќе не се спомнува, тој останува на сила и е во ек на реализација иако беше прв за поништување, потоа се престори во договор за подобрување, а сега како и да не постои во револуционерната агенда на ВМРО-ДПМНЕ. Револуцијата лека полека се насочува во друг правец кој се вика нов општествен договор кој уште необелоденет веќе ги крева меѓуетничките тензии за нови конфликтни состојби на домашен терен со старо - нови етнички побарувања кои означуваат ревизија на Охридскиот договор. 

Предупредувањата на Иван Хаџи Николов

До каде може да не однесе новиот револуционерен идеолошко партиски вознес на ВМРО-ДПМНЕ најдобра опомена е предупредувањето на еден од основачите на историската ВМРО Иван Хаџи Николов. Во неговата куќа во Солун е одржан основачкиот конгрес на 23 октомври  1893 година чие празнично одбележување и овојпат помина без најзначајниот цитат од неговите сеќавања, кои се најдобри и најсуштински по оценка на нашиот знаменит македонозналец Гане Тодоровски кој располагаше со интегралниот текст на мемоарите на Иван Хаџи Николов. До нивното објавување, според Тодоровски, никаде не беа објавени во оригинална форма, туку само со грубо изменети содржини и кратења. 

Гане Тодоровски ќе запише: „познато е дека од кругот на шестмината првоосновачи на ВМРО дури петмина оставаат зад себе трудови во кои се говори за значајниот македонски историски настан. Имено, и д-р Христо Татарчев, и Дамјан Груев, и Петар Поп Арсов, и Иван Хаџи Николов, и Андон Димитров во своите пишувани паметења го објаснуваат почетокот на ВМРО. Само Христо Батанџиев не ни оставил ништо, за жал. Но сепак, спомените на Иван Хаџи Николов по многу што се уникатни, единствени од својот вид, исклучителни, недостижни, неспоредливи, речиси без конкурент...

Повеќе од авторот: Ковачевски да му бакне рака на Мицкоски

И во оваа прилика на партиската злоупотреба при одбележување на празникот на 129 годишнината од основањето на ВМРО, добро е да се потсетиме на основната мисла на Иван Хаџи Николов, на лајт мотивот што го изнесува во уводот на своите спомени кој многу рано ја увидел штетноста од револуционерната идеологија која се претворила во упропастување на Македонија. 

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во СкопјеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Револуционизирањето и погубувањето на Македонија

Еве го тој дел од уводот на спомените на библиотекарот и книжар Иван Хаџи Николов, најучениот човек меѓу основачите на ВМРО: „ Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облива срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не самата организација, туку Софија со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не националистичка политика ја погреба Македонија и ѝ причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам како виновен за сите тие злосреќи, дека јас и моите другари станавме причина на револуционизирањето и во последица на тоа погубувањето на Македонија и на Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не не убија со камења откако го согледаа грозниот и жален излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба ние да го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново уште потешко ропство и при такви, дијаметрално противположни резултати да не не обвинува, да не не навредува, да не мрмори против нас – создавачите на револуционерната организација и водачите, туку молчаливо и со полна покорност на својата судба да си го подземе тешкиот голготски крст- тоа предизвикува во мене адмирација и велам: Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас сите жртви се заслужни“. 

Повеќе од авторот: Целосна блокада на умот

Иако Иван Хаџи Николов (Кукуш 1861- Софија 1936) го надживеал своето време, притиснат од тешка болест и од товар на вина во кулминација на таквата тешка криза на совеста си го одзема животот. 

Преобјавувањето  на овој дел од уводот од сеќавањата на Хаџи Николов има единствена цел  врвот на денешното ВМРО-ДПМНЕ кога веќе се повикува на историските темели како свои и на обнова на револуционерната идеологија со повикот на приклучување на таа идеологија конечно  да ги сфатат овие пораки на основачите во едно ново време по изминати 129 години. Денес револуцијата за која прикажува партискиот лидер Мицкоски не е во откривање на „предавствата“ и во задржување на статус кво на Македонија што означува ново економско и културно ропство, туку во приклучување кон современиот демократски свет. Таа победа и недостасува на Македонија која нема ништо заедничко со анахрони идеолошки револуции и револуционерни партии. Време е во ВМРО-ДПМНЕ нешто и да научат од историското минато на кое толку многу се повикуваат.   

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.