1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Целосна блокада на умот

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
20 септември 2022

Доведувањето во прашање на одлуката на ЕУ за почеток на преговорите, заснована меѓу другото и на веќе склучениот договор со Бугарија, не значи ништо друго, туку антидржавен чин. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4H4nw
Ерол Ризаов
Ерол РизаовФотографија: privat

Во период кога на Македонија ѝ е неопходен широк консензус, заеднички ставови на релевантните политички партии и лидери, интелектуални и деловни елити и на мнозинството граѓани, за обврските кои произлегуваат од преговорите за членство во ЕУ, се навестува целосна блокада на Парламентот. Ваквиот заговор на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица за минирање на работата на законодавниот дом не може да се нарече поинаку освен мораториум на умот.

Еднонационален референдум за поништување на склучен и ратификуван договор со Бугарија при почнати преговори со ЕУ, одлука донесена во Брисел врз основа и на договорите со Грција и со Бугарија, во суштина е обид за парализа на процесите за европеизација на Македонија, најзначајниот државен интерес. Доведувањето во прашање на одлуката на ЕУ за почеток на преговорите, заснована, меѓу другото, и на веќе  склучениот договор со Бугарија, не значи ништо друго, туку антидржавен чин кој ги оправдува сомнежите за субверзивно надворешно влијание.

Заканата за дестабилизација на државата и спречување на парламентарната демократија не може веќе да биде гледана од агол на вообичаен политички натпревар меѓу власта и опозицијата. 

Умислени револуционери

За радикални методи, особено ако има докази за надворешни влијанија, неопходни се и соодветни одговори кои се содржани во Уставот и законите. Авантуристички игри со иднината на државата од умислени „револуционери“ во име на демократијата е кардинална грешка која на крајот паѓа на одговорност на тие што ги имаат сите механизми во рацете за одбрана на стабилноста на државата и остварување на стратегиските цели и приоритети.

Несреќата е во тоа што во Македонија непречено, со злоупотреба на демократијата, е создаван амбиент со лаги и манипулации за извршено  велепредавство и распродажба на идентитетските посебности на македонскиот народ, националната припадност, македонскиот јазик и историското минато, за на крајот да се стаса до опасноста од асимилација и бугаризација, бескруполозна манипулација, која, за жал, ја прифатија и академски средини кои беа најповикани научно да ја образложат оваа застрашувачка партиска пропаганда. Напротив, и некои научници влетаа во академски расправи потпирајќи се на невозможната асимилација во сопствената држава. Секогаш резултатот е трагичен кога политиката влегува во науката. Полошо е само кога научните инститиуции и научниците се партизираат.    

Вистината е во аргументите на настаните по потпишувањето на Преспанскиот договор до денес. Ништо од она со што се заплашуваа граѓаните не се случи во меѓувреме. Националната припадност остана македонска, државјанството македонско, јазикот македонски, а географската додавка северна не ја промени суштината на името Република Македонија која е единствена држава во светот со тоа име. 

Трагични примери 

Додавката е додавка, било географска, или идеолошка. Македонија, откако е Република во изминатите 78 години, има повеќе разни додавки - федерална, народна, социјалистичка... Никој не стана ни северџан, ни северен, ни социјалистички, ни народен Македонец. Станавме членка на НАТО со сите идентитетски посебности, почнаа и преговорите со ЕУ со големо задоцнување на ЕУ. Вината за сите блокади се бара само кај нас, а не во сложените механизми и злоупотреби на позициите на земјите членки, што како свој срамен чин ги признаа и европските државници и  највисоките функцонери на ЕУ во Брисел.

И сега, кога конечно почнаа преговорите, одекнаа тревогите - ајде на референдум, лицитирајќи со неколку прашања, за на крај да се раскине договорот за добрососедство со Бугарија.

- повеќе од авторот: Стратегијата на Мицкоски со референдум...дум...дум...

Војната за власт при една тешко извојувана позиција со неопходните компромиси на веќе отпочнати преговори со ЕУ,  со застрашувања од асимилација и бугаризација, е на голема штета на Македонија. 

Националната свест и припадност на македонскиот народ и македонскиот јазик, оформени низ  историското минато, научно, културно, политички и меѓународно правно признати во светот, не се меко ткиво кое може да се асимилира во сопствената држава со никакви комисиски договори. Тие се само покритие на политичките и партиски домашни потреби на Бугарија, на Македонија и делумно на Европа во еден период на силни геостратегиски интереси, во време на војна во Украина по руската агресија. По членството на Македонија во ЕУ и како членка на НАТО сето тоа ќе се релативизира и со време ќе исчезне.

- повеќе од авторот: Ни доаѓа ли сибирска зима?

Се разбира, освен ако во меѓувреме, во меѓусебните борби за власт и меѓуетнички конфликти,  самите не предизвикаме распаѓање на државата, за што има повеќе примери и во блиското минато со најразлични мотиви на авторитарни владетели - заробеници на географијата и на историјата. Крвавиот распад на Југославија е еден таков трагичен пример.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.