1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Која „беса“ ќе победи- за независно или партизирано судство?

21 декември 2023

Наскоро ќе се исцртаат контурите во која насока ќе се движат состојбите во правосудството, особено по бројните критики во повеќе релевантни извештаи.

https://p.dw.com/p/4aQfl
Судски совет на Република Северна Македонија
Судски совет на Република Северна Македонија Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Советот на обвинители утре ќе избира вршител на должност републички јавен обвинител, кој сѐ до изборот на нов шеф на Обвинителството треба да го замени актуелниот, Љубомир Јовески, чиј мандат истекува на 25-ти декември. Мандатот на в.д. републички јавен обвинител нема да трае долго, со оглед дека до крајот на наредниот месец би требало да се избере нов републички јавен обвинител, функција за која има тројца кандидати - обвинителите Лидија Раичевиќ, Фатиме Фетаи и Љупчо Коцевски. Овој избор, но и една друга одлука, ќе ги исцртаат контурите во која насока ќе се движат  состојбите во правосудството,  особено по бројните критики во повеќе релевантни извештаи.

Имено, голем интерес во јавноста поттикна информацијата дека на последниот работен ден од годинава, 29-ти декември, Судскиот совет ќе расправа за иницијатива за разрешување на  претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.  Како што објави ТВ Телма, постапката за Адеми била во втора фаза, на која претседателката на Врховен ќе може да даде своја одбрана на наводите со кои се бара нејзино разрешување. Причините заради кои се бара разрешување на Адеми, не се познати за јавноста. Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев неодамна во интервју за „360 степени“ не демантираше дека има таква иницијатива, и само наведе дека дека тие постапки се од доверлив карактер.

Во однос на посочената постапка, Адеми неодамна изјави дека „би барала јавност, со цел пошироката јавност да биде информирана“. Според Законот за Судскиот совет, постапката за утврдување одговорност на судија или претседател на суд е од доверлив карактер и се води без присуство на јавноста, но има и можност за јавност, ако тоа го побара судија или претседател на суд.

Средба и интервју го вклучија алармот

Се претпоставува дека инцијативата за утврдување одговорност за претседателката на Врховниот суд била поднесена во периодот кога таа објави дека заедно судиите на Врховниот суд остварила средба со  амбасадорката на САД во РСМ, Анџела Агелер,  на која се говорело за повеќе прашања кои се однесуваат на независноста на судството.

„На средбата беше истакнато дека независноста на судството е најсилната гаранција за  владеењето на правото  и дека интегритетот на судиите претставува клучен фактор за остварување на принципите на независното судство. Судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите. Потребно е да се почитува уставното начело на поделба на власта, а судиите да бидат ослободени од какви било влијанија“, беше наведено во соопштението на Врховниот суд на 25-ти октомври.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми Северна Македонија
Претседателката на Врховниот суд, Беса АдемиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Оваа средба беше одржана во екот на шпекулциите дека една партија од власта бара начин за враќање на Никола Груевски во земјата, преку политички притисок врз Врховниот суд да даде начелно мислење со кое ќе се оживее амнестијата на Ѓорге Иванов. Инцијатива за тоа била доставена до Врховниот суд на 23 јуни 2023 година и се однесувала на повеќе правни прашања, меѓу кои и за аболициите дадени од експретседателот Ѓорге Иванов, а кои го опфаќаат и поранешниот премиер Груевски. Но, пред таа иницијатива, Врховниот суд во предметот „Транспортер“ веќе се изјасни дека аболицијата на Иванов била незаконска. Од друга страна  спорните измени на Кривичниот законик  не обезбедија застарување на сите предмети за Груевски, што веројатно го ставило Врховниот суд пред притисици.

Без да се впушта во спомнување конкретни имиња или политички агенди, Адеми за притисоците јавно проговори во интервју за СДК.мк.

„Постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт. Но ние како Врховен суд и како највисок суд во државата не дозволуваме и не смееме да дозволиме преку таквите обиди да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед, односно угледот и авторитетот на Врховниот суд. Не смееме да дозволиме политичките интереси да се кршат на грбот на судството“, изјави Адеми.

Притоа објасни дека политиката секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини.

„Реално, секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и во овој правец да се користат дури и лажни вести“, рече Адеми.

Што правевте досега?

По ова Судскиот совет ја повика на средба, но таа ја одби. Во опширно соопштение Адеми ги посочи извештаите на ЕК, на Стејт департментот, на Прибе, анкетата на ОБСЕ и оценки на граѓанските организации, во кои со години се укажува на политички притисок врз судиите, потенцирајќи дека Судскиот совет и досега имал многу причини итно да го разгледа тоа прашање, вклучително и заради свои членови.

„На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на РСМ. И покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело (...) Доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет“, одговори Адеми.

Таа нагласи дека за неа е најважно да ги оствари и заштити целите и функциите на судска власт, а тоа е непристрасно применување на правото и на владеењето на правото.

Црна кампања

Со оглед на процедурите и роковите, постапката за Адеми нема да заврши за еден ден. А бидејќи не се знаат причините поради кои се бара нејзино разрешување, засега прашањето оди по линија на една дилема - дали битката ќе ја добие Беса (Адеми), или партиски дадена „беса“ (на албански - завет, чесен збор) дека некому ќе му биде обезбедена неказнивост, а за потребите на одредена политичка агенда.

Последната вест што дојде вчера од Врховниот суд - е дека Советот за казниви дела при Врховниот суд го одбил како неосновано барањето на експремиерот Никола Груевски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот „Плацови на Водно“. Како што е познато, со неа Груевски е осуден на девет години затвор.

Во меѓувреме, претседателката на Врховниот суд беше изложена на црна кампања. БИРН во ноември објави дека медиумската хајка против Адеми е дел од атмосферата што се создаде по иницијативата до највисокиот суд за оживување на аболициите на експретседателот, Ѓорге Иванов, со кои сериозно би се олеснило  враќањето на Никола Груевски.  Црната кампања против претседателката на Врховен суд, е водена од два сајта без импресум, со идентични текстови кои синхронизирано и спонзорирано се објавувани. Истражувајќи, БИРН ги доведе сајтовите во врска со функционер од ДУИ, а и претходните објави на тие два сајта недвосмислено ја илустрирале блискоста кон ДУИ.