1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е илинденскиот идеал на денешната генерација?

2 август 2023

Економски напредок, враќање на изгубените вредности и на моралниот интегритет, враќање на пиедестел на самодовербата за тоа кој си и што си, се дел од одговорите.

https://p.dw.com/p/4Ufck
Споменикот „Македониум“ осветлен во боите на македонското знаме за време на прославата на Илинден во 2022 година
Споменикот „Македониум“ осветлен во боите на македонското знаме за време на прославата на Илинден во 2022 годинаФотографија: Government of North Macedonia

Денеска, кога се одбележуваат 120 години од Илинденското востание и 79 години од Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на македонската државност, одново се актуелизира прашањето: ако идеалот на претците е вграден во двата славни Илиндена, кој е илинденски идеал на денешната генерација македонски граѓани?

Обединување, економски напредок, враќање на изгубените вредности и на моралниот интегритет, враќање на иселените, враќање на пиедестел на самодовербата за тоа кој си и што си - гласат дел од одговорите.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, нема дилема.

„Да се обезбедат пристојни услови за работа и живот, за тоа да не го бараат надвор од земјата, како што голем број од нив веќе го прават “, вели Хајредини.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа на отворањето на традиционалната манифестација „Десет дена Крушевска Република“, порача дека Илинденското востание не е ниту почеток, ниту крај, а аманет и идеал е земјата да продолжи по европскиот пат.

„Илинденците и Асномците, нѐ задолжија секојдневно, јасно и уверено, да продолжиме, многу побрзо и подобро од досега, по европскиот пат, како пат кој го зачувува историскиот, културниот и јазичниот идентитет, ја зајканува нашата позиција надвор, но најважно од сѐ, ја зацврстува, модернизира и подобрува сегашната држава! Ние друга алтернатива немаме и не смееме да имаме. Никој не смее да ја украде и измени нашата историја! Бидејќи тоа е невозможно! Никој претходно, а камоли сега, не може да украде, измени или избрише векови и векови создавана и развивана традиција, култура и засебност! На сите негирања однадвор и однатре, мораме да се спротивставиме со врвно национално чувство, со висока национална самодоверба и гордост, и најважно од сѐ со здраво и разумно обединување околу заедничкото, за универзалните принципи и вредности“, порача Ковачевски.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски говори на прославата на Илинден во Крушево во 2022 година
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски говори на прославата на Илинден во Крушево во 2022 годинаФотографија: Government of North Macedonia

Бели мугри

Прославата и годинава се одржува во атмосфера на критики дека историскиот, културниот и јазичниот идентитет се засегнати од нови услови на европскиот пат.

„Кога колективната меморија ќе стане дел од битието на еден народ, секое нејзино проблематизирање, во случајов под притисок на Бугарија, доведува до трауми“, вели социологот Илија Ацески. 

Оттука, според него, важно прашање е и колку генерацијата која расте денес, го носи во нејзината меморија значењето на Илинден. Потсетува на примерот од пред неколку години, кога во група од дваесет студенти во трета година, само еден знаел во кој период живеел Гоце Делчев.

„Нужно е редефинирање на образовниот систем, кој ќе води сметка за нашите знаења и перцепции, за да не сме обезвреднети или изгубени во просторот. Погубно е и кога идентитетското прашање се губи од вредносниот систем. Таму треба да се врати. Но, и да се создаде амбиент во кој ќе се вратат и оние кои заминале или дел од нив, кога на важност нема да биде само материјалното, туку и чувството за татковината - од каде потекнуваш и каде припаѓаш“, вели Ацески.

Социологот Илија Ацески
Социологот Илија АцескиФотографија: Privat

Поделбите, социјалното раслојување, тешкото фаќање чекор со новите техничко-технолошки придобивки, исто така имаат влијание врз степенот на напредок и самодоверба. Според амбасадорот Марјан Ѓорчев, третиот Илинден треба да претставува „општествено-економски бели мугри“ за ново човечко извишување.

„На почетокот на третиот милениум во македонската држава доминира ‘културата на парите'. Достапноста на новите техничко-технолошки придобивки е ограничена од острата класна поделба меѓу богатите и сиромашните.  Во таква двосмисленост на ‘денешна сомнителна праведност' и ‘утрешна релативна еднаквост', третиот Илинден од една страна треба да претставува ‘општествено-економски бели мугри' за ново човечко извишување! Од друга страна, третиот Илинден мора да да го ‘воскресне' македонскиот цивилизациски вектор којшто е вековен културолошки амалгам, со кој се поистоветуваме со поимот Македонија и етнонимот Македонец. Македонската држава треба да биде институционална форма, којашто овозможува исполнување на културолошките содржини на нашите животи. Концептот на македонска културна идентификација ќе биде македонскиот фајл во современото дигитално општество“, вели Ѓорчев.

Македонија слави

За празникот и новите предизвици денес ќе се говори на повеќе места, каде свечено ќе се слави Денот на Републиката. Премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати на свеченост на тврдината Кале во Скопје, а владина делегација ќе положи цвеќе пред споменикот на АСНОМ во паркот ‘Жена Борец’, пред споменикот на Никола Карев и пред спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на градскиот плоштад.

Споменикот на Илинден во Крушево- „Македониум“
Споменикот на Илинден во Крушево- „Македониум“Фотографија: Government of North Macedonia

Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе се обрати на централната манифестација во Крушево, а претседателот Стево Пендаровски пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце. Пендаровски напладне ќе положи цвеќе и пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде  ќе биде пречекан од српскиот претседател Александар Вучиќ, со кого ќе има билатерална средба.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од партискиот претседател Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, пред споменикот на хероите во месноста Слива и на Мечкин Камен, како и на споменикот во струшкото село Ташмаруништа. Делегации од ВМРО-ДПМНЕ ќе положат цвеќе и пред спомениците на илинденците во Скопје и други места, како и во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема