Македонија го празнува Илинден
2 август 2022Северна Македонија денеска го празнува најголемиот празник – Илинден, одбележувајќи 119 години од раѓањето на Крушевската Република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ. „Илинден - нашата сила за иднината“, е слоганот под кој годинава, се одбележува 2 aвгуст - Денот на Републиката. Чествувањето започна синоќа со манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, а продолжува денеска со низа манифестации во земјата. „Илинден е нашата гордост, нашиот патоказ. Илинден е нашата сила за иднината!“, порача државниот врв, со желби најсветлиот ден во македонската историја да се празнува во слога и обединетост.
Визија за независна држава
„Денеска ги чествуваме двата Илиндена 1903 и 1944 година, темели на македонската држава, македонскиот јазик и идентитет и изразуваме вечна благодарност кон илинденците и асномците за нивната заложба и визија за современа, суверена, независна, модерна држава. Илинден е нашата гордост, нашиот патоказ“, порача премиерот Димитар Ковачевски. Тој синоќа во Крушево порача дека илинденците и асномците со оружје јуришале кон иднината за којашто верувале.
„Тоа е сегашноста што ја живееме ние денес, слободна и независна македонска држава. И ние имаме обврска да јуришаме кон иднината во којашто веруваме, а тоа е европската иднина за нашите деца и идните генерации“, рече Ковачевски, кој смета дека не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на земјата.
Премиерот упати повик до граѓаните, без оглед на етничката, верската или политичката припадност, да покажат патриотизам на дело и да продолжат по аманетот на илинденците напред, а тоа е европскиот пат на земјата.
„Ова не е битка за минато! Таа битка илинденците ја воделе и ја добиле! Оваа битка пред нас, почитувани граѓани, е битка за сегашноста и иднината и оваа битка, ве уверувам, заедно – ќе ја добиеме! Херојство е соочување, заедништво и меѓусебно разбирање“, рече Ковачевски.
Исправање на историската неправда
Слични пораки можеа да се слушнат и на централната манифестација во Скопје, каде што претседателот Стево Пендаровски во својот говор потенцираше дека концептот на обединета Европа ја дава најдобрата шанса на земјата да го заокружи развојот како современа европска република. Во рамки на чествувањето на Илинден, на која постхумно ги одликуваше со Орден на Република Северна Македонија, Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество, а со Орден за воени заслуги, Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења.
„Со овие одликувања ние денес на симболичен начин правиме обид за исправање на неколку историски неправди. Првата, направена со пропустот Невена Георгиева-Дуња да биде прогласена за народен херој. Втората со отстранувањето на Крсте Црвенковски од јавниот и политичкиот живот поради неговите либерални ставови и прогресивни политики. Третата со обидите да се релативизира значењето на НОБ и АСНОМ како папочна врска меѓу нашиот прв и нашиот трет Илинден“, рече Пендаровски.
Овој чин, според претседателот, се случува во период кога земјата по кој знае кој пат се соочува со обидите да биде негирана националната самобитност на македонскиот народ и да бидат оспорени неговите уникатни национални белези. „Револтот на граѓаните е оправдан, затоа што сите успеси како независна држава ги добиваме по потешкиот пат, но, не се откажуваме од стратешката цел да станеме дел од заедницата која со сите свои недостатоци, сепак, создала простор во кој луѓето се слободни и свои“, вели претседателот. Тој е дециден дека „за целосна интеграција на Северна Македонија во ЕУ, имаме цврста намера да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но, немаме намера со кого било, да разговараме за возобновување на империјалистички концепти и идеи од минатите векови“.
„Не треба да чувствуваме никаков страв. Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки. А наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина“, рече Пендаровски.
Државна делегација положување цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој по повод националниот празник Илинден се обрати од пред споменикот Македониум, истакна дека тој претставува симбол на непокорноста, борбата, вечната стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.
Најсветлиот ден во македонската историја
Илинден е најсветлиот ден во македонската историја - порача и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој упати честитка по повод државниот празник.
„Овој ден е симболот на македонската борба за слобода и државност, ден кој врзува две епопеи и еден идеал, а тоа е идеалот за слободна и независна Македонија. Генерации на синови и ќерки на Македонија се бореа сонот за слобода да стане јаве. Под бајракот на слободата се обединија и во 1903-та година, под истиот бајрак се обединија и во 1944-та, но и ќе продолжат да се обединуваат. Светлината на овој ден во македонската меморија никогаш нема да згасне, затоа што искрата која почна со Крушевската Република беше факел кој ги водеше партизаните во народноослободителната борба и пламенот кој гореше во срцата на сите Македонци и во текот на 1991-вата се до конечната независност“, вели Мицкоски..
Но, според него, оваа искра гори и ќе гори во секоја идна генерација на македонски родољуби, затоа што нивната света борба е вечна, да обезбедат подобра иднина за себе и за секоја идна генерација.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека имаме историски аманет да ја градиме и чуваме нашата татковина од сите предизвици. „Денес борбата, како никогаш до сега е жива, затоа што премрежјата и сенките од минатото се надвиснати над иднината. Идеалот за Македонија и борбата за подобра иднина се две работи за кои мораме паралелно да се бориме, бидејќи апатијата и сиромаштијата која сакаат да ни ја наметнат е првата стапка кон разнебитување. Овие битки мораме да ги добиеме, сплотени без разлика на нашата етничка, верска или политичка припадност, вели Мицкоски.