Ковачевски: Со чиста совет велам - прифатете го предлогот
14 јули 2022„Јас, Димитар Ковачевски сум Македонец од раѓање. Ниту една хартија не може да ми го одземе мојот идентитет. Немам дилема и знам дека со продолжување на европскиот пат можам да станам подостоинствен Македонец. Планирам да живеам во земјата и да помогнам и како граѓанин, но и да ја исполнам обврската државата да биде подобра за сите граѓани. Со прифаќањето на предлог-преговарачката рамка остануваме на вистинскиот пат кон ЕУ“, порача премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница, каде што денеска пратениците расправаат за предлог-преговарачката рамказа пристапување во ЕУ. Говорот на Ковачевски беше пропратен со овации на владејачката коалиција и попречуван со гласни извици и вувузели од страна на опозицијата.
„Се обврзуваме дека никој нема право да преговара за македонскиот јазик и идентитет“, рече Ковачевски, додавајќи дека формалниот предлог на сите земји членки од ЕУ кој што го доби Северна Македонија, ги заштитува и македонскиот јазик и идентитет.
„Кажав 'ДА' бидејќи овој европски предлог е најдобро решение во моментов, кој ги задржува црвените линии и овозможува почеток на преговорите веднаш. Сите билатерални прашања со источниот сосед, но и со која било соседна земја не се дел од преговарачката рамка со Брисел, која е услов за интегрирање во ЕУ. И трето, со европскиот предлог се дефинира одржувањето на првата Меѓувладина конференција веднаш во Брисел“, рече Ковачевски. Според премиерот, тоа е .единствената вистина во оваа олуја на дезинформации.
Тензична атмосфера
На почетокот на седницата, пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ го искина документот и повика тој да биде вратен во Владата, каде што таа смета дека му е местото, со оглед на тоа дека станува збор за меѓувладина конференција со ЕУ, доколку се прифати предлогот. „Ниеден документ којшто вие би го потпишале нема да има легитимитет додека не го добие најбитниот печат, а тоа е печатот од народот“, рече таа. Седницата продолжи во тензична атмосфера, опозицијата со свирежи и труби го попречуваше говорот на секој од пратениците од владејачката коалиција.
Мицкоски со три дилеми
Пред седницата,говор одржа претседателката на Европската комисија,Урсула фон дер Лајен, која порача дека е време Северна Македонија да и се придружи на Европската Унија, прифаќајќи го ревидираниот предлог на француското претседателство, со кој е заштитен македонскиот јазик и идентитет.
По нејзиниот говор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги изнесе своите дилеми околу преговарачката рамка.
„Дилемата којашто ја има ВМРО-ДПМНЕ, македонската јавност и граѓаните е следна, во членот 11, во документот ‘заеднички став на ЕУ’, јасно стои дека Македонија нема да ги почне преговорите сѐ додека не биде променет Уставот. Дали е тоа точно или не, оставам експертската јавност, но и луѓето коишто се занимаваат со оваа проблематика да дадат одговор“, рече Мицкоски. Друга дилема е членот 3 каде што стои дека преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската страна ќе даде еднострана изјава како таа го гледа македонскиот јазик.