1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Прохор Пчински“ ги отвори портите за празнување на Илинден

ДТЗ
2 август 2022

По 18 години, македонска делегација, предводена од претседателот Стево Пендаровски, присуствуваше на одбележувањето на 2 Август во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на АСНОМ.

https://p.dw.com/p/4F1MF
Nordmazedonien feiert den Tag der Republik
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

По 18 години, македонска делегација, предводена од претседателот Стево Пендаровски на 2 август присуствуваше на одбележувањето на Денот на Републиката во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.

Во манастирот Св. Прохор Пчински, покрај одбележувањето на празникот Илинден од страна на црковно-државна делегација, предводена од претседателот Стево Пендаровски, утринава за верскиот празник Св. Илија заедничка литургија сослужуваа владици на СПЦ и МПЦ-ОА. Во параклисот на манастирот Прохор Пчински беше поставена спомен плочата за одржувањето на Првото заседание на АСНОМна 2 август 1944 година, пред која се одржа и чествувањето на Илинден. 

Nordmazedonien feiert den Tag der Republik
Спомен плочата за одржувањето на Првото заседание на АСНОМФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Договор за идни прослави

Претседателот најави дека во најскоро време ќе се формира работна група на ниво на министерства за надворешни работи со Србија која ќе треба да ги договори идните прослави на 2 Август во манастирот. 

„Ова е местото каде што е формирана современата македонска држава и од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место тука да го прославиме тој празник, па правевме некои алтернативни паралелни прослави во близина. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција, во која 2 Август, тоа е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и оттука натаму, со сите нишани ќе доаѓаме да оддадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944 година“, изјави Пендаровски, по посетата на манастирот, каде положи цвеќе.

Nordmazedonien feiert den Tag der Republik
По 18 години македонска делегација, предводена од претседателот Стево Пендаровски на 2 август присуствуваше на одбележувањето на Денот на Републиката во манастирот „Св. Прохор Пчински“Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Камен-темелник на новите односи

Тој потсети дека Скопје и Белград имаат стар договор од 2000 година околу одбележување на културно-споменични обележја во двете земји, кој смета дека ќе послужи како правна основа брзо да се формира работната група меѓу двете земји која ќе треба да ги договори идните прослави. Се разговарало и околу можноста да се обнови Спомен собата. Идејата е постојано да се слави празникот на ова место.

„Ова треба да биде еден камен-темелник на новите односи, и во таа смисла, ако не ги почитуваме светите места, наши и нивни, од нашето минато, мислам дека немаме никаква иднина во билатералните односи“, изјави Пендаровски.

Српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, кој ја предводеше српската делегација на одбележувањето на Илинден во манастирот Прохор Пчински, рече дека Србија е за јакнење на политиката на добрососедство. „За тоа сведочи политиката на Србија, која е решена да ја зајакне политиката на добрососедство, соработка и заеднички живот со соседите. Така, како што е и во рамки на иницијативата Отворен Балкан, која претседателот Вучиќ ја иницираше со премиерите на Северна Македонија и Албанија, се обидуваме да покажеме колку духот на толеранција и пријателство е нешто што секогаш ќе го надмине духот на нетолеранција и непријателства“, рече Селаковиќ за РТС.