Комунистичкиот ген-сек на СССР Леонид Брежњев љубопитно ги разгледуваше подароците од неговиот гостин од САД, претседателот Ричард Никсон при неговата посета на Москва на 24 мај 1972 година. До него седнатиот министер за надворешни работи Алексиј Косигин ја искористи можноста за да го запраша Никсон:„Мистер Претседателе, можете ли да си замислите некое време кога и вие и ние ќе немаме сојузници, па заедно станеме сојузници, еден со друг?” Претпазливиот Ричард внимателно одговори „Секако, но ќе треба многу време за тоа”. Косигин се навали назад на фотељата и изусти: „Тоа е целта кон која стремиме. Но сѐ додека и вие и ние имаме сојузници, ќе продолжиме да бидеме во судир”.
Беа тоа некои други времиња, кога СССР стравуваше од културната револуција на Мао и се движеше кон детант со Западот, од кој ќе се роди ОБСЕ. Педесет години подоцна, Русија во бегство од културната еволуција на Западот се принуди себе да побара детант со Кина, од која пак ќе се роди – нешто, се надева Москва. Кинескиот претседател таквото поместување ќе го оцени како „невидено во последните сто години”, но пореално е да тој временски период се скрати на пола. На пет децении на турбулентни осцилации и авантури на Русија низ Европа, Азија, Блискиот исток и самата себе.
Приближувањето на Техеран и Ријад
Лидерот на Кина, Ши Џинпинг има две причини крајот на зимата да го оцени како најава за нова кинеска глобална пролет. Првата е посетата на „добриот пријател” Владимир Путин во Москва. Втората причина е изненадувачкиот дипломатски подвиг на Пекинг во помирувањете на Иран и Саудиска Арабија. Сеизмичката сила на приближувањето на Техеран и Ријад не се мереше според триумфалистичките наслови во Пекинг, туку низ зашеметените, шокирани реакции на медиумите од Западот. Првичната изненаденост беше проследена со усилби во договорот и во самиот чин да се најдат слаби точки, можни идни несогласувања, пречки на патот и генерално поенти кои ќе ја релативизираат целисходноста на трипартитната средба и договор. Која е своевиден кинески пандан, или одговор, или пак верзија на Абрахамовите акорди предводени од САД на Блискиот Исток. Суштината на дилемата е дали американските Абрахамовите акорди скроени со цел на приближување на арапскиот свет и Израел се поголем подвиг од кинеските Ибрахимови акорди за приближување на сунитскиот и шиитскиот свет на Блискиот исток? Прашањето е колку световно, толку и духовно, колку политичко толку и безбедносно, но пред сѐ, колку историски деликатно толку и футристички дистинктивно во поглед на центризмот во глобалната геополитика.
Во обата примера на Акордите, процесот е подеднакво битен колку и самиот финален резултат. Во случајот со Абрахамовите акорди, процесот беше детерминиран од зависноста на засегнатите страни од соработката со САД и доминацијата на Вашингтон во усогласување на деталите за кои јавноста беше колку толку запознаета. Процесот кој претходеше на Ибрахимовите акорди е далеку поделикатен и поболен за Вашингтон бидејќи – судејќи барем според постфестум реакциите – ниту САД ниту ЕУ немале никакви сознанија за операцијата на Пекинг на Блискиот исток. Притоа, во тој преговарачки ménage à trois бил вклучен не само еден нивни стар и близок сојузник (Саудиска Арабија) туку и другите земји во регионот (Ирак, Катар) биле запознаени и давале поддршка на процесот. Доколку САД и ЕУ биле претходно информирани, тоа е непријатно сведоштво за ефектот на влијанието во опаѓање. Доколку не биле, уште понепријатен момент на недоверба и дистанцирање на регионот од западните сојузници.
Кинескиот успех во склучување Ибрахимови акорди беше возможен поради добрите политички односи на Пекинг со Техеран и економските врски со Ријад, за разлика од дисбалансот на Западот во немање никакви односи со Техеран и одржување клиентско-примирувачки (appeasement based) односи со Ријад. Овој дисбаланс е основата на идните предизвици на Пекинг и слабоста на Западот. Имено, самиот успех на Пекинг е определен од користење на дисбалансот на односите на САД. Прашање е дали тоа ќе биде доволно за идните предизвици во надминување на историските и современите ривалства на двата соседа од Арапскиот/Персискиот залив. Анти-американизмот или заситеноста од клиентелизмот се достаточни за склучување на дипломатски односи со посредство на Пекинг. Но тоа не е ниту приближни доволно како гаранција за успешноста на Кина во надминување, камо ли разрешница на затегнатите персиско-арапски односи. Времето, а не Пекинг, ќе определи дали Кина ги надмина САД во регионот или само пак ги презеде нејзините жешки компири во свои раце.
На Путин му остана само Џинпинг
Нештата се сосема поинакви во однос на посетата на Џинпинг на Москва. Русија не е СССР ниту пак Лавров ја има комотноста на Косигин во давање предлози за глобални сојузништва. За разлика од Кина која може да се пофали со сојузништва со други земји, Русија е безмалку сведена на Белорусија, Сирија и Вулин, плус грст африкански режими кои сеуште се немаат решено дали да се приклонат кон САД или Кина. За разлика од демократиите, автократиите имаат инстинктивно попрецизен осет за насетување на алфа-мажјаштвото во националните, регионалните и глобални политики. За нив барем, пораката од Москва е сосема јасна – Џинпинг е адресата. Путин е оној со кој не сакаш да имаш ниту проблеми, но уште помалку договори за кои не може да гарантира. Притоа, по поразот на Трамп, на московскиот водач му е сосема јасно дека стремежот на Брежнев и желбата на Косигин е неповратно замината во историјата. Преостанува само другарот Џинпинг.
Сепак, треба да се има резерви во однос на оценките дека Русија е сега во подредена, речиси вазалска поставеност кон Кина. Во таа пресметка, единствената стабилна и одржлива констатација е Кина. Но не и поставеноста на Русија. Поупатно е да се каже дека односот на Џинпинг кон Путин, или на Кина кон Русија, е сличен на оној на Рамзан Кадиров кон Владимир Путин, или пак на Русија кон Чеченија изграден врз лични, клановски, осветнички и отпаднички мотиви, но не и национални стратегии или интереси. Евидентно, Владимир Путин е согласен со таа редукција на сопствената визија од глобален лидер на регионален каган како спас за сопственото владеење. Но дали и Русија е согласна со таквиот свршен чин на легнување во ионака до колена скратената прокрустова постела? Молкот сегашен не е репер за финална оценка. Стравот од Путин не може да биде подолготраен и помоќен од вековно конструираниот и систем(ат)ски вградуваниот менталитет на национална или расна супремација или пак религиски патос. Путин е принуден да се сведе на Каган, но дали Русите се согласни да бидат сведени на, па, Русистан?
Понудата на Џинпинг кон Русија ионака не се разликува стратешки побитно од претходните гаранции и договорот со Украина од 2014 година или гаранциите, договорите и односите со земјите од Централна Азија. А основата на тој пристап и односи се сведува на зачувување на поредокот, територијалниот интегритет, политичката самостојност во орбитата на Пекинг и не толку економскиот суверенитет во однос на Кина. Во основа, надворешно-политичка верзија на внатрешно-политичката прагма на црн-мачор-бел-мачор битно лови глувци, но сега во клонирана верзија на суверен мачор под заштита на Кина.
Русија под трескавицата на големото прашање Украина (и големиот брат Владимир Владимирович) засега и принудно ќе биде молчаливо согласна со подредената улога во сојузништвото на Џинпинг и Путин. Сѐ додека не стигне цената на малите прашања од економијата, социјалата и престижот кои како мравки ќе го нагризат чувството на самостојност. Од тој час понатаму, Русија и русите ќе бидат исправени пред две опции: независноста на евро-континентална Русија во традицијата на европскиот дух на национална држава или пак пристапување на изградба на некаква нова Уралско-Сибирска Унија по моделот на Европската Унија, во која Русија би можела да биде некаква зад-карпатска, мотор-движечка Германија. Но далеку позависна од Кина отколку што е Германија или Европа од САД.
Она што е евидентно, и однапред предвидливо, е дека Кина почнува да ги чувствува последиците на застојот на нејзината Појас и Пат стратегија поради војната во Украина. Војна од која зависи судбината на Путин колку што зависи и економијата на Џинпинг, но во обратна насока. Нервозата во Пекинг е очигледно сѐ уште во портокалова фаза која вклучува и обиди и усилби за уважување на мотивите на Путин за војување со прескапа руска цена во крв. Сепак, економските банковни потреси може да го забрзаат преминот од портокалова кон црвена фаза на ургентна потреба за ставање крај на војната при што Пекинг ќе има далеку помалку трпение и желба да се уважат експанзионистичките мотиви на Путин. А тогаш, Путин ќе треба да замине во возвратна посета на драгиот пријател Џинпинг. Дури и ако затреба да – како своевремено другарот Мао во посета на другарот Сталин - почека недела дена на прием.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.