Во Катар машката хомосексуалност е кривично дело и предвидува казна до 7 години затвор. Што се однесува до жените, хомосексуалноста не е воопшто земена предвид, затоа што на жените не им е препознаена никаква сексуална сфера која не е концесија на мажот, на патерналистичкиот тутор, на машката фигура која одлучува дали жените смеат да учат, патуваат, да работат или да управуваат возило.
Никој не очекуваше дека светската фудбалска федерација, најголемата наднационална организација, една економија од 29 милијарди евра и 211 членки (повеќе и од ООН-193), треба да ја менува културата, менталитетот и религиозните прописи на еден народ или цели нации. Но, една работа станува и повеќе од сигурна - ФИФА можеше и требаше да не дозволи деспотски и автократски режими да добиваат организација на светско првенство, како што во 2018-та го доби и Русија, за потоа да го користат настанот за самопромоција и „sportwashing“.
Да не го доделеше Светското на Катар, ФИФА ќе можеше да ја избегне смртта на илјадници работници-мигранти. Точната бројка никогаш нема да се утврди, но благодарение на истрагите на „Гардијан“ и „Њујорк Тајмс“ во Непал и Пакистан, како и на организации како Хјуман рајтс воч и Амнести Интернешнал, знаеме дека се работи за приближно 7 илјади мртви мигранти поради лудилото за организирање на Светско првенство во пустина, во земја без фудбалска традиција и каква било спортска инфраструктура. На оваа бројка треба да додадеме уште десетици илјади работници кои се тешко повредени, разболени или сведени во состојба на полуропство.
Доделувањето на Светското на Катар во 2010 година, според детална реконструкција на „Њујорк Тајмс“, беше еден од најмакроскопските случаи на корупција, нешто што е потврдено и од прислушувани разговори. Речиси сите учесници во тој процес беа под истрага, голем дел се под обвинение, отпуштени и избркани од своите позиции, додека десетина раководители се уапсени. И самиот Инфантино заборава дека сѐ уште е под истрага за случајот Платини.
Тирадата на Инфантино
Секако,на Катар и на ФИФА им одговараше да се бранат со инфантилното тврдење дека критиките се само уште една форма на хипокризија и културен расизам на Западот. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино во стилот на Трамп перфидно ќе ја испреврти логиката: „Мислам дека за тоа што ние, Европејците, го правевме последните 3.000 години треба да се извинуваме во следните 3.000 години пред да почнеме да даваме морални лекции на луѓето. Денеска се чувствувам Катарец. Денеска се чувствувам Африканец, хомосексуалец, мигрант“.
Инфантино во одбрана на неодбранливото одржа тирада од 56 минути пропратена со ретко лош вкус, кога сите знаеме дека Светското беше купено, најверојатно како и самиот претседател, кој веќе една година со семејството живее во Доха, и така си обезбеди нов мандат без конкуренција. Речиси сите светски весници ја исмеаја ароганцијата на Инфантино, која Џејсон Барт од „Телеграф“ генијално ја сублимираше како: „Gianni Infantino had his trumpian moment“.
Инфантино се обрати како говорот да му е напишан од катарските власти, каде свесно одигра на картата да ја подели и владее Европа, додека му се „додворуваше“ и го бранеше арапскиот свет, водејќи еден вид на културна војна, како што прецизно ќе нотира Амнести Интернешнал. Инфантино се обиде да ја изолира Европа и нивните федерации, затоа што одлично знае дека Европа во догледно време нема да биде организатор на Светско првенство. Одлично знае од кого му зависи реизборот и каде му лежи лојалноста.
Инфантино се повика на аргументот дека не сака да се мешаат спортот и политиката. Но, тогаш што бараше да оди на Г-20 самитот во Бали, каде апелираше за прекин на огнот во Украина? Ако авионот на полската репрезентација е придружуван во Доха од два воени ловци, тогаш што повеќе да се објаснува?! Барањето „фудбалот да не се турка во каква било политичка или идеолошка битка“ е само празна флоскула кога ФИФА самата е дел од влијанијата на меѓународната политика и на крајот секогаш завршува како функционална кон политичката стратегија на земјата организатор.
Претседателот ќе додаде и дека ФИФА не замолчува никого, за потоа да ја забрани намерата на седум репрезентации, Англија, Велс, Белгија, Холандија, Швајцарија, Данска и Германија, кои сакаа да истрчаат на теренот со капитенската лента на „Една љубов“. Лентата имаше срце со шарени пруги и натпис„Една љубов“- знак против хомофобијата, антисемитизмот и расизмот и за човековите права, и која од страна на ФИФА и Катар беше оцената само како поддршка на ЛГБТКИ+ движењето.
Бедна капитулација
Англија која гласно го најавуваше појавувањето на капитенот Хери Кејн со спорната лента, се откажа од намерата, уплашена од спортски санкции, како на пример жолт картон. Седумте европски фудбалски асоцијации имаа шанса да се спротивстават на самоволието на ФИФА и Инфантино, но наместо тоа - бедно капитулираа. Сите испаднаа комформисти, освен донекаде Германците, каде капитенот Нојер ја носеше лентата покриена, додека целиот стартен тим на ритуалната слика пред натпреварот си ги покри устите во знак на протест. Германија во Катар наликуваше како од времето на Гете, романтична и бунтовна, способна да фасцинира, а не само да командува со својата сметководителска ригорозност. Изгубија на терен, но ги освоија симпатиите на светот.
Најхрабриот момент, достоен да влезе во книгите по историја, го одржаа иранските фудбалери, кои одбраа да не ја пеат химната во знак на протест против режимот на ајотоласите и како поддршка за протестите пос убиството на Махса Амини поради неправилно носење на хиџабот. Иранците дома ризикуваат затвор или полошо, сите други се уплашија од жолти картони. Во Иран се умира за слободата, како и во Украина, во Русија и во Кина се завршува во затвор, додека фудбалските асови се уплашија од жолти картони!
Замислете Кејн и Англиската федерација да покажеа пркос, дали навистина судијата ќе беше толку сервилен кон своите шефови? Најверојатно да, но ако потоа им се придружеа и другите репрезентации, зарем ФИФА навистина ќе имаше храброст да ги исклучи најголемите фудбалски ѕвезди, пред очите на милијарди гледачи?! Моралната храброст е ретка материја, Иранците покажаа дека ја имаат, Англичаните и другите не, па дури и нивното коленичење против расистичкото насилство овојпат делуваше патетично.
Да се разбереме, никој не е безгрешен и не може да се мисли дека големите спортски настани ќе се доделуваат со некаква дозвола само на земји кои ги почитуваат човековите права и граѓанските слободи. Но, некои случаи се пострашни од други и прават поголемо зло отколку добро. Како Олимпијадата во Сочи, која чинеше 50 милијарди, која предизвика еколошка катастрофа и му послужи на Путин да го легитимира режимот. Популарноста на Путин беше највисока на крајот на Олимпијадата и не случајно, инвазијата на Крим започна само 4 дена по завршување на Игрите. Истото важи и за Светското првенство, кое ѝ беше доделено во 2018-та од актуелното раководство на ФИФА, а Инфантино доби и медал од Путин кого сѐ уште некаде го крие.
Изблици на морална храброст
На 16 октомври 1968 година, на Олимписките игри во Мексико Сити, од пиедесталот за 200 метри, американските тркачи Томи Смит и Џон Карлос, ќе салутираат со затворена тупаница и без обувки, во знак на протест против репресијата на движењето за еднаквост во САД. Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Американецот Ејвори Брендиџ, ќе нареди Смит и Карлос да бидат избркани. Олимпискиот комитет на САД ќе се спротивстави, по што Брендиџ ќе се закани со дисквалификација на сите американски атлетичари. На крајот, само авторите на историскиот гест ќе платат цена, завршувајќи како жртви на дискриминација, смртни закани, семејни драми и депресија. Гестот на „Black Power“ се претвори во универзален поздрав и врвен политички став за човековите права.
На 22 јуни 1978-та, четврток, сите светски новинари се наоѓаат во Буенос Аирес, каде во недела треба да се одржи финалето на Светското првенство помеѓу Аргентина и Холандија. Како и секој четврток, така и тој ден, претседателката на аргентинското граѓанско движење „Мајки од Плаза де Мајо“ , Хебе де Бонафини (почина во недела на 93 години), се наоѓа на плоштадот со својата препознатлива шамија на главата во форма на триаголник, како платнените пелени за своите два сина, пред режимот на воената хунта да ги уапси, мачи или фрли од авион во отворено море. Генералот Хорхе Видела, диктаторот, ќе изнајми американска ПР-агенција за да извлече што поголема репутација и легитимација за својот режим од спортскиот хепенинг. Целиот свет ќе ја слави Аргентина, додека во озлогласената ЕСМА, школската зграда за поморство, мачителите ги отвораат стомаците на бремените девојки и ги подаруваат нивните деца на сопругите на воените старешини.
- повеќе од авторот: Зеленски како заталкана ракета не ја разбра суштината на НАТО
Никој не зборува за импровизираниот затвор, за тортурите и за диктатура од која околу 30.000 луѓе се водат за исчезнати. Видела секоја недела ги испраќа „las barras bravas“, навивачките хулигани, да ги бркаат мајките од Мајскиот плоштад, но кој може да уплаши мајка која не знае каде ѝ се синовите?! Светот ќе ужива во спортската манифестација, а Видела ќе си купи уште 3 години владеење, пред режимот конечно да падне во 1983-та.
- повеќе од авторот: Почнува пост-Трамп ерата
40 години подоцна, емиратот кој е колку половина Македонија, 92% пустина, 300 илјади жители и 2,6 милиони мигранти/работници/робови, го организира Светското првенство во фудбал, како земја без фудбалска традиција, која потроши 220 милијарди и обезбеди милијарда профит за ФИФА. Не се почитуваат никави човекови права или граѓански слободи, владее шеријатскиот закон.
Овие два настани, како и актуелното Светско првенство, нѐ потсетуваат на ретките изблици на морална храброст, но и на комформизмот кој владее кај моќните. Да се надеваме дека ќе се извлечат поуки и дека во иднина нема да има деспотски формати на светски спортски настани.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.