Кога делови од ракета во вторникот вечерта (15.11) погодија полско село на границата со Украина, при што загинаа две лица, целиот свет на момент остана без здив затоа што се чинеше дека земја членка на НАТО, Полска, можеби била нападната, нешто што би отворило пат кон тотален судир и Трета светска војна.
Полска набрзо ќе ја подигне воената готовност на највисок степен, балтичките земји ќе ја следат во осуда на Русија, НАТО ќе потврди дека е спремен да ја брани секоја педа од територијата на Алијансата, но и ќе повика на смиреност, бидејќи околностите не беа целосно јасни. Полска го активираше членот 4 и сите очекуваа или стравуваа дека по консултациите ќе биде активиран членот 5 од Северноатлантскиот договор.
Неколку часа подоцна, можноста дека се работи за целен руски напад прво се оцени за малку веројатна, а потоа и дека е погрешна проценка. Првичните анализи укажуваа дека се работи за проектил од Украина употребен во противвоздушна одбрана, кој случајно паднал над Полска. Почнува да преовладува теоријата дека станува збор за несреќен инцидент.
Меѓу првите кои пробаа брзо да го изгаснат огнот беше американскиот претседател Џо Бајден, кој излезе со порака дека ракетата најверојатно не е истрелана од Русија. Претседателот на Полска, Анджеј Дуда изјави: „Апсолутно ништо не укажува дека се работи за намерен напад врз Полска." Истото го потврди и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој изјави: „Немаме никакви докази дека се работи за намерен напад“.
Тоа што е важно и што може да се заклучи од ваквите реакциие дека ниту Русија, ниту Полска, ниту САД, немаат никаква волја да започнат Трета светска војна. Единствениот чинител кој ни во еден момент не се закочи и не излезе од својата верзија на настаните беше украинскиот претседател Володимир Зеленски кој инсистираше: „Ова е руски ракетен напад врз колективната безбедност!" и тврдеше дека проектилот дефинитивно не е украински.
На Вашингтон не му се допаѓа притисокот на Зеленски
Москва ќе изрази редок комплимент и пофалба до Бајден за смирената реакција, за „разлика од некои други земји“, додека Столтенберг ќе потсети дека одговорноста останува на Русија, затоа што Москва продолжува бесмилосно да бомбардира цивилни мети на територија на Украина, најчесто и на локации премногу блиску до полската граница.
Позадината на целиот вторнички инцидент говори за Бајден кој бил „бесен“ на својот сојузник Зеленски, затоа што тој од старт го осуди „ракетниот тероризам“ на Москва. Затоа и кога ќе започне истрагата кај полското село Пжеводов, регион блиску до главната локација од каде влегуваат 2/3 од странското оружје за Киев, на Украина ќе ѝ биде одбиено барањето да учествува. Во меѓувреме, началникот на здружениот генералштаб на американската војска, Мајк Мајли, ќе се обиде да воспостави линија со рускиот командант Виктор Герасимов, но не успева. Никому во Вашингтон или Пентагон не му се допаѓа притисокот на Зеленски врз НАТО дека треба да се интервенира. Пораката од сојузниците е цело време истата: треба да се спречи ескалацијата, а не да се провоцира. Мора да се настојува на преговори, со помош ако може и на „генералот Зима“.
Однесувањето на САД и Русија воопшто не изненадува во случајот. Нивните функционери веќе со денови и дури преотворено обелоденуваат детали за средби помеѓу директорот на ЦИА, Вилијам Барнс со руските претставници предводени од Сергеј Наришкин, првиот човек на руската разузнавачка агенција СВР. Формално Барнс престојувал во посета на Анкара со цел да го предупреди првиот човек на руската агенција за надворешно разузнавање, на последиците од потенцијалната употреба на нуклеарно оружје во Украина, но јасно е дека станува збор и за обид да се стабилизира ситуацијата со цел да се отворат формални преговори. Како што е сигурно дека Москва деновиве ги интензивираше ракетните напади со цел да ја примораат Украина на важни концесии во однос на програмата од 10-те точки кои Зеленски ги изнесе како неопходен предуслов за мир и ги презентираше на Г-20 Самитот во Бали. Оттука, најмалку што Вашингтон во овој момент посакува е дополнителна ескалација или контрирање од украинскиот сојузник, чија судбина е нераскинливо врзана за американската поддршка.
Несогласувањата помеѓу Вашингтон и Киев излегоа на виделина
За жал, во овој случај несогласувањата помеѓу Вашингтон и Киев мораа да излезат на виделина. Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, го оспори и демонтираше коментарот на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој изјави дека ракетата што падна на полска територија не е украинска. Инсистирачкото барање на Киев да се дејствува против Москва сериозно ги изиритира САД и голем дел од европските канцеларии. Одбивањето на Зеленски до последен момент да ја прифати најплаузибилната теза и веќе јасна позиција на Западот, воопшто не беше оценето како разумно од страна на владите кои воено ја помагаат нападнатата земја.
Еден исечок во „Фајненшел Тајмс“ јасно го доловува разочарувањето кое владее меѓу евроатлантските дипломати: „Станува смешно. Украинците ја уништуваат нашата доверба во нив. Никој не ја обвинува Украина, а сепак отворено лажат. Ова е дури и поразорно од ракетите.“
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг ја исклучи можноста за воведување на „no-fly zone“ во Украина, со цел да се спречи прелетот на дронови и руски авиони над Украина. Западот формално останува настрана и надвор од воениот конфликт, најмногу со цел да избегне каква било ескалација која би довела до директен судир помеѓу двете нуклеарни суперсили.
Русија, од своја страна, ќе продолжи со „ледената и смрзнувачка“ стратегија додека зимата е пред врата, а во Киев веќе падна првиот снег. Гаснењето на струјата, светлото и греењето за добар дел од украинската популација, може да биде еден од начините за Украинците да се присилат на преговори, кои пак од друга страна сакаат да освојат што поголем дел од окупираните територии и да го искористат моментумот додека Русите воено се мачат и нивните трупи се со низок морал.
Валери Залужни, началник на генералштабот на украинската армија, беше кристално јасен и директен со американскиот врховен генерал Мајк Мајли, кој после освојувањето на Херсон ги покани Украинците да почнат преговори за прекин на оганот: „Ќе се бориме до изнемоштеност, додека не снемаме сили. Нашата цел е да ја ослободиме целосната територија на Украина. Војниците нема да прифатат преговори, договори или компромиси“.
Опасно загрозена доверба
Тоа што Залужни заборава да го каже е дека за остварување на тие цели, украинската војска во наредните години ќе мора да има пристап и до евроатлантското вооружување и до западната финансиска помош. Довербата е неопходен предуслов за надежта дека ќе се обезбеди таквата западна поддршка, доверба која Зеленски со последниот „ракетен инцидент“ опасно ја загрози.
Настрана Украина, важно е дека сите останати чинители во овој случај ја избегнаа реторичката и практичната ескалација. Русија може да се залажува дека нејзината инвазија е специјална операција, но секако не може да се залажува себеси дека ќе ја нападне Полска преку итроштина или измама. Овојпат зборот на Путин издржа и неговиот демант дека ракетата не тргнала од Русија беше затоа што и навистина не тргнала. Меѓу другото и затоа што да се бомбардира членка на НАТО додека првите луѓе на ЦИА и руската СВР разговараат во Анкара, би значело потопување на секоја надеж за преговори со САД, односно, единствениот непријател кој не е вистински заинтересиран да ја понижи и уништи Русија во Украина.
- повеќе од авторот: Почнува пост-Трамп ерата
Доколку од друга страна целта на Вашингтон беше да ја обвини Москва за одговорноста за судир помеѓу неа и НАТО, тогаш подобра и почиста прилика од оваа во вторникот тешко дека некогаш повторно ќе се појави. Напротив, и Пентагон и Стејт Департментот, веднаш одбраа да купуваат време, да чекаат. Тоа време секако им послужи за да воспостават контакт со сите релевантни страни и јасно да се информираат за динамиката на настаните, со цел да не се отиде подалеку од повикување на членот 4. Од друга стана, за Полска ќе беше мошне некорисно да го потроши својот политички капитал и да се повика на членот 5 без дозвола или консензус од страна на САД.
- повеќе од авторот: Доктрината Суровикин ја маскира слабоста на Путин
Суштината на НАТО
Всушност, и во овој инцидент се покажа корисноста и суштината на НАТО, која се базира на трансатлантската солидарност, односно на американската заштита на нејзините европски сојузници. И токму долгиот век и цврстината на овој пакт се одржува на фактот дека ниту сојузниците ниту непријателите немаат докрај волја да ја тестираат цврстината и верноста на таквата солидарност. Суштината на НАТО е да одржи мир, да превенира војна, а не да учествува во нејзино предизвикување или разгорување.
Настрана некоја идна руска автолезионистичка ескалација против Полска или балтичките држави, американските повици за смиреност и деесакалација треба да се слушаат и следат од сите сојузници. За Украина пак, која и покрај американската и европската воена и финансиска помош се бори за преживување, владеат некои сосема поинакви логики, но логики кои може да ја остават и без тоа што веќе го има. Зеленски не ја разбра суштината на НАТО.