1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Камерите пристигнаа, дали и Пендиков?

28 февруари 2023

Денеска треба да почне судењето за нападот врз Христијан Пендиков, случај кој предизвика големи дипломатски тензии меѓу Софија и Скопје.

https://p.dw.com/p/4O3TD
Охрид денеска ќе биде во центарот на вниманието на бугарските и македонските медиуми
Охрид денеска ќе биде во центарот на вниманието на бугарските и македонските медиумиФотографија: DW/K. Delimitov

Со големо внимание во бугарската јавност се очекува почетокот на судската постапка за нападот врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков, кој на 19 јануари беше претепан во Охрид, како што изјави, заради неговата бугарска самосвест. Уште од вчера во Охрид се присутни медиумски екипи од соседна Бугарија, кои во директни вклучувања во информативните емисии потенцираа дека токму еден ден пред почетокот на судењето за случајот Пендиков, Основниот суд во Охрид бил мета на дојава за поставена бомба. Вчера објектот на судот беше целосно евакуиран, а по проверките полицијата утврди дека станува збор за лажна дојава.

Доколку денот помине без слични дојави, во 9 и 30 часот треба да започне рочиштето за случајот во кој на Пендиков му беа нанесени тешки телесни повреди. Осомничени се две лица - едно од Охрид, и друго од Битола. И.С.(24) од Охрид на 22-ри февруари излезе од притвор, а истиот ден беше приведен вториот осомничен напаѓач врз Пендиков, битолчанецот Б.А. (23), за кого Обвинителството побара привремено одземање на патна или друга исправа и обврска да се јавува на секои 7 дена на определено службено лице или надлежен државен орган.

Инцидентот, кој  веднаш го осудија и македонскиот и бугарскиот државен врв, предизвика дипломатски тензии меѓу Софија и Скопје, кои беа проследени со повици и закани за блокирање на преговорите на РСМ со ЕУ. 

Христијан Пендиков е секретар на бугарсјуит клуб во Охрид „Цар Борис Трети“
Христијан Пендиков е секретар на бугарсјуит клуб во Охрид „Цар Борис Трети“Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

ОЈО чека одговор

Основното јавно обвинителство Охрид претходно најави дека ќе се обрати до надлежните органи во Република Бугарија за да ја обезбеди адресата на сегашното тамошно престојувалиште на Пендиков, бидејќи за правилно утврдување на фактичката состојба ќе биде неопходно и оштетениот да учествува во постапката пред обвинителството во својство на сведок. Обвинителството има потреба од оштетениот во рамките на постапката која се води против второто осомничено лице, но сѐ уште се чека одговор на барањето што ОЈО го упатила преку инструментот за меѓународна правна помош. Иако постапката може да се води и врз основа на други обезбедени докази, од ОЈО велат дека во правен интерес на оштетениот е да се вклучи во постапката со цел побрзо и поефикасно прибирање на доказите.

Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, по инцидентот со авион на бугарската влада беше пренесен на лекување во Воено-медицинската академија во Софија. По лекувањето од бугарските власти таму доби платено сместување, надомест за трошоци, лично обезбедување, ветена помош за негово студирање, како и најава дека во најбрз можен рок ќе добие бугарско државјанство. Откако ја напушти болницата, Пендиков беше примен од претседателот на Бугарија, Румен Радев, во претседателскиот кабинет. Како што тогаш соопшти кабинетот, „претседателот Радев ја поздрави мајката на Христијан Пендиков за тоа што одгледала достоен син, а Христијан - за неговата смелост да го одбрани своето бугарско име“.

За достојниот син има пријава која му претходи на инцидентот, кога при личен претрес кај Пендиков било констатирано неовластено поседување на наркотична дрога во помали количини (0,3 грама кокаин) и по таа пријава во тек е постапка во која се истражуваат околностите. Ваквиот аспект не беше во фокусот на бугарската јавност, ниту неговите ставови на социјалните мрежи, каде Пендиков по разни поводи објавувал дека „е на браникот на Македонија“ или изјавува „немам македонски пасош, а не дај Боже бугарски“.

Бугарскиот претседател Румен Радев го прими Христијан Пендиков во својот кабинет во Софија и го пофаи за неговата смелост
Бугарскиот претседател Румен Радев го прими Христијан Пендиков во својот кабинет во Софија и го пофаи за неговата смелостФотографија: Presseamt des Präsidenten

Чита и се интересира

Денеска наративот е сосема поинаков.

„За жал, во Северна Македонија е нормално да те тепаат, пцујат, стрелаат, затоа што си Бугарин, а од полицијата ништо да не преземаат", рече пред две недели Пендиков во интервју за БТВ.

„За да си македонски Бугарин, едноставно треба да се осознаеш. Во Македонија учиме изменета, лажна историја, во која Бугарите се фашисти, Татари. По читање на светската историја, по читање за ВМРО и каква е историјата, се осознав (...) Ние учевме таква историја, дека само Србите ни се браќа а сите други сакале нешто лошо да и се случи на Македонија", изајви Пендиков.

Запрашан околу ваквите изјави, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за Макфакс изјави: „Би го повикал Обвинителството, исто како што сме го повикале и во најновите случаи сега, секаде каде што има говор на омраза, омаловажување на нашиот народ и на достоинството, да си ја сработи својата работа. Пендиков не треба да биде исклучок".

Како македонски Бугари гледаат на овој случај? Владо Тренески, заменик претседател на Здружението „Интеракција" во интервју за Факти.бг. вели дека „во Северна Македонија има процес на будење на бугарското".

„На луѓето од власта, на србокомунистите им се смрзнува крвта од млади како Христијан Пендиков, од тој тип на катарза и сакаат да го сосечат до корен (...) Млади почнуват да се интересираат за националното, патриотизмот, родољубието. И тие почнуваат да копаат, да читаат, да ја гледаат историјата, затоа што денес има доволно информации. Денес таа младина допира до Тодор Александров, до Ванчо Михајлов, побрзо, послободно и поточно. Таа младина ќе разбере дека треба да си Бугарин, за да си најдесен македонски патриот. Тоа е и проблемот на Христијан - дека чита и се интересира“, вели Тренески.

Според него, сите оние кои на пописот во РСМ се изјасниле како Бугари, и оние кои кажале дека имаат бугарско државјанство, заслужуваат орден „Стара Планина“.