Претседателот на клубот во Битола: Бараме заштита од ЕУ
30 јануари 2023„Ниту сме му запалиле на некого нешто, ниту сме скршиле прозорци, ниту пак сме нападнале некого. Ем не напаѓаат, ем ние сме на крајот виновни“, со овие зборови Љупчо Ѓоргиевски претседателот на бугарскиот клуб во Битола„Иван Михајлов“ ја коментира тензијата која што се случи во Северна Македонија по инцидентот и тепачката во Охрид. Ѓоргиевски во очекување на повикот од Брисел, каде деновиве се надева на средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, за Дојче веле најавува со кои позиции и барања македонските Бугари ќе седнат на заедничка маса во високиот функционер на ЕУ.
„Бараме заштита“
„Одиме со надеж дека европските институции ќе не сослушаати ќе изнајдат механизми за да не заштитат, но и да престане говорот на омраза кој може да се слушне и од страна на политичарите во земјата“, вели Ѓоргиевски, кој тврди дека поради неговата определба како Бугарин со години наназад не се соочувал со никакви проблеми ниту притисоци.
Тензијата зачестила изминатиот период, кога тие се чувствуваат дека биле втурнати во вителот на политичките пресметки во Северна Македонија. Изјавите на дел од политичарите, бројните дезинформации во медиумите - сето тоа вели дека ја подгреало ситуацијата, која што ескалираа со постојани закани и притисоци кон нив. Тврди дека и самиот често е жртва на вербални провокации во Битола, но дека секогаш гледа со смиреност да возврати на нив.
„Не сакаме инциденти - тие не му одат на никого во прилог. Доволно е човек малку да изреагира неразумно при такви провокации и веќе да се случи поголем инцидент“, дециден е Ѓоргиевски.
„Не одиме кај Путин, туку во ЕУ“
Тој е дел од делегацијата која што е најавено дека ќе оди на средбата со Вархеји, заедно со Петар Колев и Георги Трендафилов од Граѓанско-демократската унија (ГДУ). Бугарските медиуми известуваат дека средбата била побарана поради „институционалната омраза и системската дискриминација“. Во писмото кое го испратиле до Вархеји тие се пожалиле дека во нивната татковина нема желба за дијалог со нив од страна на локалната и централната власт.
„Секојдневната стигматизација на нашата бугарска заедница и неможноста за воспоставување дијалог со локалните и централни власти создаваат предизвици за нашата заедница кои често ги надминуваат нашите индивидуален и колективни можности. Искрено се надеваме дека дијалогот со вас ќе придонесе за намалување на секојдневниот притисок врз нас – граѓаните на Република Северна Македонија кои не се плашат, и покрај ризикот од дискриминација и говор на омраза, отворено да ги бранат нашето македонско-бугарско наследство и идентитет“, се наведува во писмото.
Ѓоргиевски вели дека во медиумите се создава погрешна слика дека членовите на бугарските клубови се против интеграцијата на земјата во ЕУ, а ги револтира и тоа што им се лепи етикета дека во заднината на судирот се руски интереси.
„Се води агресивна кампања против нас, што е страшно. секаде сме подложени на притисоци, напади, закани. Ние не одиме во Москва кај Владимир Путин да бараме помош, туку во Европската Унија, затоа што иднината на земјата ја гледаме таму. Зошто би оделе во Европа, ако сакаме руска помош, како што не обвинуваат некои?“, вели Ѓоргиевски.
Која е вистината?
Средбата доаѓа откако на 19 јануари во Охрид беше претепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“. Тој во моментов се лекува во болница во Софија каде му беше извршена операција на вилицата. Ѓоргиевски вели дека 21- годишниот Пендиков бил опериран од тројца доктори од Франција, а се соочува и со повреди на градниот кош, кичмата и ребрата.
Во меѓувреме во јавноста се појавија информации дека Пендиков не е бугарски државјанин, туку еден од напаѓачите. „Господинот кој беше нападнат во Македонија не е бугарски државјанин. Тој се дефинира себеси како личност со бугарска самосвест. Бугарија пред сè мора да ги заштити своите граѓани. Меѓутоа, еден од оние што го нападнаа е бугарски државјанин. Зошто да не зборуваме за него? Што правиме во врска со него?“, запраша пратеникот од Продолжуваме со промените и поранешен министер за иновации Даниел Лорер за бугарската Нова ТВ.
Ѓоргиевски вели дека ваквите обвинувања се засноваат на шпекулации. „Не знаеме кои се напаѓачите на Христијан. Можам само да кажам дека тој се декларира како Бугарин и кандидат е за бугарски документи. Пендиков не нападна никого - тие го нападнаа него“, дециден е претседателот на клубот „Иван Михајлов“.
Во однос на обвинувањата дека Пендиков бил близок до ВМРО-ДПМНЕ, нашиот соговорник вели: „Сите некогаш сме биле блиски до некоја партија“.
Ѓоргиевски неодамна беше повикан во битолското обвинителство за расизам и ксенофобични дејствија, поради содржини објавени на социјалните мрежи. Битолското здружение, како и тоа во Охрид, се очекува да постапат по препораките на надлежните органи и Комисијата за дискриминација и да ги отстранат сите спорни содржини во програмата и статутот, но пред се да ги променат спорните имиња коишто предизвикаа лавина реакции во јавноста.