1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се мотивите за инцидентот во Охрид?

ДТЗ
20 јануари 2023

Додека Бугарија во инцидентот гледа политичка заднина, во Северна Македонија се погласни се информациите дека учесниците во тепачката имаат историјат на инциденти и претходни недоразбирања

https://p.dw.com/p/4MVSM
Цар Борис трети Охрид
Кои се мотивите за инцидентот во Охрид?Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Полицијата приведе тројца охриѓани осомничени дека во четвртокот (19.01)  физички го нападнале 21-годишниот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид. Инцидентот започнал во угостителски објект во Охрид, а потоа и надвор од објектот. Секретарот веднаш бил пренесен во охридската болница каде што му констатирале тешки телесни повреди. Надлежен обвинител побара притвор за еден од напаѓачите. Според досегашните сознанија, тој во кафе-бар во Охрид, пристапил до маса на која седел нападнатиот, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите „не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил. Неколку часа подоцна, Пендиков излегол од кафе-барот по што бил пресретнат и нападнат. 

 

Додека Бугарија во инцидентот гледа политичка заднина, во Северна Македонија се погласни се информациите дека учесниците во тепачката имаат историјат на инциденти и претходни недоразбирања, кои што немаат никаква поврзаност со политика.   

Во меѓувреме, секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети" кој беше претепан во Охрид, со авион „Фалкон" на бугарска влада ќе биде пренесен на лекување во Софија. Според бугарските медиуми, наредбата ја дал привремениот премиер на Бугарија. 

Пораки со осуда 

Претседателот Стево Пендаровски упати повик до надлежните институции да спроведат истрага за инцидентот. Тој го осуди нападот на секретарот на клубот и порача дека треба да се утврдат сторителите и да понесат соодветна одговорност. 

„Го осудувам нападот врз секретарот на клубот на бугарската заедница во Охрид, Христијан Пендиков. Ги повикувам надлежните институции да спроведат брза и темелна истрага, со соодветна одговорност и санкции за сторителите“, напиша Пендаровски на Фејсбук. 

Румен Радев  Стево Пендаровски
Румен Радев и Стево Пендаровски го осудија нападот во ОхридФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Претходно осуда за инцидентот во Охрид упати и претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој најави дека на шефовите на држави и влади во Европската Унија, европските институции и Советот на Европа уште еднаш ќе им го предочи прашањето за почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија.

Радев вели дека нападот на секретарот на бугарскиот клуб е пример за систематско кршење на правата на Бугарите во земјава, што категорично го осуди.

„Декларираните амбиции за членство на Република Северна Македонија во ЕУ и преземените заложби за реформи и зајакнување на демократските норми во земјата се во спротивност со реалноста во која живеат Бугарите кај нашиот југозападен сосед“, порача бугарскиот претседател на Фејсбук.

Поради инцидентот, бугарското Министерството за надворешни работи ѝ врачи протестна нота на амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска. Осуда за нападот упати и делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјата која очекува властите да го истражат случајот.