1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново име или забрана за бугарските клубови во Охрид и Битола

ДТЗ
3 ноември 2022

„Ваквата одлука е контра европските аспирации на државата. Не сме ниту паравоена, ниту милитантна организација“, велат од бугарските културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/4J0J8
Süd-Balkan-Reise Minderheiten in Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/F. Schmitz

Бугарските културни клубови „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис трети“ во Охрид се затекнати од одлуката на македонското Собрание со која се отвара вратата за нивно згаснување доколку за три месеци не ги променат спорните називи на клубовите. Еден ден откако власта и опозицијата во Собранието со здружени сили и 67 гласа „за“ ги донесе измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации по скратена постапка, претседателот на клубот во Охрид, Томе Блажевски за ДВ вели дека допрва ќе се консултираат за понатамошните чекори коишто ќе ги преземат,  по најавите дека може да бидат згаснати.

„Рано е се уште, немаме донесено одлука како ќе постапиме“, вели тој. 

Од клубот во Битола, пак, се разочарани од забраната која што им се заканува доколку не го сменат спорниот назив на здружението. „Ваквата одлука е контра европските аспирации на државата“, велат од бугарските културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола за Дојче веле. Иако знаеле што ги очекува, тие сепак признаваат дека се „затечени“ од изгласувањето на законите со кои што ќе бидат опфатени и веќе постоечките, но и  клубовите коишто се во план да се отворат и во иднина, а коишто промовираат фашизам. 

протест Цар Борис Охрид
Собранието изгласа законски измени со кои што ќе бидат опфатени и веќе постоечките, но и клубовите коишто се во план да се отворат и во иднина, а коишто промовираат фашизам. Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

„Не сме паравоена или милитантна организација“ 

„Нѐ обвинуваат за фашизам, а во меѓувреме се носи одлука за забрана на културен клуб, кој ниту е паравоена организација, ниту пак милитантна структура“, реагираат од битолскиот клуб, кој изминатиот период беше мета на бројни обвинувања и напади, а на 4 јуни се случи и опожарување за што беше приведен пејачот Ламбе Алабаковски. 

Членови на клубот велат дека по најавите за законски измени, се надевале дека нешто ќе се промени во меѓувреме, особено по размислувањата коишто се појавија во јавноста дека забраните би требало да важат само за новоформираните, но не и за веќе постоечките здруженија и клубови. 

Министерот за правда, Никола Тупанчески, кој иницираше формираше на Советодавно тело за употребата на имињата, пред неколку недели изјави дека законите не треба да се применуваат ретроактивно, но дека има начини како институциите може да реагираат.

Сличен став имаше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој во телевизиска изјава рече дека измените на Законот за здруженија не треба да важат ретроактивно. 

„Треба од правен аспект да се види дали може да важат законски решенија ретроактивно. Јас не сум правник, меѓутоа потребата во рок од три месеца да се ревидираат, тоа е ретроактивно, на некој начин, важење на законот. Тука не можам од правен аспект да кажам. Од политички аспект ќе треба убаво да се анализира како ќе се рефлектира. Би сакал законот да важеше од денеска, па натаму“, изјави Османи. 

Охрид Цар Борис
Бугарските културни клубови „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис“ во Охрид можат да бидат згаснати за три месеци ако не ги променат спорните називи на клубовитеФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Стоп за фашизмот 

Партиите во парламентот, пак, вчера додадоа целосна поддршка на законските измени чија цел е да се спречи повторувањето на досегашните примери на регистрација на здруженија и клубови кои предизвикуваат несогласувања и да се обезбеди правна заштита на уставниот поредок на државата. Законските измени за здруженијата ги предложи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, додека власта побара истите такви законски одредби за важат и за партиите. 

Со тоа земјата забрани основање на здруженија, организации и партии ако програмата и целите се насочени, меѓу другото, кон поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх. Како име или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица што по кој било основа со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, како и со ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх. 

За употреба на имињата на историски личности согласност ќе дава министерот за правда, по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности која тој ќе ја формира. Во Комисијата ќе има пет члена, по еден од министерствата за правда и за култура, еден од Институтот за национална историја и двајца од МАНУ. Во преодните одредби е наведено дека сите здруженија имаат рок од три месеца да го усогласат своето име со новите одредби, а оние што нема да го сторат тоа ќе се бришат од Централниот регистар со одлука на министерот за правда, кој е должен да донесе одлука за престанок во рок од четири месеци по влегувањето на Законот во сила.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема