1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Милков во парламентот ќе реферира за Пендиков

24 јануари 2023

Вчера пред колегите во ЕУ, Милков рекол дека тензиите во РСМ почнале со усвојување законодавна репресија против бугарската заедница, што покажало консензус меѓу власта и опозицијата на антибугарска основа

https://p.dw.com/p/4Mc9U
Bulgarien Sofia Parlament Narodno Sabranie
Фотографија: nstanev/Fotolia

Сослушување на службениот министер за надворешни работи Николај Милков во врска со уште еден случај на физички напад врз Бугари и бугарски државјани во Република Северна Македонија. Вака е насловена точката на дневен ред на денешната вонредна седница на бугарското Народно собрание, на која Милков ќе говори за минатонеделниот напад врз Христијан Пендиков во Охрид, и за прашањата врз кои овој случај има импликации.

Милков за истото прашање веќе се осврнал вчера во Брисел, на првата седница што во оваа година ја одржа Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој присуствуваа шефовите на дипломатиите на сите држави членки на Унијата.

„Бугарскиот министер го информираше Советот за влошената ситуација во Република Северна Македонија во однос на граѓаните на земјата со бугарски идентитет. Акцент беше ставен на тешкиот инцидент со претепувањето на Христијан Пендиков во Охрид. Нашиот прв дипломат изрази жалење, што овој тежок инцидент е дел од многу слични со антибугарска насоченост во последните месеци. Беше нагласена потребата Скопје активно и целосно да се ангажира со заштита на правата на Бугарите во земјата и да ги исполнува преземените обврски во рамките на процесот на европска интеграција на земјата“, соопшти бугарското МНР.

Како што пренесе БНТ, Милков изјавил дека на состанокот побарал солидарност од другите држави во врска со ескалација на притисокот врз бугарската заедница во РСМ.

„Јас ги информирав колегите министри за тоа што се случи во Охрид, но во еден подолг контекст. Не станува збор само за овој инцидент, туку дека има ескалација на тензиите и ескалација на притисокот врз бугарската заедница таму. Тие започнаа со усвојувањето на една законодавна репресија против бугарската заедница и нејзиното право на здружување, што покажа, како што им кажав на колегите, забележителен консензус меѓу властите и опозицијата на антибугарска основа. Тоа е многу сериозен знак, бидејќи опозицијата и власта таму не се разбираат за редица прашања. Потоа, следеше палење на бугарскиот клуб за кој беше изречена условна пресуда, потоа следеа три напади на клубови и пукање врз еден од нив, виновниците никогаш не беа најдени. На крајот се стигна до овој случај. Овие нешта ги поставив во градација, и побарав солидарност од другите држави за да се заземе став за овие теми во некоја форма во иднина“, изјавил Милков.

Бугарскиот службен министер за надворешни работи Николај Милков и македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи
Бугарскиот службен министер за надворешни работи Николај Милков и македонскиот министер за надворешни работи, Бујар ОсманиФотографија: Ministry of foreign affairs/Republic of North Macedonia

Пендиков стабилен, атмосферата не

Од прес-центарот на бугарското Министерство за одбрана, вчера соопштија дека во Воено-медицинската академија била извршена операција на Христијан Пендиков за стабилизирање на долната вилица, извршена од специјалисти од Одделението „Орална хирургија“.

„Состојбата на пациентот е стабилна, без опасност по животот. Христијан Пендиков останува на лекување и опсервација во болницата“, се вели во соопштението.

Покрај „случајот Пендиков“, во бугарската јавност големо внимание предизвика вчерашната изјава на македонскиот претседател Стево Пендаровски. По вчерашната седница на Собетот за безбедност тој соопшти дека ќе ѝ предложи на Владата да им забрани влез во државата на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица - државјани на Бугарија, поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава.

Уште пред да биде дадена оваа изјава на Пендаровски, вчера на Фејсбук се огласи бугарскиот европратеник Андреј Ковачев. Тој го поздрави чинот на министерот Бујар Османи што дошол во посета на Пендиков и што бил еден од малкуте македонски политичари кои го осудиле варварскиот напад и прв реагирал за настанот. Но, не се согласува со неговите ставови во интервјуто за БТВ, каде Османи говорел за провокациите од бугарска странакои го повредуваат македонското достоинство.

„Знаете ли што значи тоа?! Секојпат кога некој од нас ќе се осмели да каже дека Цар Самуил, браќата Миладинови, Прличев, Гоце Делчев, Даме Груев, ВМОРО/ВМРО, Илинден се Бугари или бугарски, или дека мнозинството од населението на Македонија до пред еден век, како и јазикот на тоа мнозинство се бугарски - ние ризикуваме да бидеме прогласени за персона нон грата! Ако кажеме дека југословенската Вардарска бановина не била под ‘бугарска фашистичка окупација’ - готово, ние сме персона нон грата!“, напиша Ковачев.

Тој додава дека без промена на комунистичкото наследство, идеологијата на омраза и дискриминацијата кон Бугарите „во овој момент не може ни да стане збор за давање старт на преговори“.

„Засега“ без вето

Како што објави БНТ, не е исклучено во иднина Бугарија да го искористи правото на вето кон Северна Македонија, но министерот Милков коментирал дека „засега тоа не треба да се случува“.

При анализа на прашањето - каде се згрешило, некои бугарски аналитичари пропустот го лоцираат и во краткото опстојување на претходното вето. Според политологот Прван Симеонов, Бугарија најпрво згрешила што во првите години од независноста на Македонија, во почетокот на ‘90-тите години, долго време немала своја политика на економски и културни врски со земјата со која дели заедничка историја.

„Генерално, Бугарија оди од крајност во крајност - од целосна незаинтересираност, до речиси нуклеарно копче со ветото. Нуклеарното копче кое веќе беше притиснато, место да го држиме уште време за да даде резултат, ние го повлековме под надворешен притисок. Гледаме недостиг на долгорочна осмислена политика во однос кон РСМ“, изјави тој за Нова.

Смета дека Бугарија е многу слаба во однос на националните политики - националното достоинство, нацоналниот авторитет и националниот интерес.

„Дел од прогресивната, западна интелигенција во Бугарија, го негира националниот интерес и патриотизмот како легитимен концепт, или бара некаква апстрактна литературна замена за него, која најверојатно не постои (...) Убавите заблуди се полоши од грозниот прагматизам, затоа што убавите заблуди со себе поведуваат луѓе во ќорсокаци“, оцени политологот.