1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортЕвропа

Јирген Клоп за ДВ: Пред 500 години ќе бев дворски шут

Метју Форд
1 мај 2019

Навивачите на Ливерпул се надеваат дека Јирген Клоп ќе им ја донесе првата титула во Премиер лигата. Во пресрет на првиот дуел против Барселона во Лигата на шампионите, Клоп објаснува зошто е важно и да се губи.

https://p.dw.com/p/3HgNk
Jürgen Klopp
Фотографија: picture-alliance/PA Wire/P. Byrne

ДВ: Финале во Лига Европа во 2016, финале во Лигата на шампионите во 2018. Доколку ја победите Барселона ќе се најдете во третото големо европско финале со Ливерпул..

Јирген Клоп: Да, импресивно нели! Но ќе видиме. Барселона е доста добар тим. Гледав многу мечеви на други тимови кои играа - и губеа - од Барселона, но јас никогаш не сум се соочил со нив во официјален меч. Отсекогаш сум сакал да се тестирам себеси против нив. Но да не заборавиме, ни ние не сме баш тим од соништата за другите екипи. Не е дека другите тимови откако ќе им се падне Ливерпул си велат: Тоа е одлична жрепка, ќе ги згазиме. Ние сме доста добар тим и ќе се обидеме да освоиме сѐ.

Кој е клучот да се победи Барселона?

Мораме коректно да си ги завршиме дефанзивните задачи и да имаме храброст да ја играме нашата игра кога ќе добиеме шанса. Кога ја имаат топката, мора да бидете многу трпеливи и да не се фрустрирате. Тие ќе си додаваат во долги периоди и тоа мора да се прифати. Но потоа ќе дојдат моменти кога ние ќе ја имаме топката и тогаш мораме да бидеме огромна опасност.

UK Mohamed Salah und Jürgen Klopp
Мохаме Салах прерасна во играч од светска класа под раководство на КлопФотографија: Reuters/L. Smith

Што е поважно: да се освои Лигата на шампионите или англиската лига?

Во петок навечер, победа во Премиер лигата е поважна. Потоа во среда, победа во Лигата на шампионите е поважна. Потоа за викенд, повторно е Премиер лигата. Не можам да одлучам. Морате да го пружите најдоброто на секој меч. Но, доколку ги прашате навивачите, одговорот е очигледен: тие сакаат победа во англиската лига повеќе од сѐ друго.

Но минатата година дојдовте многу блиски до победа во Лигата на шампионите против Реал Мадрид...

Минатогодишното патешествие многу ни помогна затоа што беше тешко. Беше многу интересно искуство. Губењето е многу интересно искуство. Не е нешто што баш го посакувате, но е како многу силен лек. Доколку можете да го поднесете, може да помогне. Јас загубив шест финалиња едно по друго. Тоа не беа баш најдобрите денови во мојот живот, но и не ме уништија како личност. За мене, животот е секогаш одново да се пробува. Доколку само победниците преживуваа, тогаш сите треба да си заминеме. Се работи за искуството и како го користиме и што извлекуваме од него.

Што ве разликува од другите тренери кои не стигнале до толку многу финалиња како вас?

Имам среќа. Кога одев на училиште и полагав матура, освоив спортска награда. Мојот најдобар пријател ја освои наградата за литература и наука, а јас спортската. А учителот ми рече: Се надевам дека ќе успееш со фудбалот, бидејќи во спротивно, навистина сум загрижен за твојата иднина. Но сериозно, благословен сум со ова. Неверојатно е. Повеќето од моите колеги работат цел живот и никогаш не стигнале до финале во Лигата на шампионите. Тие се фантастични тренери, но немале тимови како моите.
Инаку, себеси се сметам како целосно нормална личност. Во ред, знам нешто повеќе за фудбалот од некои други луѓе. Тоа е точно. Но тоа не ме прави посебна личност. Сѐ е среќа, затоа што да се родев пред 500 години веројатно ќе завршев како дворски шут пред кралот, или ќе спиев на улица.

Jürgen Klopp 2001
Тренерските почетоци на Јирген Клоп во Мајнц во 2001 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Работите во странска држава, а сега сте номинирани и за наградата Германски фудбалски амбасадор. Колку Ви е тоа значајно?

Мислам дека сите ние сме амбасадори. Важно е луѓето во фудбалот да ја користат својата позиција позитивно. Не е неопходно тоа биде во некаква амбасадорска ролја, туку како нешто што се случува природно. Секогаш сакав да живеам во странство. За мене, најдоброто од живеењето во Англија како Германец е што гледам колку сме слични но и различни во исто време. Неверојатно е. Ние не сме исти, но сме многу поблиску и послични од она што замислувате. Многу сакам кога луѓето од целиот свет се соединуваат. Не сакам да размислувам за граници и тоа е она што најмногу го сакам за ЕУ - дека можеме да патуваме каде сакаме. Знам дека тоа не е секогаш најлесно или 100 проценти перфектно, но ја сакам таа идеја.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи