1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јирген Клоп: маалскиот фудбалер кој сонува за светскиот врв

Борис Георгиевски/дпа25 мај 2013

За пет години откако дојде на чело на Борусија Дортмунд, Јирген Клоп го доведе клубот кој беше на работ на банкрот до европскиот врв. Клоп не престанува да сонува за големи нешта.

https://p.dw.com/p/18cfV
Фотографија: AFP/Getty Images

На Јирген Клоп му се допаѓа вниманието кое го добива како фудбалски тренер на високо ниво бидејќи ги знае своите ограничувања во други области.

Тој не сака да врши поправки по дома (не сум талентиран за таа работа, а и не сум најинтелигентниот), ниту сака да има кариера на рок-ѕвезда (нема шанси! иако еднаш освоив 8 илјади поени на Плејстејшн), ниту пак има желба да биде водител на телевизиско ток-шоу (да зборувам за нешта кои не ме интересираат, да се смеам и да се преправам дека сум заинтересиран).

Наместо сето тоа „работата која ја имам и она што го правам е прекрасно за мене и одлично ми одговара“.

Bayern Münchens Trainer Jupp Heynckes Trainer Jürgen Klopp BVB
Јирген Клоп и Јуп ХајнкесФотографија: picture-alliance/dpa

И покрај тоа што Клоп има многу „забавни“ квалитети, тој е човекот кој ја одведе Борусија Дортмунд до титулите во Бундеслигата во 2011 и 2012 во тешки околности, како и до финалето во Лигата на шампионите.

Банкротираната Борусија

45-годишникот дојде во Борусија во 2008 година по речиси две децении како играч и тренер во Мајнц, најавуван како голем тренерски талент.

Пари на располагање немаше бидејќи само три години претходно Борусија едвај се спаси од банкрот, па затоа мораше да се потпре на локални таленти како Кевин Гроскројц и Марио Геце, или ефтини засилувања од типот на Шинџи Кагава, кој во меѓувреме замина во Манчестер Јунајтед.

Тоа се покажа како вистински благослов затоа што младите играчи беа доволно квалитетни да го спроведат речиси до перфекција системот на Клоп со брзи проигрувања и агресивен пресинг.

Менаџерот Ханс Јоахим Вацке го опишува Клоп како „најдобриот тренер кој можеле да го доведат“, спортскиот директор Михаел Цорк за него вели дека е „клучниот човек за начинот на кој нивниот тим игра фудбал“, а додека капитенот на тимот Себастијан Кел вели „едноставно фантастичен“.

„Тој направи тука многу, но неговата филозофија беше јасна уште од првиот ден. Се работи за страст, многу трчање и желба за победа“, вели Кел.

Ваквата етика одлично се надополни со атмосферата на најголемиот германски стадион, каде 80 илјади френетични навивачи редовно ја поддржуваат Борусија.

Mainz Spieler Jürger Klopp
Како играч на МајнцФотографија: picture alliance/Fotoagentur Kunz

Клоп го одржува имиџот на фудбалот во неговата изворна форма, што може да се види и од неговата капа на која пишува „Полер“, во слободен превод- маалски, локален фудбалер.

„Полер е основата на фудбалот тука, некој кој на фудбалскиот терен бара играчи за да одиграат една партија. Ја сакам споредбата меѓу тој збор и мојот тим. Знаеме дека фудбалот е голем бизнис, но основата е во љубовта за играта. А никој не ја сака играта повеќе од еден Полер“, вели Клоп.

Клоп честопати се споменува како кандидат за клупата во некој од водечките англиски клубови, а се смета и за природен наследник на Јоаким Лев на клупата на германската репрезентација.

Сон за големи нешта

Евентуална победа в сабота само дополнително ќе го подигне неговиот статус, и Клоп верува дека ништо не е невозможно против Бајерн по неверојатната серија која го донесе неговиот тим до финалето.

„За да постигнете нешто во животот мора да сонувате и да размислувате за големи нешта“, вели тој.

Клоп инсистира дека финалето е големо достигнување, но не и „крај на патувањето“ затоа што Дортмунд планира да се етаблира како долгорочен ривал на Бајерн Минхен.

1899 Hoffenheim - Borussia Dortmund 16.12.2012
Фотографија: picture alliance/PROMEDIAFOTO

Својата инспирација Клоп ја црпи од тимот на Борусија кој во 1997 година ја освои Лигата на шампионите победувајќи го во финалето Јувентус, како и од славната германскат репрезентација која во 1954 година стана светски првак совладувајќи ја непобедливата Унгарија.

„Финалето од 1954 иако не сум го гледал најмногу ме оформи. Доколку победиме на Вембли нема да станеме најдобар тим во светот, но ќе бидеме тимот кој го победил најдобриот тим во светот“, вели Јирген Клоп.