1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клоп го напушта Дортмунд

Б. Георгиевски/ртр/афп15 април 2015

Трофејниот тренер кој и ја врати славата на Борусија одлучи да си замине на крајот на сезоната. Многу шпекулации за неговиот следен ангажман, но засега нема конкретна потврда

https://p.dw.com/p/1F8rJ
Фотографија: Getty Images/Bongarts/C. Koepsel

Јирген Клоп ја напушта Борусија Дортмунд на крајот на сезоната. И покрај тоа што има договор до 2018 година, трофејниот тренер одлучил да замине затоа што повеќе не се чувствува како вистинско решение за работното место, изјави Клоп денеска на прес-конференција.

„Секогаш велев дека веднаш ќе кажам доколку не сум најдобриот тренер за овој клуб“, изјави Клоп пред новинарите придружуван од водечките луѓе на клубот, Ханс-Јоахим Вацке и Михаел Цорк.

„На Дортмунд му е потребна промена“.

„Го избрав овој момент да ја објавам мојата одлука со цел да не се случи временски притисок како со одлуките за некои играчи во последните сезони. Целосно верувам дека ова е исправна одлука“.

Раководителите на клубот изјавија дека нема да говорат за евентуалните наследници од почит кон Клоп.

Deutschland Jürgen Klopp BVB
Амбициозен, спонтан и емотивен: Јирген КлопФотографија: picture alliance/Sven Simon

Дортмунд годинава има очајна сезона во Бундеслигата. Клубот долг период се наоѓаше на дното на табелата, а во моментов е на средината. Клоп ја презема Борусија во 2008 година и оттогаш ги освои титулите во 2011 и 2012 година, како и германскиот куп. Борусија беше единствениот клуб кој успеа да и се спротивстави на доминацијата на Бајерн Минхен од кого загуби во финалето на Лигата на Шампионите во 2013 година.

Амбициозен, спонтан и емотивен, Клоп беше миленик на публиката, особено затоа што успеа на клубот да му го врати врвниот статус со атрактивен напаѓачки фудбал. Неговото раководење со тимот коинцидираше и со финансискиот раст на клубот кој беше на работ на банкрот во 2005 година.

47-годишниот Клоп кој сега веќе подолго е мета на водечките европски клубови, претходно беше тренер и на Мајнц. Клоп денеска изјави дека нема да одмора следната сезона, но и дека досега нема потпишано договор со ниту еден друг клуб.

Како негов наследник на клупата на Борусија се споменува токму Томас Тухел, кој го наследи и на клупата на Мајнц.