Израел нападна десетици цели на Хезболах во Либан
30 септември 2024Израелската армија соопшти дека мета на нејзините напади денеска (30.09) се „десетици лансирни рампи и згради во кои се складира оружје во регионот Бека во Либан“. Израел ќе продолжи да „напаѓа со сите сили“ и „да ги оштетува и ослабува воените капацитети и инфраструктурата на Хезболах во Либан“, се додава во соопштението на израелската армија.
Израел веќе една недела врши воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан. Според последните либански информации, во текот на вчерашниот ден загинале најмалку 105 лица, а 359 други се повредени. Во последните денови се интензивира и гранатирањето на Израел од страна на Хезболах, особено по убиството на долгогодишниот лидер на Хезболах, Хасан Насралах.
Насралах и други високи претставници на проиранската милиција беа убиени во израелски воздушен напад во Бејрут во петокот (27.09). Иран и другите сојузници на Хезболах го осудија убиството на Насралах и се заканија со одмазда. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зборува за „историски пресврт“ во борбата против непријателите на неговата земја.
Американскиот претседател Џо Бајден за убиството на Насралах рече дека е „мерка на правда за неговите многубројни жртви, вклучително и илјадници Американци, Израелци и либански цивили“. Во исто време, тој повика на прекин на огнот со оглед на зголемените тензии во конфликтот меѓу Израел и Хезболах.
Хезболах во текот на изминатата ноќ ја потврди смртта на својот командант Набил Каук, кој, како што се вели, командувал со „единицата за превентивна безбедност“. Каук бил убиен во израелски воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут во саботата.
Претходно за смртта на Каук извести израелската армија. Високиот функционер на Хезболах бил член на Централниот совет на Хезболах и важел за човек кој е „тесно поврзан со високи команданти на Хезболах“, соопшти армијата.