Може ли Европа да помогне во кризата во Либан?
26 септември 2024Првиот човек на европската дипломатија беше видно фрустриран порано неделава кога повика на деескалација во Либан и почитување на долготрајната резолуција на ОН за ставање крај на непријателството меѓу Израел и Хезболах.
„Беше усвоена во 2006 година. Боже мој, речиси пред 20 години и јас уште барам нејзина имплементација“, рече Жозеф Борел пред новинарите.
„Ние сме речиси во целосна војна. Сведоци сме на се повеќе напади, поголема штета, поголема колатерална штета, повеќе жртви“, рече тој и додаде дека „цивилите во Либан плаќаат неподнослива, неприфатлива цена“.
Борел зборуваше на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк – а, токму таму, на маргините се чини е и Европската унија во текот на речиси цела една година конфликт во Газа и долж границата меѓу Израел и Либан. Унијата се обидува и не успева дипломатски „да ја смени песната“.
Сега, Унијата вложува нови напори да ги смири тензиите. Но, функционерите не негуваат илузии за влијанието што Европа реално може да го има додека Израел ги засилува нападите против Хезболах во големи делови од Либан, а милитантната група продолжува да го напаѓа Израел.
Може ли ЕУ да влијае на Израел?
На хартија, ЕУ може да има одредено влијание кај израелската влада. Додека Израел е само 25-ти на листата на трговски партнери на Унијата, ЕУ е број еден за Израел. Според податоци на Европската комисија, 31,9% од увозот на Израел во 2022 година бил од ЕУ, а повеќе од една четвртина од извозот на земјата бил во земји од Унијата.
Критичарите на израелското бомбардирање на Газа по терористичките напади на Хамас во октомври минатата година, бараат од ЕУ да го искористи овој потенцијал и да ја разгледа можноста за санкции против Израел поради наводите за кршење на меѓународното право.
Иако немаше друго освен некои ограничувања за насилни израелски доселеници, Унијата се согласи уште во мај годинава да свика разговори со Израел и да побара одговори за неговата усогласеност со одредбите за човекови права во договорот што ги регулира трговските односи со ЕУ.
Но, на терен, од ова барање немаше никакви резултати. Сега кога Израел и Хезболах се чини дека ги игнорираат новите повици од ЕУ и другите земји за деескалација во Либан, дебатата за можни мерки повторно е актуелна.
Клучниот фактор што ја ограничува способноста на ЕУ да дејствува пошироко во која било насока е самата ЕУ. Надворешнополитичките одлуки бараат едногласна поддршка од 27-те земји членки, а и по речиси една година членките и натаму се премногу поделени за да донесат какви било одлуки за Блискиот Исток.
Дипломатската тежина е во Вашингтон?
„Европа навистина стана само импотентен случаен минувач“, изјави за ДВ Карим Битар од Институтот за меѓународни и стратегиски прашања во Париз.
„Иако многу жители на Блискиот Исток си посакуваа Европа да одигра важна улога, тие сфаќаат дека на крајот Европејците се поделени и дека повеќето од нив ќе се водат според САД“, вели Битар, кој предава и на универзитетот Свети Јозеф во Бејрут.
Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН во вторникот, американскиот претседател Џо Бајден рече дека „дипломатско решение“ е сè уште на дофат и дека САД „неуморно работат“ за жителите на северен Израел и јужен Либан да може да се вратат дома. Неговата администрација беше вклучена и во до сега неуспешните обиди да се постигне договор за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и Хамас.
„Може да очекуваме само мали промени до претседателските избори (во САД)“, рече Битар.
Хезболах: наредби само од Техеран?
Кога станува збор за убедување на Хезболах да го смени курсот, се чини дека ЕУ има уште помали надежи дека може да има какво било влијание. Милитантното крило на вооружената група која ужива поддршка од Иран е оквалификувано како терористичка организација од страна на ЕУ, а Кели Петило од Европскиот совет за надворешни односи вели дека Техеран е единствениот чинител кој може да има влијание врз Хезболах, иако како што оценува Петило „дури ни Иран нема целосна моќ врз Хезболах“.
„Хезболах е поспособна од Хамас во Газа. Па така во контекст на судирот меѓу Израел и Хезболах, потенцијалот за страшно сценарио е многу поголем“, оценува Петило.
Шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, разговараше со својот ирански колега во Њујорк и покрај тоа што меѓусебните релации се на историски најниско ниво. Брисел го санкционираше Иран поради наводната воена поддршка за руската војна во Украина и го обвини Техеран за кршење на човековите права.
Франција: можен посредник?
Една земја од ЕУ се смета дека има поголемо влијание во Либан, па дури и ако е контроверзно: поранешната колонијална сила Франција.
Илјадници либански граѓани имаат и француски пасоши, стотици француски војници се вклучени во мировната мисија на ОН во Либан. Ројтерс порано годинава јави дека Париз подготвил нацрт предлози за примирје меѓу Израел и Хезболах. Иако обидот беше безуспешен, Петило оценува дека неодамна имало „засилување на француските напори“ и покрај домашната политичка криза. Во неговиот говор пред ОН, претседателот на Франција, Макрон, побара да се стави крај на нападите од Израел и Хезболах, додавајќи дека најголем ризик за регионот е ескалација во Либан. Францускиот дипломат Ле Дријан беше во Бејрут, а Макрон се сретна со иранскиот претседател во Њујорк. Според соопштение од претседателскиот кабинет, Макрон ја „потенцирал одговорноста на Иран да поддржи генерална деескалација и да го искористи своето влијание кај чинителите на дестабилизација“.
За разлика од повеќето западни сили, Франција одржува врски и со Хезболах. „Французите и натаму имаат одреден степен на влијание во Либан заради нивните комуникациски канали со Хезболах, но и затоа што се запознаени со приликите во Либан“, вели Битар. Тој смета дека Франција може да одигра „скромна, но незначајна улога“, но не сама. Битар оценува дека на било каков француски предлог за деескалација „ќе му биде потребна американска поддршка за да биде успешен“.