Ескалација во Либан: Што се обидува да постигне Израел?
25 септември 2024Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот (23 септември, 2024) изјави дека сегашната ескалација во Либан е неопходна „за одбрана на нашиот народ од Хезболах“.
„Мораме да ги извадиме тие оружја за да го отвориме патот за безбедно враќање на северните заедници на Израел во нивните домови“, рече тој.
Пред речиси една година, околу 60.000 Израелци мораа да ги напуштат своите домови кога милицијата Хезболах во Либан, поддржана од Иран, почна да ја гранатира граничната област во северен Израел.
Хезболах - која е означена како терористичка организација од неколку земји, вклучувајќи ги САД и Германија, додека Европската унија го класифицира вооруженото крило како терористичка група - тврди дека нивните ракети се во поддршка на терористичката организација Хамас во Газа чии борци убиле околу 1.150 Израелци и зедоа околу 250 како заложници на 7 октомври 2023 година.
Според Министерството за здравство на Хамас во Газа, околу 41.000 луѓе се убиени како резултат на израелската војна против Хамас.
„Речиси вистинска војна“
Во меѓувреме, бројот на загинати во Либан е во пораст. Тековните напади на Израел, како и неодамнешните експлозии на комуникациски уреди и убиствата на лидерите на Хезболах, ги однесоа животите на околу 500 луѓе, а повредени уште околу 1.640 низ Либан.
Шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, ја опиша ситуацијата како „речиси вистинска војна“.
Сепак, според Санам Вакил, директорка на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во тинк-тенкот Четам Хаус со седиште во Велика Британија, сегашната воена операција и опасната ескалација главно служи како „оправдување или покритие за обидот на Израел да ги врати своите раселени граѓани на северот“.
Според неа, три различни цели ги поттикнуваат сегашните напади на Израел врз Либан.
„Прво, Израел се обидува да ги раздвои фронтовите со Хамас и со Хезболах на своите граници“, изјави таа за ДВ.
„Израел не можеше да постигне прекин на огнот во Газа и не можеше да постигне мировен договор со Хезболах поради Газа“, вели Вакил.
Во меѓувреме, таканаречената Оска на отпорот, која се состои од земји како Иран и повеќе милиции како Хезболах, Хамас и Хутите со седиште во Јемен кои ги сметаат Израел и САД за свои непријатели, се фокусира на обединување на нивните сили и истовремено врши притисок врз Израел од 7 октомври, додава таа.
Последици од Втората либанска војна
„Второ, се разбира, Израел се соочува со постојана безбедносна закана од Хезболах во Либан“, вели Вакил.
Во 2006 година, едномесечната војна меѓу Хезболах и Израел - наречена Втора либанска војна по Првата либанска војна помеѓу 1982 и 1985 година - заврши со прифаќање на Резолуцијата 1701 на Обединетите нации.
Условите беа итен прекин на огнот, распоредување на либански трупи и мировници на ОН во јужен Либан, повлекување на израелските одбранбени сили и на Хезболах од истата област, како и разоружување на Хезболах.
Сепак, Хезболах ниту се повлече до либанската река Литани, која е околу 40 километри северно од границата, ниту пак шиитската милиција се откажа од оружјето. Во годините оттогаш, со поддршка на Иран, наместо тоа се зголеми воената опрема на Хезболах и бројот на обучени борци.
Ова, исто така, ги поттикнува стравувањата дека борците на Хезболах во иднина би можеле да киднапираат израелски граѓани на нивна територија.
„Израел (уште еднаш) се обидува да го принуди Хезболах да ја прифати резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН“, рече Вакил.
Војната во Либан го одвлекува вниманието од војната во Газа
„Трето, со оваа операција во Либан, нема фокус на Газа “, вели Вакил.
Речиси една година по почетокот на војната во Газа, меѓународниот фокус се помести и покрај тековните борби во Газа и над 90 заложници кои остануваат во заробеништво на Хамас, истакнува таа.
„Израел нема стратегија за извлекување од војната во Газа и не појасни што планира за денот потоа, а секако не зборува за израелско-палестински процес“, вели Вакил.
Според неа, војната во Либан „е одвлекување на вниманието од немањето на стратегија во Газа“.
Што би донела копнена инвазија во Либан?
Во меѓувреме, израелското население станува сè понетрпеливо. Расте притисокот врз Нетанјаху да постигне договор за прекин на огнот и да обезбеди враќањето на заложниците.
„Од израелска гледна точка, политичкиот внатрешен притисок е многу висок и се интензивира од недела во недела“, вели за ДВ Лоренцо Тромбета, аналитичар од Блискиот Исток од Бејрут и консултант за агенциите на ОН .
Тој претпоставува дека постигнувањето консензус стана клучен чекор за израелската влада. Еден начин да се постигне ова може да биде со осигурување на безбедноста на северен Израел, рече Тромбета.
„Само, тешко е да се каже дали Израел ќе може да го постигне тоа“, додаде тој.
„Кој знае дали или кога ќе започне израелската копнена операција? И на кој начин би реагирал Иран доколку Хезболах би бил на работ на целосен пораз од Израел?“, прашува Тромбета.