1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Напади врз Бејрут: Израел уби двајца команданти на Хезболах

СН/агенции
21 септември 2024

Израелската војска соопшти дека извршила „целен напад“ во предгредие на либанскиот главен град Бејрут. Двајца високи команданти на Хезболах се меѓу десетиците убиени во нападот. Расте стравот од ескалација на конфликтот.

https://p.dw.com/p/4kvRQ
Најмалку 31 лице загинало, меѓу кои три деца и седум жени, во израелскиот воздушен напад врз предградијата на Бејрут
Најмалку 31 лице загинало, меѓу кои три деца и седум жени, во израелскиот воздушен напад врз предградијата на БејрутФотографија: Anwar Amro/AFP

Хезболах денеска (21 септември, 2024) ја потврди смртта на уште еден висок командант во израелскиот воздушен напад еден ден претходно врз јужните предградија на Бејрут, упориште на тоа либанското милитантно движење.
Ахмед Вахби, командантот кој до почетокот на 2024 година беше одговорен за воените операции на специјалните сили Радван во Газа, загинал во тој напад, во кој беа убиени 15 припадници на Хезболах, меѓу нив и највисокиот командант на силите на Радван, Ибрахим Акил.
Акил беше баран за два бомбашки напади на американски цели во Бејрут во 1983 година, во кои загинаа повеќе од 300 луѓе. За него беше објавена награда од седум милиони американски долари.

Убиениот командант на единиците Радван на Хезболах, Ибрахим Акил
Убиениот командант на единиците Радван на Хезболах, Ибрахим АкилФотографија: Hezbollah Military Media via AP/dpa/picture alliance


Тој, како што се вели, бил убиен за време на состанокот на елитната единица Радван на милитантната група поддржана од Иран. Акил, кој ги користеше и имињата Тахсин и Абделкадер, е вториот член на највисокото воено тело на Хезболах, Советот на Џихад, кој загина два месеци по израелскиот напад на истата област во јули, во кој беше убиен Фуад Шукр.

Израел: Нема отстапување

Според последните информации на либанското Министерство за здравство, најмалку 31 лице загинало, меѓу кои три деца и седум жени, во израелскиот воздушен напад врз предградијата на Бејрут.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху даде кратка изјава по убиствата на командантитена Хезболах во која рече дека целите на Израел се јасни и дека неговите постапки зборуваат сами за себе.
Министерот за одбрана Јоав Галант изјави дека Израел нема да отстапи по убиството на високите команданти на Хезболах во Бејрут.

Медицински персонал во Бејрут чека да ги преземе повредените во ираелскиот воздушен напад
Медицински персонал во Бејрут чека да ги преземе повредените во ираелскиот воздушен нападФотографија: Amr Abdallah Dalsh/REUTERS

„Редоследот на акциите во новата фаза ќе продолжи сѐ додека не се постигне нашата цел, безбедно враќање на жителите во своите домови“, рече Галант.

Хезболах претходно лансираше 170 ракети во правец на северниот дел на Израел, соопштувајќи дека со ракети „качуша“ таргетирал неколку локации долж границата, меѓу кои и неколку бази за противвоздушна одбрана и штабот на израелската оклопна бригада.

„Никој на овој свет повеќе не е безбеден“

Советот за безбедност на Обединетите нации одржа итна седница по израелските воздушни напади врз Бејрут и јужен Либан, а портпаролот на ОН Стефан Дижарик предупреди дека регионот сега е „на работ на катастрофа“, објавено е на официјалната веб-страница на ОН.

На состанокот на Советот за безбедност на ОН, либанскиот министер за надворешни работи штотуку предупреди дека „никој на овој свет повеќе не е безбеден“ по нападот на комуникациските уреди во земјата.
„Не бараме одмазда“, додаде тој. „Ние само бараме правда.“
Тој го повика Советот „да стави крај на војната на сите фронтови“ и го предупреди светот да не биде „тивок сведок на големата експлозија која се наѕира на хоризонтот“.
Конфликтот меѓу Израел и Хезболах дополнително ескалираше  експлозиите на пејџери и воки-токи кои ги користеле припадници на Хезболах ширум Либан. Повеќе од 35 луѓе загинаа, а повеќе од 3000 беа ранети. Поради драматичната ескалација, Блискиот Исток е на работ на нова војна.

Советот за безбедност на Обединетите нации одржа итна седница за состојбата на Блискиот Исток
Советот за безбедност на Обединетите нации одржа итна седница за состојбата на Блискиот ИстокФотографија: John Lamparski/NurPhoto/picture alliance