Израел „елиминирал“ командант на Хезболах
31 јули 2024Израелската армија соопшти дека „борбени авиони на израелската воена авијација во близина на Бејрут го елиминираа највисокиот по ранг воен командант на терористичката организација Хезболах и раководител на нејзината стратешка единица, Фуад Шукр“.
„Фуад Шукр беше командант одговорен за масакрот во Маџдал Шамс, во кој беа убиени 12 деца откако Хезболах во саботата навечер истрела иранска ракета Фалак-1 директно на фудбалско игралиште во северен Израел“, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари.
Од кругови на Хезболах претходно стигнаа информации дека Шукр го преживеал нападот, јави агенцијата АФП, која не може да ги верифицира ваквите наводи.
Американските власти веќе го бараа командантот на Хезболах
Фуад Шукр се смета за близок советник на шефот на Хезболах, Хасан Насрала и е еден од највисоките воени команданти на движењето. Според наводи на американската влада, тој е член на највисокото воено тело на Хезболах. Се вели дека Шукр ги координирал нападите на Хезболах врз Израел по 7-ми октомври. Од 2017 година по него трагаа американските власти поради вмешаност во напад врз американските војници во Бејрут во 1983 година.
Погодени неколку згради
Според либанското Министерство за здравство, во нападот во Бејрут загинале најмалку три лица, а 74 лица се повредени. Загинатите се две малолетни лица и една жена. Министерството соопшти дека потрагата по исчезнатите е сз уште во тек.
Либанската новинска агенција ННА извести за „непријателски напад“ во бејрутското предградие Харет Хреик. Телевизиската станица Ал-Манар, која му е блиска на Хезболах, прикажа слики од хаотични сцени. Во нападот се оштетени најмалку четири згради. Како што се гледа на телевизиските снимки, луѓе на улица извикуваат: „Бог да го благослови Насрала“. Други извикуваат: „Нетанјаху ќе ја плати цената“.
Либан сака да поднесе жалба до ОН
Вршителот на должноста премиер на Либан, Наџиб Микати, го осуди нападот како „еклатантна израелска агресија“. Според државната новинска агенција ННА, Микати го опишува нападот како „криминален чин“. Според него, тоа е дел од серија агресивни операции во кои се убиваат цивили. На „израелската машина за убивање“ сè уште не ѝ е доста од нападите врз либанските области на југ и во регионот Бека, вели тој.
Либанскиот министер за надворешни работи, Абдалах Бу Хабиб, најави дека Либан сака да поднесе жалба до Обединетите нации. Бу Хабиб рече и дека се надева оти реакција на Хезболах нема да доведе до ескалација. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на онлајн платформата Х напиша: „Хезболах ја премина црвената линија“.