Кои се Друзите?
30 јули 2024На сликите од погребот на дванаесетте убиени деца од Маџдал Шамс, може да се видат многу мажи во црни одежди и со висок бел фес на главите - ова се свештеници од верата Друзи. Нивниот водач во Израел е шеикот Мовафак Тариф. За време на еден разговор во февруари, тој зборуваше за тоа колку жртви претрпела неговата верска заедница во војната во Газа. „Во сегашната војна, повеќе од десетина наши млади луѓе беа убиени додека служеа во вооружените сили. Ова покажува дека е важно е да се бориме за нашата земја, за Израел и да го браниме“, рече тогаш тој.
Вкупно, на Блискиот Исток живеат околу еден милион Друзи, пред сѐ во Сирија, Либан и во Израел. Нивната религија е под влијание на шиитската традиција, но тие не се гледаат себеси како муслимани. Во Израел, мажи од друзиските семејства кои зборуваат арапски се регрутираат во војска - за разлика од другите арапски Израелци. Тие претежно живеат на северот на земјата, регион кој е особено тешко погоден од постојаното гранатирање од страна на либанскиот Хезболах.
Посебен случај на Голан
На Голанската висорамнина под израелска окупација - каде што ракета уби дванаесет деца кои играа фудбал - ситуацијата е нешто поинаква. Поголем дел од жителите на Маџдал Шамс се сириски државјани, а областа, според меѓународното право, сè уште е дел од Сирија. Повеќето од Друзите на Голан не ја прифатија понудата да прифатат израелско државјанство.
Меѓутоа, кај Друзите на Голан слабее чувството на припадност на сириската држава, вели Салах Тариф. Тој е братучед на шеикот Мовакаф и беше првиот нееврејски министер во израелската влада на почетокот на 2000-тите години. „Младите луѓе од Голанската висорамнина сега доаѓаат да студираат во Хаифа, Тел Авив и во Ерусалим. Порано одеа во Дамаск“, тој вели.
Опозиција во Сирија
Тоа е поврзано со војната во Сирија, која трае од 2011 година, но и со поновите случувања - имено, лошата економска состојба во соседната држава Израел. Околу една година, стотици Сиријци секојдневно излегуваат на улиците во градот Сувеида, на почетокот протестирајќи против високите трошоци за живот и барајќи поголема административна независност за нивниот регион.
Кога демонстрациите беа задушени, отпорот се зголеми уште повеќе, на протестите говореа и друзиските свештеници како шеикот Хекмат Ал Хајри. „Бараме да се преземат мерки за нашиот народ да може да живее достоинствено. Веќе не прифаќаме дека нашите права се игнорирани, како и сите други етнички групи, сакаме да живееме достоинствено во нашата татковина.“
Во Либан, земјата во која многу луѓе моментално живеат во голем страв од израелски контранапади, оваа религиозна група со децении беше политички претставена од семејството Џумблат. Валид Џумблат, заштитникот на Друзите, пред неколку години му се обрати на шиитскиот Хезболах. Тој завчера се сретна со американскиот пратеник Амос Хохштајн. Потребно е Израел веднаш да ги запре нападите во Либан и во Појасот Газа, му рече Џамблат на претставникот на администрацијата на Бајден.