1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Арапски лидери: Зошто само лути зборови кон Израел?

Кетрин Шајер
28 септември 2024

Тие го обвинија Израел за геноцид и оти го турка целиот Блиски Исток кон војна. Но, дали арапските лидери навистина може да направат нешто за да се постигне прекин на огнот? И дали воопшто сакаат?

https://p.dw.com/p/4l9Se
Во Либан, бројот на загинати е над 620 по само четири дена израелско бомбардирање
Во Либан, бројот на загинати е над 620 по само четири дена израелско бомбардирањеФотографија: Karamallah Daher/REUTERS

Говорите, во секој случај, стануваат се полути. По израелските воздушни напади над соседен Либан оваа недела, голем број лидери од Блискиот Исток протестираа поради страдањата на либански цивили, како и поради постојаното зголемување на бројот на загинати во Газа како  последица на речиси едногодишната израелска воена кампања таму.

„Нападите од 7 октомври врз израелски цивили минатата година беа осудени од земјите ширум светот, вклучително и од Јордан“, рече јорданскиот крал Абдула Втори пред Генералното собрание на Обединетите нации неделава. „Но, невидениите размери на терор што беа извршени врз Газа од тој ден наваму немаат никакво оправдување“.

На истиот состанок во Њујорк, катарскиот лидер Тамим бин Хамад Ал Тани зборуваше и за „геноцид“ врз Палестинците во Газа. „Со сето она што се случи и продолжува да се случува, повеќе не може да се зборува за правото на Израел да се брани во овој контекст без да се биде соучесник во оправдувањето на злосторството“, тврди тој.

Подоцна во заедничката изјава издадена од Египет, Јордан и Ирак беше предупредено дека „Израел го води целиот регион во сеопфатна војна“. 

Во ОН, јорданскиот крал Абдула Втори истакна дека Израел е осомничен за кршење на меѓународните конвенции за геноцид
Во ОН, јорданскиот крал Абдула Втори истакна дека Израел е осомничен за кршење на меѓународните конвенции за геноцид Фотографија: Loey Felipe/UN Photo/Handout via Xinhua/picture alliance

Без силни адути

Но, дали арапските лидери некогаш ќе направат повеќе отколку само да зборуваат за она што го прави Израел?

На пример, во раните 1970-ти, арапските земји-производители на нафта воведоа ембарго на нафта за САД и други земји за да ги казнат за нивната поддршка на Израел. Во 1973 година, Сирија и Египет започнаа напади врз Израел во обид да ја вратат територијата што Израел ја окупираше по израелско-арапската војна во 1967 година.

Вакви чекори би биле крајно неверојатни сега, велат експертите.

„[Арапските лидери] во суштина немаат силни адути. Тие ги достигнаа границите на она што можат да го направат“, вели Адел Абдел Гафар, директор на програмата за надворешна политика и безбедност на Блискоисточниот Совет за глобални прашања, со седиште во Катар. „Тие се обидоа да дејствуваат на мултилатерално ниво преку ОН и другите институции. Се обидоа и преку Арапската лига, преку разни осуди и остро формулирани изјави и така натаму. Но, навистина, ништо од ова нема да ги промени израелските калкулации“.

Катар и Египет беа силно вклучени , заедно со САД, во преговорите меѓу Хамас и израелските претставници, обидувајќи се да работат на постигнување на прекин на огнот и договор за заложниците во Газа.

Вооруженото крило на групата Хезболах , со седиште во Либан, постојано повторува дека ќе престане да истрелува ракети кон Израел - или барем, ќе се врати на претходната состојба на компаративно затишје на израелско-либанската граница, кога двете страни разменуваа напади со далеку помали штети, доколку Израел ја прекине својата воена кампања во Газа.

Во Газа, бројот на загинати е речиси 42.000 по речиси една година израелска воена кампања, велат здравствените власти во Појасот Газа контролиран од Хамас
Во Газа, бројот на загинати е речиси 42.000 по речиси една година израелска воена кампања, велат здравствените власти во Појасот Газа контролиран од ХамасФотографија: Mahmoud Zaki/Xinhua/IMAGO

Но, како што забележаа воените аналитичари, Израел, под премиерот Бенјамин Нетанјаху и најдесничарската влада во историјата на земјата, практикува стратегија на „доминантна ескалација“ - што значи дека неговата тактикае прво и посилно да ги нападне своите непријатели и да го диктира темпото и интензитетот на секој конфликт.

Што се однесува до Хезболах, Иран е веројатно единствената земја што може да ја убеди групата со седиште во Либан да престане да се бори бидејќи Техеран финансиски и воено го поддржува Хезболах. Сепак, Иран веројатно нема да го стори тоа бидејќи го смета Израел за непријател. А повеќето арапски земји немаат големо влијание врз Иран.

Што можат да направат арапските лидери?

„Арапските лидери, особено оние кои се најдиректно погодени како Египет и Јордан , дефинитивно се обидуваат да ја поттурнат единствената страна што може да го реши ова: САД“, вели Калед Елгинди, висок соработник на Институтот за Блискиот Исток со седиште во Вашингтон, каде што тој исто така води програма за израелско-палестинските прашања. „Одговорите на арапските држави на она што се случува во Газа - и сега во Либан - беа целосно диктирани од нивниот однос со САД,  а не од нивниот однос со Израел“.

Се разбира, постојат начини на кои арапските лидери би можеле да го засилат притисокот врз Израел, сугерира Елгинди. Некои имаат мировни договори , трговски и енергетски договори со Израел. „И тие би можеле да ги ограничат договорите или други билатерални форми на соработка. Или, на пример, би можеле да се приклучат во случајот за геноцид во МСП [Меѓународниот суд на правдата]“, изјави Елгинди за ДВ.

Во мај, Египет рече дека ќе се приклучи на случајот на МСП што Јужноафриканската Република го покрена против Израел во декември 2023 година, во кој земјата вели дека Израел ги прекршува меѓународните конвенции за геноцид . Египет допрва треба официјално да се приклучи на случајот. Единствените земји од Блискиот Исток кои досега се приклучија се Либија, Турција и Палестина, која судот ја признава како држава.

Некои држави, вклучително и Мароко и Обединетите Арапски Емирати, претходно тврдеа дека воспоставувањето подобри односи со Израел преку таканаречениот Аврамски договор ќе им овозможи поголемо влијание врз Израел, изјави Елгинди за ДВ. Но, тие не го користат тоа, дополнува тој.

„Ако се обидат да го нарушат тој однос, тие се загрижени дека ќе дојде реакција од Вашингтон“, рече тој. „И ова е она што сите не сакаат да го направат, да платат каква било политичка или економска или дипломатска цена во име на Палестинците, а сега и на Либанците“, тврди тој.

Во Израел околу 1.550 луѓе се убиени во текот на изминатата година, вклучувајќи најмалку 1.139 луѓе кои загинаа во нападот на 7 октомври и околу 300 војници убиени во акција
Во Израел околу 1.550 луѓе се убиени во текот на изминатата година, вклучувајќи најмалку 1.139 луѓе кои загинаа во нападот на 7 октомври и околу 300 војници убиени во акцијаФотографија: IDF/Xinhua/picture alliance

Исто така, важно е да се разбере дека многу земји од Персискиот залив повеќе го сметаат Иран за непријател отколку Израел, изјави за ДВ Фирас Максад, висок соработник на Институтот за Блискиот Исток.

„За време на многу посети на регионот, [во земјите од Заливот] луѓето ми кажуваа: ’Никогаш не сме биле нападнати од Израел’. Но, тие беа нападнати - директно и индиректно - со дронови и ракети направени во Иран’.

Повеќе помош, повеќе состаноци

Се разбира, постојат некои потенцијални сценарија кои би можеле да ги натераат арапските лидери да реагираат поостро. На пример, она од што најмногу се плашат Египет и Јордан - и двете земји соседи на Израел и на окупираните палестински територии, е Израел да ги потиснува раселените Палестинци во нивните земји.

Засега, дури и кога реториката се вжештува, реалните реакции на арапските лидери за ситуацијата во Либан се ограничени на повици за хуманитарна помош, отворени граници за раселените Либанци и итни состаноци.

„Навистина, ако има некој што би можел да стави крај на оваа војна во моментов, тоа се САД“, тврди Абдел Гафар. „Земјите кои имаат моќ, прво и основно, се САД, а потоа второ, земји како Германија и други кои му обезбедуваат на Израел дипломатска закрила и оружје“.