Целиот регион, но и светот, е во исчекување на резултатите од претседателските избори во САД, и што тоа ќе значи за американската надворешна политика. Борбата во САД ќе биде исклучително остра, бидејќи и Доналд Трамп и Камала Харис имаат свои конкретни предности и предизвици во кампањата која е во тек. Трендовите во анкетите, некои позначајни настани, демографијата на гласачите, но и важните клучни сојузни држави (поради уникатниот изборен систем) ќе се покажат, според мене, како клучни во одредувањето на можниот победник. Како што наближува датумот на изборите, економскиот сентимент (дали гласачите се оптимисти или песимисти за економијата), излезноста на клучните поддржувачи на секој кандидат, но и завршетокот на кампањата и пораките во последните недели, може да се покажат како пресудни. Трката останува неизвесна, и многу варијабли можат да ја сменат. Сценаријата за победа на едниот или другиот кандидат се интересни, од аспект на домашната политика, но и од аспект на тоа колку и како ќе влијаат на светскиот геополитички амбиент, и, се разбира, на нашето место во истиот.
Клучните предности на Харис наспроти адутите на Трамп
Камала Харис има неколку клучни предности кои одат во нејзина полза. Прво, таа е на власт, што носи свои специфични предности, зашто има добро етаблирани политички врски, подобро ги аргументира владините политики и начинот на функционирање, и со тоа има предност кај гласачите кои сакаат стабилност и предвидливост. Потоа, има мултикултурен бекграунд – таа е жена, од афроамериканско, но и јужноазиско потекло, што ја поврзува со многу различни демографски групи, особено малцинствата, кои може да се покажат клучни во некои држави. Понатаму, нејзиниот изборен наратив – фокусиран на прогресивни политики, како здравствена заштита, особено правата врзани со абортусот, климатските промени, како и цврстиот став околу политиките за социјална правда, можат да ги енергизираат прогресивните демократски гласачи кои беа анестетизирани под Бајден.
Доналд Трамп, од другата страна, има одлично етаблирана, и исклучително солидна, гласачка база. Тоа го прави релативно имун на огромен дел од нападите кон него од страна на Демократите. Неговите контроверзни, но конзистентни, пораки, врзани за имиграцијата, трговијата, но и казнената политика, резонираат со руралните гласачи. Дополнително, неговиот самододелен статус на аутсајдер, некој кој се бори против етаблираните политички елити, продолжува да му носи значаен популистички бенефит, особено кај помалку еманципираните гласачи. Потоа, тој упорно има исклучително добар перформанс во собирањето средства за кампањата, најчесто подобар од Харис, а во САД, во 9 од 10 случаи, победува тој кој ќе потроши повеќе на изборите. И на крајот, тој самиот е бренд – неговиот одличен медиумски инстинкт, го прави доминантен во пробивањето пораки и медиумската присутност.
Кој каде стои подобро
Анкетите се нерешени. На најголем дел од националните анкети (оние кои го проверуваат расположението на целата популација во САД), води Харис, со мала маргина (2 - 4%). Тоа практично значи дека таа најверојатно ќе има вкупно повеќе гласови од Трамп на државно, т.е. федерално ниво. Сепак, како што знаеме од изборите помеѓу Хилари Клинтон и Трамп, американскиот изборен систем е малку покомплициран, и сосема е можно, кандидатот со помалку вкупно гласови, но повеќе изборни победи во секоја од државите, да го добие претседателското место. Харис генерално стои подобро во урбаните и мешани средини, а Трамп во поруралните и похомогените подрачја. Клучно за секој кандидат ќе биде колку успешно ќе ги мотивира сопствените гласачи да излезат на денот на гласањето. Тоа за Трамп не е проблем, зашто базата му е исклучително силна, но кај Харис тоа останува клучна варијабла – може да биде и подобро, но и полошо од очекуваното.
Клучните држави кои, според мене, треба да се следат, се следиве:
Прво, Висконсин – Оваа држава често е предвесник во претседателските избори. Во демографската разновидност и потенцијал да гласа и за едниот и за другиот кандидат, таа може да биде клучниот тас на вагата.
Потоа, се разбира, Пенсилванија – таму Џо Бајден помина добро, но работничката класа, особено во некои региони, т.н. „rust belt“ (делот кој порано беше високо индустријализиран, но сега се соочува со висока невработеност), е критичен, зашто не се знае дали ќе победи наративот на Трамп за враќање на производството, или прогресивните социјални политики на Харис.
Трето, Мичиген – слично како Пенсилванија, клучно е да се освојат и урбаните и руралните гласачи, нешто што поради високата поделеност, ќе биде предизвик за обајцата кандидати.
Потоа, Аризона – таму во последно време има позначајни демографски промени, кои ја прават неопределена. Харис има предност во урбаните делови, како Феникс, а Трамп во руралните региони.
На крајот, Џорџија – каде Трамп сѐ уште има солидна основа кај руралното население, но држава која поради новите околности, може да се покаже како добро изненадување за демократите, особено поради мешаната популација.
Односот кон Орбан - клучен за регионот
На крајот, сѐ се сведува на неколку варијабли. Ако Харис успешно ја мобилизира својата база, особено помладите гласачи и тоа конкретно преку новите медиуми, може да добие предност во повеќето од овие држави, особено ако има позитивен економски сентимент. Трамп, со неговата цврста база, ако успее да го зголеми одзивот кај клучните демографски групи (рурални и работници, но и кај неговиот нов таргет – Афроамериканците), може да има добар резултат.
Конечно, изборите во САД ќе бидат фундаментална порака за светот – континуитет или промени. Надворешната политика нема премногу да се смени. САД се заглавени, поради големиот број паралелни предизвици во светот, во реактивна надворешна политика, наместо проактивна, што за нас секако не е добра вест. Овој пристап најверојатно ќе продолжи, најмалку и следната година. Но, за регионот ќе биде клучен нивниот однос кон Виктор Орбан, на пример – лик за кој Трамп и Харис имаат дијаметрално различен пристап. Тоа, самото по себе, може да донесе тектонски промени. Ние, во најдобрата наша традиција, ќе чекаме, наместо да работиме, а исходот секако ќе го искористиме како изговор за сопствената индолентност, кој и да победи.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.