САД: Каде одат милионите за Камала Харис?
9 септември 2024Доналд Трамп се врати и сака контрола, се вели во најновиот рекламен спот на изборната кампања на Камала Харис и Тим Волц. Во него, Демократите ги предупредуваат гласачите за Трамп и неговиот таканаречен „Проект 2025“, радикален план што ќе му даде на Трамп поголема моќ и влијание доколку се врати во Белата куќа. Тој самиот неодамна се огради од тоа за да не ги исплаши и отуѓи своите гласачи.
Харис доби 540 милиони долари
Ваквите спотови моментално ги преплавуваат сојузните држави кои се важни за изборите. Крајно, во некои американски сојузни држави за неколку недели ќе започне таканареченото предвремено гласање. За да ги финансираат овие реклами, на партиите им се потребни донации од предизборната кампања во стотици милиони.
Откако Џо Бајден се повлече од кандидатурата, Демократите забележаа невиден бран донации, кои донесоа над 540 милиони долари во нивните каси за нешто повеќе од четири недели. Само во еден еден час по говорот за номинација на Харис на партиската конвенција во Чикаго, беа собрани 82 милиони долари.
Многу приватни лица донираат мали суми
Новото во врска со тоа: имаше првенствено многу приватни лица кои донираа мали суми. Според анализата на „Њујорк тајмс", околу една третина од нив биле донатори за прв пат, вклучително и особено голем број помлади жени.
Секоја нова донација претставува нов гласач, објаснува Робин Колодни, политиколог од Универзитетот Темпл во Филаделфија. И овој ангажман на гласачите, вели таа, ја зајакнува партиската база, „пешадијата“, како што таа ги нарекува.
Технолошките милијардери порадо ја поддржуваат Харис
Традиционално, во последните два месеци пред изборите доаѓаат големите донации. Покрај сопственикот на Х, Илон Маск, меѓу таканаречените „мега-донатори“ на Трамп е и Тим Мелон, наследник на многу богато банкарско семејство од Питсбург. 82-годишникот веќе донираше 125 милиони долари за Републиканците.
Поддржувачи на кампањата на Харис често се технолошки милијардери од Силиконската долина. На пример, Рид Хофман, ко-основачот на професионалната мрежа LinkedIn, но и мултимилијардерот Џорџ Сорос со неговиот син Алекс и поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајк Блумберг.
„Личниот контакт е поважен од ТВ спотови“
Патувањата во изборната кампањата, секојдневни митинзи во сојузните држави, кампања од врата до врата и секако рекламирање во сите форми - затоа што САД се толку огромни, изборната кампања е енормно скапа, објаснува политикологот Колодни. „Изборните менаџерите на кампањата, исто така, можат да ги искористат парите за да им платат на луѓето да затропаат на вратите на потенцијалните гласачи, да им испраќаат СМС пораки или да им се јават. Тие открија дека личниот контакт е поважен од телевизиските реклами“, објаснува истражувачката.
Иако сè помалку луѓе гледаат линеарна телевизија во САД, Демократите сè уште вложуваат околу 170 милиони долари во телевизиски реклами, но тие инвестираат уште повеќе - околу 200 милиони долари - во дигитални реклами.
Добрите финансии не се гаранција за изборна победа
Меѓутоа, во последниве години сè помалку пари се влеваат во класичното ТВ рекламирање, вели Мајкл Канг, експерт за финансирање на изборни кампањи на Универзитетот Нортвестерн во Чикаго. Дигиталните реклами се подобро прилагодени на индивидуалните корисници на социјалните мрежи.
На крајот, двете страни обично имаат на располагање слична сума на пари, резимира Канг. Според него, паричната предност не е гаранција за успешна изборна кампања. Изборите ќе се решаваат врз основа на други работи. На пример, колку добро партиите допреа до гласачите, колку убедлива е нивната порака - или колку импресивен е нивниот кандидат.
Автор: Клаудиа Саре, АРД