1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Ислам Абази: Зад мене стои фелата, а не партија

ДТЗ
8 ноември 2022

Абази вети транспарентно работење, негираше поврзаност со ДУИ, а со „Ахмети можеби се сретнал“. Вели дека колегите во него препознале успешен и праведен човек. Приоритет ќе му биде пополнувањето на обвинителските места

https://p.dw.com/p/4JClK
Ислам Абази обвинител за организиран криминал
Обвинителот Ислам Абази наскоро ќе седне во „жешкото столче“ во Обвинителството за борба против организиран криминалФотографија: Petr Stojanovski/DW

Обвинителот Ислам Абази наскоро ќе седне во „жешкото столче“ на неговата суспендирана претходничка, обвинителката за борба против организиран криминал Вилма Русковска. Откако ја доби изборната трка со 66 гласа и го претрка за само два гласа својот противкандидат Ермон Незири, тој денеска го имаше првото соочување со камерите и со новинарските прашања околу приоритетите во неговата работа како прв човек на Обвинителството за борба против организиран криминал, предметите на коишто ќе се фокусира, но и предизвиците како да ја врши својата функција ослободен од партиски притисок и влијание. 

Абази вети транспарентно работење, негираше дека има некаква поврзаност со владејачката партија ДУИ, тврдеше дека доволно искуство и работа на предмети за кои се изрекувани и казни од 40 години затвор за тешки кривични дела, потенцираше дека учествувал во изготвување на повеќе законски решенија и работни групи од областа на правосудството, дека колегите во него препознале успешен и праведен човек, зад кој застанала фелата, а не некоја партија. Приоритет ќе му биде пополнувањето на испразнетите обвинителски места на истражителите, како дигитализацијата во јавното обвинителство.. Иако досега не работел предмети од областа на организиран криминал, вели дека новата функција му е предизвик. 

„Иако немав програма, јас бев во постојана комуникација со јавните обвинители и им ја изложував мојата визија, програма и проект како ќе биде и како ќе раководам со обвинителството“, изјави Абази, кој смета дека непосредни избори на коишто фелата гласаше за него, се гаранција да нема никакви надворешни влијанија, ниту политички, ниту бизнис или лоби групи. 

Ислам Абази обвинител за организиран криминал
„Не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него“, вели Абази.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Не ми е забрането да се дружам со политичари“ 

Абази својата кариера ја почнува од јавен обвинител во ОЈО Кичево, потоа пет години во Вишо јавно обвинителство и четири години е раководител на Вишото јавно обвинителство Гостивар. Во јавноста неговиот брз напредок во професијата се припишува на наводна поврзаност со владејачката ДУИ, особено со лидерот на партијата Али Ахмети со оглед на тоа дека и двајцата се родум од селото Зајас. По соопштувањето на изборниот резултати, заменикот-министер за правда Агим Нухиу на социјалните мрежи порача дека по изборот на Абази очекува напредок во истрагите и гонењето и казнувањето на криминалот.

Но, Абази тврди дека нема врска со ниту еден политички субјект и дека никогаш не бил член на ниту една политичка партија.„Јавнообвинителската функција е неспоива со вршење на друга јавна функција или членување во политичка партија. Никогаш не сум бил или пак сум член на некоја политичка партија. Ниту пак во моето досегашно работење сум оставил впечаток дека имам одредени релации или позиции со одредена политичка партија“, изјави Абази, посочувајќи дека нема лични контакти со Али Ахмети или некој друг од ДУИ. 

„Можеби сме се сретнале со господинот Али Ахмети, ама лично контакти немаме. Дружбата со такви личности не е забранета, ама е непристојна. Мене не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него“, додаде Абази. 

Истраги од голем интерес 

Тој седнува на „жешкото столче во обвинителството“ во момент кога во предистрага се водат неколку случаи коишто се од голем интерес за јавноста - како што е несреќата за „Беса транс“ и претресите во Финансиската полиција, кои што досега ги водеше обвинителката Вилма Русковска. 

„Кога ќе стапам во обвинителството ќе побарам од колегите да ме запознаат со тие истраги кои будат поголем интерес во јавноста, да ме запознаат со предметите каде е определена мерката притвор, со старите и нерешени предмети и да почнеме со работа“, вели Абази.