1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Обвинителски „стас“ - ни слика ни глас

8 ноември 2022

Ако се сметаше за неумесно кога обвинители парадираа пред камери само за да „ги има“ и тогаш кога немаше што да кажат, не е пожелен ниту спротивниот екстрем.

https://p.dw.com/p/4JByf
Седиштето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во Скопје
Седиштето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Слика има, глас нема". Во домашното изобилство на предрасуси и стереотипи, ова е тривијалниот опис за „домазет“, термин што се однесува на маж кој по женидбата живее во куќата на родителите на сопругата.

Но, што се случува кога единствениот опис за одредено лице е дека „нема ниту слика, ниту глас"? Во македонски услови тоа може да значи многу нешта, но од вчера означи и нешто многу конкретно: дека штотуку е избран шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Целата ситуација е оптоварена со една контрадикторност. Од една страна, за првпат беше спроведен избор за шеф на ОЈО ГОКК преку непосредно гласање на обвинителите во земјава, а од друга страна јавноста беше лишена од основите податоци за човекот кој беше избран да го води најжешкото Обвинителство во земјата, Ислам Абази.

Ниту на веб страницата на Вишото обвинителство во Гостивар со кое тој раководеше досега, не можеше да се најде негова фотографија, ниту биографија. Јавноста ниту го виде, ниту му го слушна гласот, бидејќи тој ги избегна и сите медиумски претставувања заедно со другите противкандидати. На единствената фотографија што ја објавија некои медиуми, на вратот носи идентификациска картичка на чија лента пишува „The aire centre“, што можеби датира од времето на негов, наводен ангажман во Агенцијата за цивилно воздухопловство во Скопје, како правник.

Можеби да, можеби не, кој да знае, но во моментов тоа одлично ја илустрира состојбата на „воздухот“ (ветер и магла) во однос на транспарентоста.

Можеби тој е супер обвинител, а можеби не е дораснат за позицијата на која е избран. Кога нема транспарентост, кога за пошироката јавност не е познат, кога не се знае како била оценувана неговата досегашна работа, или каква е неговата програма за работа (ако ја имал) што и да се каже - може да се згреши.

Ваков низок старт најмногу му штети на Абази, затоа што во недостиг на референтни податоци, неговиот избор засега се рецензира преку единствениот јавен податок што може да се најде за него: анкетни листови за имотната состојба доставен до ДКСК.

Тие велат дека во еден период имал кредит од 250.000 денари и возел „Фолксваген Голф 4“, а во следниот анкетен лист веќе пријавил дека купил „Ауди“ и стан во Кичево од 105 квадрати. Може ли само од овие податоци јавноста да изгради слика за профилот на Ислам Абази? Не. Податокот дека неговите родители поседуваат куќа во селото Зајас (од 1998 година) од 210 квадрати, и стан во Кичево од 65 квадрати, брзо ги произведе првите шпекулации. Зајас е родното село на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и синоним за расадник на кадри и шуро-баџаноковистички релации, па и Абази беше доведен во врска со можно роднокрајно и партиско влијание во патот кон ѕвездите. 

Катерина Блажевска, авторка на коментарот
Катерина Блажевска, авторка на коментаротФотографија: Privat

Дали е коректно такво „читање од прва“? Секако дека не. Но, за да опстои некаков сомнеж, се погрижи заменик-министерот за правда од редовите на ДУИ, Агим Нухиу, кој прв се огласи на Фејсбук по изборот на Абази.

„Очекуваме поголем напредок во оперативната соработка со меѓународните партнери и координација на активностите меѓу обвинителството, полицијата и другите релевантни тела за борба против организираниот криминал и корупцијата, со цел подобрување на ефикасноста на спроведување на законите. Со нетрпение очекуваме напредок во истражните постапки, гонењето и казнувањето на случаите на организиран криминал и перење пари со фокус на конфискација на имотот стекнат преку криминал“, напиша Нухиу.

Вакви очекувања одамна има. Еден критички извештај на ЕК за напредокот на Македонија во таа сфера 2014 година, беше повод Ахмети да изјави: „Мислите дека во ДУИ сите се ангели? Мислите дека не ја злоупотребуваат власта? Мислите дека сите се ангели во ВМРО-ДПМНЕ? Не!"

Беше изненадувачки да се слушне такво јавно признание, ама потешко да се спроведе ветувањето дека сето тоа ќе се санкционира.

Сега, трагањето по податоци за новиот шеф на ОЈО ГОКК недвосмислено потсетува на времето кога јавноста исто така трагаше по слика и глас, на тогаш непознатата, штотуку избрана за шефица на СЈО, Катица Јанева. Новинарски екипи се слеаја кон Гевгелија, анкетираа нејзини колеги и соседи, за да добијат каква-таква слика за жената што ќе седне на жешкото столче. Тој претходно воспеван „чарлиев ангел“ брзо изгоре од сопствените грешки, за разлика од оние што не се сметаа себеси за ангели.

Приказната со Јанева заврши на еден начин, со Русковска на друг, сега продолжува со „ново дете“ и нови ветувања. Абази за повеќе медиуми најавил дека денеска преку прес-службата на Обвинителството ќе даде изјава за медиумите. Тоа е формална, а не суштинска транспарентност. Ако се сметаше за неумесно кога обвинители парадираа пред камери само за да „ги има“ и тогаш кога немаше што да кажат, не е пожелен ниту спротивниот екстрем - првото претставување пред јавноста да биде преку соопштение, без средба со медиуми, без прашања, без одговори. Не заради сликата и гласот, туку заради ставот што јавноста очекува да го слушне од него.