Македонските истраги под будно око на Лаура Ковеши
24 октомври 2022Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во Луксембург потпиша работен договор за соработка со европската главна обвинителка, Лаура Кодрута Ковеши. Документот има за цел да ја олесни меѓусебна соработка и размената на информации меѓу двете обвинителства за да се обезбеди ефикасна истрага и гонење на сторителите на кривични дела, особено кога станува збор за злоупотреби на финансиски средства од европските фондови.
Ковеши ќе ги следи истрагите коишто се во водат во македонските обвинителства и доколку има потреба ќе се формираат и заеднички истражни тимови. Јовески се обврза дека обвинителството ќе спречи секаква злоупотреба на буџетските средства.
„Во ова време на глобални финансиски и економски предизвици со кои сите сме соочени, јавните обвинителства и истражните органи воопшто, исто така имаат обврска да вложат максимални напори за да се спречи секоја злоупотреба на буџетски средства. Меѓутоа, финансискиот криминал ги надминува националните граници на државите и само со меѓусебна соработка и заедничка акција можеме навистина да се справиме со злоупотребите“, изјави Јовески при потпишувањето.
Што предвидува договорот?
Со договорот е предвидено македонското Јавно обвинителство и Европското јавно обвинителство да ги разменуваат сите стратешки информации во нивна надлежност. Европското јавно обвинителство воспоставува и своја контакт точка во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Со документот се предвидува двете обвинителства да одржуваат состаноци на високо ниво, како и технички состаноци на оперативно и административно ниво. Договорот ја воспоставува и можноста двете јавни обвинителства во иднина со посебни договори да формираат и заеднички истражни тимови.
Ваквиот договор следи откако во јули започна скринингот на Северна Македонија којшто го врши Европската комисија со цел земјата да стане рамноправна членка на Унијата. Во својот неодамнешен изврштај, во делот на независноста и непристрасноста, ЕК укажа дека е важно да се осигура дека судството е заштитено од каков било ризик или перцепција на несоодветно надворешно мешање.
Сега во целиот процес се вклучува и Ковеши, чие име е добро познато во јавноста. Таа во 2019 година ја доби довербата да стане главен обвинител на ЕУ за измами, во новото Европско јавно обвинителство (ЕППО), со седиште во Луксембург, кое истражува и гони злосторства против буџетот на ЕУ. Претходно ги „тресеше“ корумпираните политичари во Романија, каде што беше специјална обвинителка. За време на нејзиниот мандат, Ковеши отвори бројни истраги против политичари, градоначалници, министри, пратеници...
Романската обвинителка беше разрешена од својата функција од страна на тамошната Влада, поради обвинувања за злоупотреба на службена должност. По теркот на романското обвинителство и во Северна Маакедонија беше формирано Специјално јавно обвинителство (СЈО) во септември 2015 година, кое имаше неславен крај.