1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За антикорупциските закони треба да се прашаат и правниците

14 февруари 2017

Лаура Кодрута Ковеси, раководител на Националниот директорат за антикорупција, во интервју за ДВ зборува за актуелната криза во Романија по указот на владата за ублажување на антикорупциските закони.

https://p.dw.com/p/2XXp7
Rumänien Bukarest - Laura Codruta Kövesi Leiterin der Antikorruptionseinheit der rumänischen Staatsanwaltschaft
Фотографија: DW/F. Hofmann

Дојче веле: Дали  романската влада, и по укинувањето на спорниот декрет, ќе се обиде да продолжи по истиот пат?

Лаура Кодрута Ковеси: Конечниот одговор ќе го знаеме по гласањето во парламентот. Новиот декрет за укинување на стариот, му е веќе доставен на парламентот. Важна е одлуката која таму ќе се донесе.

Какви би биле последиците по Вашата работа, доколку парламентот со мнозинство ги усвои одлуките?

Доколку одлуките стапеа во сила или ако стапат во сила, на удар би биле првенствено случаите кои сега се предмет на истрага на ДНА, Националниот директорат за борба против корупцијата. Моментно станува збор за преку 2.100 случаи на злоупотреба на службена положба. Во последните три години поради злоупотреба на службена положба беа обвинети преку 1.700 лица, утврдената штета надминува една милијарда евра.

Во овие денови, на улиците на Букурешт луѓето Ве слават. Што значи тоа за Вас?

Не можам да коментирам. Независно од тоа дали нѐ фалат или нѐ критикуваат, ние, јавните обвинители, мораме да ја извршуваме нашата работа.

Масовните протести ја зафатија целата земја. Дали Вие, како граѓанка, очекувавте такво нешто?

Во последно време се интензивира јавната дискусија на темата борба против корупција. Темата е многу поприсутна отколку во минатите години. Тоа е важно и покажува промена на менталитетот, многу поактивно учество на цивилното општество во сите теми поврзани со корупцијата и ефективното справување со неа. 

Формирањето на Националниот директорат за антикорупциска борба, ДНА, е дел од интегративниот процес на Романија во ЕУ. Како може да се објасни сегашниот рецидив?

Најновите настани ја покажаа реверзибилноста на реформите во правосудството, доколку се донесат легислативни промени со влијание врз борбата против корупцијата. За да не се загрозат сите досегашни резултати, потребно е да се осигура стабилноста на институционалните и управно-техничките рамки на ДНА.

Rumänien Bukarest Proteste gegen Regierung
Романците со денови протестираат против, во меѓувреме повлечениот, декрет на Владата со кој се ублажуваа законите против корупцијатаФотографија: Getty Images/AFP/D. Mihailescu

Дали имате чувство дека поделбата на власта во државата на законодавна, извршна и судска е „излезена од колосек“?

Тоа не можам да го коментирам. Уставниот суд врши проверка на видот и начинот како секој сегмент од власта ги извршува своите задачи. Можам само да кажам дека во овој случај, во кој се вршат промени на толку важни закони, како Кривичниот законик или Законот за парнична постапка, со кои ние секојдневно работиме, нужно е да се води дискусија во правосудниот систем. Пред да се донесат вакви закони, потребно е да се чуе мислењето на правниците од правосудниот систем, зашто ние сме првите кои треба да ги спроведуваме тие закони. Нам ни се познати дејствата и ризиците кои со себе ги носат одредените промени.

Во последните години имаше критики и на сметка на службата која Вие ја раководите, поради наводно поларизирање, што им се префрлува и на други институции. Како реагирате на тоа?

Нашата служба е независна, нашите резултати покажуваат дека законот го применуваме подеднакво во сите случаи. Во случаите за кои ние сме погрешно обвинети за поларизирање, се донесени правосилни одлуки. Ние немаме ингеренции да вршиме истраги против политичари. Нашите истраги се насочени против политичарите ако тие се на јавна функција. Нашите надлежности се утврдени со закон.

Претходно го споменавте Уставниот суд. И претседателот на државата е гарант за независноста на различните столбови на власта во државата. Какви се Вашите очекувања од претседателот Клаус Јоханис?

Во Романија Врховниот магистратен совет е гарант за независноста на судството. Претседателот има компетенции во назначувањето водечки обвинители или при потпишувањето на законите. Оттаму, нашите очекувања од претседателот се ограничени на овие две точки. Зашто, доколку одредени легислативни промени влијаат врз борбата против корупцијата и му бидат поднесени на претседателот на потпишување, ние од него очекуваме тие закони да ги врати на повторна проверка во парламентот.