1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исклучена држава: Хроника на нефункционалностa

19 јуни 2024

Четири години можат да бидат ера на промени ако се работи посветено, но и момент на стагнација ако се преспијат, како што тоа маестрално го направија СДСМ и ДУИ. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4hEBh
Северна Македонија Скопје
Фотографија: Reinhard Kaufhold/picture alliance/dpa

На една политичка емисија, после првиот круг претседателски избори, анализирајќи ги изборните резултати со моите соговорници, истакнав дека една од причините за катастрофалниот пораз на СДСМ е комплетното нефункционирањето на државата на сите нивоа. Како некој со копче да ја исклучил државата. Нефункционалноста на институциите зазема невидени, ендемски, размери, па чувството на секој граѓанин беше како државата буквално да застанала, да запрела. Како сите државни витални функции да крахираа. 

Ако треба да се направи хроника на нефункционалноста тоа би било долго четиво, па ќе се обидам тоа да го сумирам во неколку реченици. 

Во секоја нормална држава, тоа што половина од населението немаше пасош би се сместило во рубриката „верувале или не". Но, кај нас, во ерата на дигитализација и кога властите постојано зборуваат за ЕУ-интеграции, граѓаните се најдоа колективно затворени во сопствената држава, додека властите нѐ убедуваа дека проблем всушност не постои или дека граѓаните се виновни што навремено не ги замениле пасошите, занемарувајќи дека тие што се јавиле да закажат термин во август 2023 година имаа закажан термин во јуни 2024 година.

Целата учебна година помина, а некои од учебниците не стигнаа кај учениците, па се учеше од скрипти и од диктирани предавања како во поствоена социјалистичка Македонија. Вадењето на извод од матичните книги стана крупен напор или „ситен“ издаток за голем број граѓани. Се запали Универзална сала, Скопје обрасна во трева, се затвори операциониот блок на Универзитетските клиники поради смрдеа која се шири од системот за вентилација, па се сруши и потпорниот ѕид во близина на Детската клиника, а неспособните се скараа кој не е надлежен за негово санирање. Мислам дека сите граѓани разбраа кој не е надлежен, но никој не дозна кој е надлежен. Претходно немаше регистарски таблици, па тие што купуваа нови возила не можеа да ги регистрираат, па немаше сообраќајни книшки, па немаше обрасци за свидетелства за учениците.

Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Да не го споменувам автопатот Кичево-Охрид, кој никако да се изгради од истите причини поради кои неколку години не можеше да се заврши реконструкција на 2-3 километри автопат кај Петровец и од истите причини од кои со години не можеше да се асфалтираат 20-тина квадрати пред влезот на министерството за транспорт и врски. Образованието „процвета“ кога Мерко доби акредитација да едуцира медицински кадар, за потоа под притисок на јавноста оваа образовна македонска ренесанса да биде поништена. Болницата Св. Еразмо во Охрид и по 7 години остана 95% изградена, а клиничката болница во Штип заборавивме и дека се гради. Платите на докторите пораснаа и тоа е една од добрите работи што се случи, но тоа одеше со намалување на бројот на услугите кои ги дава јавното здравство за најмалку 50% во однос на пред 6-7 години и насочување на овие пациенти од јавното здравство во приватните болници, па со право граѓаните почнаа да се прашуваат зошто плаќаме здравствено осигурување. 

Ендемска нефункционалност 

Оваа хроника на нефункционалноста ќе ја завршам со два примера кои звучат банално, но кои прилично колоритно го доловуваат ова ендемско нефункционирање на институциите. 

Првиот пример се однесува на раскрсницата кај Зајчев рид и касарна Илинден која води кон патот за Косово, и бизнис зоната во Визбегово. Одличен и многу важен, витален проект, кој се гради со одлична брзина и ако продолжи вака многу е веројатно да се изгради пред пуштањето на првите човечки градби на месечината или на Марс. Ај што се гради воодушевувачки брзо, туку навечер е целосно неосветлен, без семафор и е предизвикувач на огромен број сообраќајни несреќи, страшни гужви и секојдневни нервози на учесниците во сообраќајот. Сигурен сум дека не е можно да се постави семафор од истите технички причини од кои сѐ уште не може да се изгради вселенска станица на Јупитер. Слично како и во ситуацијата со потпорниот ѕид кај Детска клиника и тука сите знаеме кој е ненадлежен, а никој не знае кој е надлежен за оваа раскрсница да се регулира за време на нејзината реконструкција односно изградба.

Вториот пример е регистрација на возила. Возилото можеш прилично едноставно и брзо да си го поминеш на технички преглед, ама управната констатација дека возилото ти е регистрирано од страна на МВР е прилично тежок проект. Полицаецот е на одмор, а замена нема. Па така со документите в рака, ќе одиш од една до друга станица за технички преглед со цел да ја најдеш баш таа станица каде полицаецот не е на одмор. Е кога ќе ја најдеш, ќе си одвоиш едно час до два за да дојдеш на ред. За потсетување, скоро 200 илјади вработени земаат плата од јавните фондови. 

Е, затоа велам како некој со копче да ја исклучи државата. Нашата држава никогаш не функционирала како швајцарски часовник и секогаш имала проблеми, биле и СДСМ и ВМРО, ама ова не било. Ваква заспаност, закоченост на институциите не се памети. Работа на новата влада ќе биде овој заспан и нефункционален, а обемен државен апарат да го рестартира и повторно да го стави во погон. Ова е навидум лесна работа, но долгата нефункционалност и заспаност премина во навика која ќе биде тешко да се искорени. Ова бара многу упорност, работа до доцна во ноќта секој ден и празник и делник.

Нов Клинички веднаш! 

За крај ќе си дозволам да дадам и еден предлог. Немојте да губите многу време со поправање на вентилацијата на Клинички. Срушете го стариот и веднаш почнете со изградба на нов Клинички центар, таму каде што му е местото, во Клиничкиот центар. Приказните од бајките за изградба на клинички центар во некоја нива покрај Скопје за пола милијарда евра имаа едноставна намена, нов клинички центар никогаш да не се изгради, јавното здравство да тоне, и 50% од оние кои не ја добиваа здравствената грижа на товар на фондот за здравство, плаќајќи високи суми од оскудниот семеен буџет да се прашуваат - зошто плаќаме здравствено осигурување. Четири години се доволно време новиот клинички центар да се изгради и да се докаже на раскажувачите на басни дека кога се работи и кога се мисли на државата изградбата на клинички центар е лесна работа. Полесна и од косењето на тревата во Скопје, обезбедувањето на сообраќајни книшки, поставување на семафор на раскрсница или санација на еден срушен потпорен ѕид. 

Четири години можат да бидат ера на промени ако се работи посветено, но и момент на стагнација ако се преспијат, како што тоа маестрално го направија СДСМ и ДУИ, станувајќи копчето што ја парализира нацијата. Задачата на ВМРО и коалицијата е да бидат катализаторот што ќе ја оживее и ревитализира Македонија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема