Се сеќавам кога одлучивме да го формираме Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Бев млад министер за образование кога неколку ентузијасти, професори дојдоа и предложија спојување на Институтот за информатика (ИИ) при Природно-математичкиот факултет и Институтот за компјутерска техника и информатика (ИКТИ) при Факултетот за електротехника и информациски технологии. Со задоволство и јас и Владата во која бев министер, ја прифативме оваа идеја и се зафативме со работа. Како министер бев изложен на страшни критики за ова, од тоа дека се мешам во автономијата на универзитетот, па до тоа дека го уништувам најстариот и најголем Универзитет, а особено дека со тоа ќе ги уништам ПМФ и ФЕИТ. ПМФ и ФЕИТ не се уништија, напротив, а ФИНКИ стана еден од најдобрите факултети во државава, па така тоа остана позитивен пример дека и кога има силна опозиција некој проект може да се протурка и успешно да функционира.
За разлика од ФИНКИ, многу други добри и потребни реформи не се спровеле токму од причина што се појавил силен отпор, често од засегнатите страни, кој потоа е искористен од опозицијата, која и да е таа, за креирање на антивладино расположение. Или пак, доколку се спровеле, следната влада ја поништила реформата како едно од предизборните ветувања. Таков беше случајот со екстерното тестирање, обврската за објавување на научни трудови на универзитетските професори и.т.н. Ова, за жал, е честа слика за македонското образование на правење на реформи и антиреформи.
Уништени реформи во здравството
Слично е и во здравството. И тоа, како и образованието, е еден од виталните државни сектори и секогаш е користено за сериозен политички напад на политичкиот опонент. Нема играчка кога се работи за здравјето на граѓаните, па така, ова е сектор кој бара стабилен и рамномерен развој. Сепак, и здравството е често жртва на политичката пасија за реформа и антиреформа. Еклатантен пример за тоа се детската кардиохирургија, програмата за обуки на нашиот медицински кадар во најнапредните клинички центри и болници во Европа и светот и (НЕ)изградбата на новиот клинички центар. Ова беа суштински реформи, кои со еден потег, со антиреформа, се поништија и исчезнаа.
Постоеше државна детска кардиохирургија, денес не постои. Постоеше обемна програма за едукација на лекари и останат медицински персонал, а денес не постои. И таа со еден потег на антиреформа беше укината. Клиничкиот центар во Скопје е најголемата антиреформа кога било направена во Македонија. Да не беше оваа антиреформа во март, веќе далечната 2021 година, новиот клинички центар во Скопје ќе беше пуштен во употреба и ќе имавме далеку поквалитетно и подобро организиран здравствен систем од тоа што имаме денес. Условите ќе беа несразмерно подобри како за работа на здравствениот персонал, така и за пациентите. Но, синдромот на антиреформа ја уништи најважната и неопходна реформа во здравството.
Споменик на антиреформите
Изборите се време кога се даваат ветувања. Се креира надеж за подобро утре. Во овој период, покрај неубави работи и црна кампања, ќе слушнеме и многу убави ветувања. Ова, по мене, е најважната придобивка на демократијата, бидејќи изборите се судир на повеќе визии за иднината на државата. Граѓаните бираат чија визија е поприфатлива и на таа партија ѝ ја даваат довербата. Партијата која ќе победи, го добива правото во наредни четири години да ја реализира визијата која ја претставила на гласачите пред и за време на изборите. За жал, многу често визијата не е поврзана само со реформи, туку и со антиреформи.
Оттука и чувството кај поголем дел од граѓаните дека на партиите им е поважно да бидат на власт од тоа како ќе се развива државата. Никој не може да ме убеди дека ова не е така, а доказ за тоа е дека иако ФИНКИ се направи и не можеа со антиреформа да го уништат, сепак зградата во која требаше да се направи овој факултет не се догради. Остана да скапува како споменик на антиреформите.
За да се докаже спротивното, откако двете најголеми партии ги претставија своите визии за иден развој на државата, ќе си дозволам од удобната позиција на колумнист да предложам новата влада да прифати еден скандинавски пристап и најмалку во два сектора да прифати спроведување на државна, а не партиска програма, која ќе ја надживее партијата на власт. Предлагам тоа да бидат секторите Образование и Здравство и тоа да се спроведе на начин што новата влада ќе подаде рака на опозицијата и ќе ги повика на усогласување на визиите за развојот на овие два клучни државни сектори. За да се направи ова не треба повеќе од 30-на дена, доколку во тимовите се вклучат партиски експерти, познавачи на состојбите во секторите, но и независни експерти. Делува скандинавски и невозможно на прв поглед, посебно во ова време, кога партиите се меѓусебно најзавојувани, но оваа политичка војна ќе спласне по изборите. Потоа, новата влада, во европски манир, да ја вклучи опозицијата во градењето на виталните столбови на државноста, а опозицијата, иако разочарана од поразот, овој европски пристап да го прифати и да покаже дека да се биде на власт е помалку важно од тоа да се работи за доброто на државата.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.