1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инвестиции во течен гас: Фрлени пари?

Михел Пенке | Јулија Мерк
12 декември 2022

Европа се обидува рускиот гас да го замени со течен гас. Се вложуваат милијарди евра во терминали. Но, тоа може да се покаже како ќорсокак – фрлање даночни пари за нешто што ѝ штети на борбата против климатски промени.

https://p.dw.com/p/4KbTZ
Терминал за течен гас, ЛНГ кај Ротердам, Холандија
Терминал за течен гас, ЛНГ кај Ротердам, ХоландијаФотографија: Lex van Lieshout/ANP/AFP/Getty Images

На почетокот на март, кога веќе беснееше руската агресија во Украина, шефицата на Европската комисија,  Урсула фон дер Лајен направи интересен лапсус на Твитер. Напиша дека ЕУ мора да се ослободи од „зависноста од фосилни горива“ и како добар пример ја пофали Шпанија со висок удел на обновливи енергии и  течен гас.

Неволјата е што и течниот гас (ЛНГ) исто така е фосилно гориво. Се испумпува од земјата, често со спорниот метод фракинг, а потоа се пали и ја загадува околината.

Тоа секако ѝ е познато и на Фон дер Лајен, па сепак таа упорно го меша ЛНГ со обновливи извори на енергија. Наскоро тоа може да се испостави како скапа забуна за Европа.

Што сѐ треба да се гради?

Според некои податоци, од почетокот на војната во Украина, испораките на течен гас во Европа се зголемени за 58 проценти. На изградба на терминали за прифаќање на течен гас се втурнаа прво  Германија,  Италија и Грција, но и Ирска, Франција, Холандија и Полска.

Германија: Изградба на нов гасовод во рекордно време

„Во Европа моментално многу се инвестира во ЛНГ“, вели Паула Марија Пераире, аналитичарка за пазарот на течен гас во ИКИС, консултантска куќа. „Ако проектите се реализираат, станува збор за петнаесетина до крајот на 2024 година, тогаш капацитетите за претворање на течен гас во гасна состојба ќе бидат зголемени за 70 милијарди кубни метри годишно.“

Но, пристанишните терминали за прифат на гас не се единствено тесно грло. Имено, гас се носи со танкери кои носат до 175.000 кубици течен гас – што се претвора во 90 милиони кубици класичен гас. За да се заменат 167 милијарди кубни метри руски гас годишно, потребни се 1.800 танкерски испораки во Европа годишно, односно пет испораки дневно.

Според пресметките на Институтот за поморска економија и логистика од Бремен, за тоа би требало да се изградат 160 нови танкери. Тие џиновски бродови чинат 220 милиони долари по парче, па целата флота би чинела 35 милијарди долари.

А крајот не е тука. Имено, за разлика од рускиот гас, овој течен гас низ Европа би течел од запад кон исток, односно од бреговите на Шпанија, Франција и Холандија кон централна и источна Европа. Бидејќи гасоводите најчесто се градени како еднонасочни улици, во кои гасот може да тече само во една насока, би требало да се градат нови.

ЛНГ танкер кај Канарските Острови, Шпанија
ЛНГ танкер кај Канарските Острови, ШпанијаФотографија: Michael Weber/Imagebroker/picture alliance

Чекајќи водород

Сите тие  скапи потфати  се косат со климатските цели на ЕУ. Унијата зацрта цел до 2050 година да стане климатски неутрална, Германија планира тоа да стане пет години порано. Но, колку повеќе гас, толку повеќе емисии на штетни гасови.

„Инвестирањето во ЛНГ нема смисла, посебно во Европа“, вели Гана Гладкик, експертка во Европската истражувачка мрежа за енергетика. „Дури и Меѓународната агенција за енергија вели дека денес веќе не смее да има инвестиции во фосилни горива. Само така можеме да ги достигнеме климатските цели.“

Решение би требало да бидат гасови чие производство и согорување не ја оптоваруваат животната средина. Наместо земен гас, тоа би можеле да бидат амонијак и течен водород.

„Политичарите продаваат приказни дека инвестиците во инфраструктура за ЛНГ не се залудни и истата инфраструктура подоцна може да се користи за течен водород кој е поповолен за животната средина“, вели Гладкик.

Но, според некои експерти, воопшто не е јасно дали денешните гасоводи и терминали навистина можат да служат и за водород или ќе мораат во старо железо.

„Ќе бидат потребни големи дополнителни инвестиции“, тврди Рајнер Квицов, истражувач од Институтот за трансформативно истражување на одржливоста во Потсдам. Зашто, тој вели дека водородот е многу поексплозивен, па бара други легури и материјали.

Меѓународната агенција за обновливи енергии ги проценува дополнителните трошоци за замена на пумпи, вентили, инструменти и сигурносни системи на 20 проценти од трошоците за ЛНГ терминалите. Зашто, водородот мора да се лади на минус 260 степени, додека течниот гас на минус 160 степени. Затоа, велат во агенцијата, денешните танкери и терминали се неупотребливи.

„Кога се знае сето тоа, би рекла дека се ова неумерени инвестиции“, ја критикува Гладкик европската и посебно германската енергетска политика.

Квицов вели дека во иднина ќе биде тешко да се напушти гасот, зашто „кога веќе имате терминали и постројки, тешко е тие да се заборават токму зашто толку многу чинеле“. Додава дека од таквата логика ќе страда планетата.

Рускиот гас подобар за климата

ЛНГ има полоши карти веќе и при споредба со  класичниот руски гас.  Не само што при експлоатацијата во Русија настануваат помалку штетни емисии, туку и компримирањето на гасот во течна состојба и негово претворање во гасна трошат околу четвртина енергија од самата количина на гас кој се пренесува.

Освен тоа, што е подолг патот на танкерите, тоа е поголема штетата за климата. На пример, префрлање од Австралија до Европа чини пет пати повеќе емисии отколку од Алжир.

И во Москва се надеваат на течен гас.  Зашто, дури и ако војната во Украина наскоро заврши, се чини дека Европа од политички причини веќе нема да смета на руските гасоводи. Русија затоа планира терминали за ЛНГ за и сама да продава течен гас на купувачи, посебно на Далечниот Исток.

Стручњаците не се сигурни дека Русите можат сами да ја совладаат техниката потребна за тоа. Додека траат санкциите, на помош и технологија од Запад не можат да сметаат.

Организациите и лобисти за напушатње на фосилните горива сметаат дека на Европа не ѝ требаат нови терминали ако сериозно мисли на борба против климатските промени. Во две анализи се наведува дека планот на Европската комисија „Фит фор 55“ може да компензира 20 отсто потреби за гас. Дополнителни 45 проценти би се заштедиле со масовен премин на топлотни пумпи, изолација и обновливи извори на енергија.

Би останала третина од рускиот гас што треба да се замени со друг гас, а за тоа, велат овие организации, доволна е и постоечката инфраструктура.

Научниците и активисти добија поддршка и од највисоко место. Неодамна генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ги означи фосилните енергии како „промашени инвестиции каде се трошат милијарди за бескорисна инфраструктура“. Државите, рече Гутереш, мора да ги напуштат јагленот, нафтата и гасот зашто зависноста од нив е „лудило“ и „гаранција за уништување:“