Катар ќе и` испорачува течен гас на Германија
29 ноември 2022Катар и Германија постигнаа договор за испорака на течен гас, според кој од Емиратот, почнувајќи од 2026 година, најмалку 15 години во Германија ќе стигнуваат годишно два милиони тони течен гас (ЛНГ). Ова денеска го соопшти катарскиот министер за енергетика Саад Шерида Ал-Кааби во Доха. На овој начин Катар ќе ги поддржува напорите на Германија и на Европа за енергетска безбедност.
Американскиот концерн КоноцоФилипс ќе го експлоатрира гасот пред брегот на Катар и ќе го пренесува до германскиот пристанишен град Брунсбител, во покраината Шлезвиг Холштајн, каде уште оваа зима треба да биде пуштен во погон пловечки ЛНГ терминал. Од овој терминал ќе биде можно преземање течен гас од танкерите и уште таму тој ќе биде претворан во обичен гас кој ќе биде насочуван во гасоводната мрежа.
Германскиот канцелар Олаф Шолц по својата посета на Катар во септември најави напредок во преговорите за испорака на течен гас, во рамките на стремежите на Германија да изврши делумна замена за своите потреби од овој енергенс по стопирањето на дотокот на руски гас.
Германскиот сојузен министер за економија Роберт Хабек беше во Катар на почетокот на годинава, преку политички разговори отворајќи рамковни можности за склучување договор за испорака на природен гас, по што финализирањето на конкретни детали им беше препуштено на одделни фирми.
Хабек денеска изјави дека е „мудро од претпријатијата да ги искористат за купување најповолните понуди за потрошувачите на светскиот пазар“, а во тоа е вклучен и Катар, иако тој не е единствениот актер, истакна Хабек, имајќи во вид постигнување и натамошни договори.
Катар планира зголемување на својата продукција на ЛНГ до 2027 година за 60 проценти, со што земјата би произведувала годишно 126 милиони тони гас. Минатата недела Катар склучи договор за испорака на гас со Кина, на рок од 27 години, што според катарскиот министер за енергетика е најдолгиот рок во историјата на ЛНГ индустријата.
Кина би требало според овој договор да добива четири милиони тони гас годишно.