1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп го осуди „гнасниот упад“ во Капитол

ЖА / агенции
8 јануари 2021

Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп се дистанцираше од насилството и упадот на своите поддржувачи во Конгресот и вети мирно предавање на власта. Петта жртва на безредијата - почина повреден полицаец

https://p.dw.com/p/3nfzl
US-Präsident Donald Trump
Фотографија: Donald J. Trump via Twitter/REUTERS

Ова беше одвратен напад, вели Трамп во видео пораката која беше објавена доцна синоќа на Твитер, демонстрантите со својата акција „го извалкаа седиштето на американската демократија“.

Американскиот Конгрес вчера ја потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори. „На 20 јануари ќе биде инаугурирана новата влада“, изјави Трамп во видео-пораката, што е формулација досега најблиску до формално признавање на неговиот изборен пораз.

Мојот фокус сега е врз овозможување мирен, уреден и без пречки пренос на власта. Во овој момент се потребни залекување и помирување“, порача Трамп, иако тој самиот утрото уште ги ширеше своите неосновани тврдења дека Бајден успеа да дојде на власт само со помош на масивни изборни измами.

Трампсега уште истакна дека оние кои упаднаа во Капитол, мора да сносат одговорност.

Конгресот во средата одржуваше седница за формална потврда на изборната победа на Бајден, а кратко пред нејзиниот почеток Трамп ги повика своите поддржувачи да протестираат пред Капитол против изборниот исход. „Ве сакаме, вие сте нешто посебно“, им довикуваше Трамп тогаш.

Во безредијата при упадот во Конгресот загинаа пет лица, меѓу кои една жена беше застрелана од полицијата и подоцна почина. Утрово на повредите им подлегна и еден полицаец, член на обезбедувањето на Капитол. Тој бил нападнат од толпата и претепан.

Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и демократскиот предводник во Сенатот, Чак Шумер, побараа од потпретседателот Мајк Пенс и владата да го активира членот 25 од уставот и да му се одземе функцијата на претседателот поради „поттикнување бунт“.

За оваа опција дискутирале и американскиот министер за финансии Стивен Мнухин и министерот за надворешни работи Мајк Помпео, објави Си-Ен-Би-Си, повикувајќи се на информации од доверливи личности. Потпретседателот Мајк Пенс, кој би требало да ја води постапката за отповикување на претседателот, одби на Трамп да му се одземе функцијата со активирање на членот 25 од Уставот, соопшти неговиот кабинет. Овој член нуди можност за отповикување во ситуации кога претседателот поради болест не може да ги извршува своите должности.

Во знак на протест против насилството во Капитол, оставки поднесоа министерката за сообраќај Елејн Чао и министерката за образование Бетси ДеВос. „Не постои сомнеж какво беше влијанието на Вашата реторика врз ситуацијата, а за мене тоа е пресвртна точка“, напиша ДеВос во оставката адресирана до Трамп. Шефот на полициското обезбедување на Капитол, Стивен Сунд исто така најави оставка.