1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска и Србија можат и подобро - ако се сака

Игор Ласиќ
6 февруари 2023

Зачестија средбите меѓу високи претставници на Хрватска и Србија. Дури и кога би се верувало дека тоа не е последица на притисокот од Брисел, многу проблеми всушност и можат да се решат само заеднички.

https://p.dw.com/p/4N1WN
Хрватска Србија Томислав Жигманов и Милорад Пуповац
Томислав Жигманов и Милорад Пуповац: Иницијативите за приближување на Хрватска и Србија преку српското малцинство во Хрватска и хрватското малцинство во Србија се за пофалба, велат аналитичарите со кои разговараше ДВФотографија: N. Jovanovic/Novosti

Нормализација на односите меѓу Хрватска и Србија, барем делумна, веќе еден месец не е никаква новина. Прво, уште околу Нова година, ја најави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој изјави дека лично претседателот на Србија, Александар Вучиќ, наложил „малку да се одмрзнат односите со Хрватска“. Додаде и дека во тоа ќе им помогнат „врските“ со Томислав Жигманов, претставник на Хрватите во Србија, како и Милорад Пуповац, претставник на Србите во Хрватска. Сепак, останува прашањето зошто тоа се случува токму сега и каква е перспективата на оваа промена.

Комуникацијата на државните врвови на двете земји веќе со години е обележана со нетрпеливост и провокации, а најчестиот канал за нивните вербални препукувања се таблоидите. Само одвреме-навреме имаше по некој подобар момент во односите, но навистина ретко.

„Затоплувањето на односите меѓу Хрватска и Србија доаѓа во бранови, како бура. И тоа главно кога едната и другата влада, и на Хрватска и на Србија, сакаат да играат улога на добри момчиња - 'good guys', на меѓународната сцена. Така е и сега“, вели за ДВ поранешниот дипломат Дамир Грубиша.

Тешко на малцинствата на Балканот

Овој професор по комуникации и меѓународни односи на Американскиот универзитет во Рим смета дека проблемот лежи во „виралниот национализам“ на владите од десниот центар во Србија и Хвратска. Оттука, не е уверен дека затоплувањето на односите ќе биде одржливо без пошироки и подлабоки иницијативи и вистинска волја за нормализација. „Од српска страна“, вели тој, „сè уште е отворено прашањето на исчезнатите во војната и заробениците од српските логори, а на хрватска страна - нерешените прашања на српските бегалци, како струја и вода на местата каде што живеат, односно каде што живееја Срби.“ 

Според него, што се однесува до Хрватска, дури и досега непостоечката обнова на Банија може да се протолкува како форма на одговор, односно казнување на еден дел од населението поради она што се случувало пред три децении. Грубиша додава и дека е апсурдно тоа што во Хрватска има бројни пријателски друштва со други народи, но само во окрузите Риека и Сисак-Мославина постојат две локални здруженија на хрватско-српско пријателство: „Од друга страна, меѓупарламентарна група за пријателство на Хрватска-Србија во Парламентот, која брои 22 члена е предводена од Златко Хасанбеговиќ, познат во јавноста по неговите проусташки симпатии.“

„Затоа се за пофалба иницијативите за зближување меѓу Хрватска и Србија преку српското малцинство во Хрватска и хрватското малцинство во Србија. Само тие знаат колку е тешко да се биде српско или хрватско малцинство на Балканот“, заклучува Дамир Грубиша.

Тој смета дека решение за иден напредок може да биде своевидно бипартиско тело кое ќе изгради стратегија за билатералните односи и ќе ги доведе двете земји до постигнување спогодба за партнерство и пријателство. Но, само ако Хрватска со ова сака да потврди дека не е членка на ЕУ само поради ситен сопствен интерес, а целта на Србија е само да се доближи до ЕУ и Западот.

Добитен модел на уставен патриотизам

Медиумскиот аналитичар Давор Џенеро се согласува со основните појдовни точки на Грубиша, тврдејќи дека клучот за напредокот се наоѓа во двајцата споменати претставници на малцинствата, Пуповац и Жигманов. „Двете опции функционираат во рамките на моделот на уставен патриотизам: хрватските Срби кон Хрватска, српските Хрвати кон Србија. Ми се чини дека да се биде во средина е генерално најдобрата малцинска парадигма. Сепак, не сум убеден дека би постигнале нешто важно, доколку не се случеше специфичниот момент на конкретен притисок во рамки на актуелната констелација во Европската унија“, вели Џенеро.

- повеќе: Нов почеток во односите меѓу српскиот и хрватскиот народ?

На крајот на краиштата, станува збор за поттик на Србија од Брисел во форма на извештај за (не)напредокот на земјата во приближувањето кон Европската Унија. Во тој документ на крајот на минатата година особено беше посочено дека Србија потфрлила во односите со соседните земји, а тоа е важен критериум за оценка. Давор Џенеро е на мислење дека оценката на Република Хрватска е дека Србија веќе постигнува одреден напредок, според стандардите на ЕУ, во однос на прашањето за војната на Русија против Украина. Затоа оваа тема веќе не се споменува како критична последните недели, а дотогаш редовно се нагласуваше.

- повеќе: Срби и Хрвати: Секој има своја суверена „Бура“

„Второ, нешто се случува и со Косово“, вели овој политиколог, „и тоа може да биде комплементарно - ако сака подобра заштита на српското малцинство на Косово, Србија мора соодветно да ги реши правата на другите малцинства на својата територија. Но, контекстот навистина значително се промени за помалку од еден месец. Веќе можеме да сметаме дека овој процес може да има значителна перспектива, доколку се задржат постоечките услови. Па, можеби еден ден повторно ќе го достигнеме подоброто ниво на дијалог што беше забележано во времето на претседателите Иво Јосиповиќ и Борис Тадиќ“. 

Зачестени државнички средби

Ако се повлече линија, излегува дека пресудни биле два фактора, а првиот е опишаниот поттик од Европската комисија. Вториот е веќе познатата подготвеност на двајцата наведени малцински претставници, кои партиципираат во државната власт во земјите во кои живеат. Дури откако тие нешта се поклопија, зачестија средби како на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и српскиот претседател Александар Вучиќ во Давос, а пред тоа на министрите за надворешни работи Горан Грлиќ и Ивица Дачиќ во Загреб.

Во понеделникот (30.01) во Загреб престојуваше и Вељко Одаловиќ, шеф на српската Комисија за лица исчезнати во војната, кој таму се сретна со претставниците на хрватското Здружение за заробеници и исчезнати лица. Во меѓувреме во официјална посета е поканета и српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ. Активностите на таа релација се повеќе од заживеани, па се добива впечаток дека ваквата динамика би можела со малку среќа и да потрае. Само да не се појават повторно неочекувани дневно политички приоритети кои свое задоволување наоѓаат во меѓусоседските тензии.