Харис по средбата со Нетанјаху: „Нема да молчам“
26 јули 2024По американскиот претседател Бајден, израелскиот премиер Нетанјаху се сретна со Камала Харис. Потпретседателката и можна претседателска кандидатка јасно стави до знаење дека е на страната на Израел, но изрече и критики за неговите постапки во Појасот Газа.
Американска потпретседателка и можна демократска претседателска кандидатка, Камала Харис употреби јасни зборови за Израел по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Како потпретседателка, Харис рече дека се чувствува непоколебливо посветена на правото на постоење на израелската држава и нејзиниот народ. „Израел има право да се брани и важно е како го прави тоа“, рече 59-годишната политичарка.
Харис: „Не можеме да го свртиме погледот“
Во разговорот со Нетанјаху, таа ја изразила својата „сериозна загриженост за степенот на човечкото страдање во Појасот Газа“. Ова вклучува смрт на „премногу невини цивили“ и катастрофална хуманитарна ситуација. Таа зборуваше за „слики на мртви деца и очајни гладни луѓе“ кои бегаат, кои биле протерани „понекогаш по втор, трет или четврти пат“. „Не можеме да замижиме пред овие трагедии“, продолжи Харис. „Не можеме да дозволиме да станеме бесчувствителни пред страдањето и нема да молчам“, рече Харис. Taa ги повика луѓето во САД да ја имаат на ум сложеноста на конфликтот и историјата на регионот. Тероризмот и насилството мора да бидат осудени, рече таа. „Да направиме сите сѐ што можеме за да го спречиме страдањето на невините цивили. И да го осудиме антисемитизмот, исламофобијата и омразата од секаков вид."
Средбата со Нетанјаху беше „отворена и конструктивна“, продолжи Харис. Таа нагласи дека таа и американскиот претседател Џо Бајден работат секојдневно и на тоа да ги вратат американските заложници дома од Појасот Газа. Благодарение на Бајден, на маса е договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците, истакна Харис. Има „надежен напредок во разговорите“, изјави таа. „И како што тукушто му кажав на премиерот Нетанјаху: време е за конечно постигнување на овој договор“.
Минатиот ноември имаше еднонеделен прекин на огнот за време на кој израелските заложници беа ослободени во замена за палестински затвореници. САД, заедно со Катар и Египет, со месеци се обидуваат да посредуваат во борбите меѓу Израел и Хамас, но засега не е постигнат договор.
САД му обезбедија воена и дипломатска поддршка на својот близок сојузник Израел по невидениот напад на палестинската исламистичка организација Хамас врз земјата на 7 октомври. Сепак, имаше повеќекратни иритации, а понекогаш и значајни разлики меѓу двете влади околу воените дејствија на Израел.
Планирана е и средба со Доналд Трамп
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно се сретна со американскиот претседател Џо Бајден, но не беа објавени детали од нивниот разговор. Меѓутоа, во телевизискиот говор неколку дена по неговата одлука да не се кандидира повторно за претседателската функција, американскиот претседател рече дека во преостанатите месеци од неговиот мандат ќе им даде приоритет на прашања како што е завршувањето на војната во Појасот Газа. Израелскиот премиер Нетанјаху, при неговата посета на САД, планира и средба со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, на неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида. САД, како најважен сојузник, со месеци го повикуваат Израел да ја зголеми хуманитарната помош во Газа и да ја подобри заштитата на цивилното население. Нетанјаху отфрла каква било критика за воените дејствија на неговата земја во Појасот Газа.