1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Нетанјаху пред Конгресот на САД: „Ќе победиме“

СН/агенции
25 јули 2024

Израелскиот премиер Нетанјаху за време на неговиот говор во американскиот Капитол увери дека сака да ги ослободи сите заложници кои ги држи Хамас. Неговата земја ќе победи во војната, порача Нетанјаху.

https://p.dw.com/p/4ii2E
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху имаше обраќање на заедничка седница на двата дома на американскиот Конгрес
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху имаше обраќање на заедничка седница на двата дома на американскиот КонгресФотографија: Roberto Schmidt/AFP/Getty Images

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа во американскиот Конгрес изјави дека победата на Израел ќе биде и американска и повика двете земји да останат обединети по девет месеци војна во Појасот Газа.

„За да триумфираат силите на цивилизацијата, Америка и Израел мора да останат обединети“, рече Нетанјаху во Претставничкиот дом на Конгресот на САД.

„На Блискиот Исток, иранската оска на теророт ги предизвикува САД, Израел и нашите арапски пријатели. Тоа не е конфликт на цивилизации, туку судир на варварство и цивилизација“, додаде Нетанјаху.

Тој апелираше до САД да обезбедат нова воена помош за Израел и зборуваше за демилитаризирана и дерадикализирана Газа по војната и изрази уверување во исходот од преговорите за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

„Убеден сум дека овие напори ќе бидат крунисани со успех“, рече израелскиот лидер, заблагодарувајќи му се на американскиот претседател Џозеф Бајден за неговите неуморни напори во полза на заложниците.

USA Washington 2024 | Netanjahu spricht vor US-Kongress
Фотографија: Drew Angerer/AFP/Getty Images

„Победата на Израел ќе биде и победа на САД“, рече Нетанјаху, додавајќи дека Израел не се штити само себеси.

„Ние ве штитиме вас, нашите непријатели се ваши непријатели, нашата борба е ваша борба и нашата победа ќе биде ваша победа“, рече Нетанјаху.

Посетата на израелскиот лидер на Вашингтон, кој допатува во понеделникот, предизвика дополнителен метеж среде политичките превирања во САД поради повлекувањето на Бајден од претседателската трка.

Многу избрани членови на Демократската партија го критикуваат десничарскиот израелски лидер за начинот на кој ја води војната против Хамас во Појасот Газа во која загинаа илјадници Палестинци и предизвика хуманитарна катастрофа.

Илјадници демонстранти се собраа околу Конгресот да протестираа против говорот на Нетанјаху и бараа прекин на огнот во Газа.

Демонстрантите носеа транспаренти повикувајќи на прекин на американската помош за Израел и нарекувајќи го Нетанјаху воен злосторник.

Над 1.000 деца во Газа со ампутирани нозе

Нетанјаху му се обрати на Конгресот за да ја одбрани својата цел да го елиминира Хамас и да ја нагласи заканата од Иран.

За американскиот претседател, меѓутоа, приоритет е да го притисне Нетанјаху да постигне договор за прекин на огнот со Хамас во време кога некои се сомневаат дека тој потклекнува под притисокот на екстремната десница во неговата влада.

Подготовката за повоениот период е важна и за Вашингтон, а тука постои јаз меѓу двете влади, особено околу изгледите за создавање на палестинска држава.