Хамас ослободи уште две заложнички
24 октомври 2023Израелските власти потврдија дека во понеделникот вечерта се ослободени уште две заложнички, заробени од Хамас по терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври и префрлени на територијата на Појасот Газа.
Станува збор за две жени кои имаат само израелско државјанство. 79-годишната Нурит Купер и 85/ годишната Јошевед Лифшиц (85) се ослободени, соопшти израелската влада, која им се заблагодари на Египет и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст за нивниот придонес во нивното ослободување. „Двете жени се предадени на војската“, соопшти кабинетот на премиерто Бенјамин Нетанјаху.
Сопрузите остануваат во заложништво
Двете жени биле киднапирани од кибуцот Нир Оз, заедно со нивните сопрузи, кои не се ослободени.
Внукот на Јошевед Лифшиц неодамна зборуваше за новинската агенција Ројтерс притоа побара од Хамас да ги ослободи неговите баба и дедо. Во таа прилика тој истакна дека тие се стари и болни и оти им е тешко да ја добијат потребната медицинска помош во Газа.
Засега не се знае во каква состојба се сопрузите на ослободените жени, а внукот на Јошевид претходно со надеж изјави дека ако таа е жива, тогаш е и тој.
Египетската телевизија Ал Кахера објави снимка од ослободувањето на двете постари Израелки - Нурит Јицак и Јохвед Лифшиц. На снимката се гледа како тие се префрлаат од возило на Црвениот крст во египетско амбулантно возило на граничниот премин Рафах со Газа.
Дали 50 заложници ќе бидат ослободени?
Хамас претходно објави дека ослободил уште двајца заложници од хуманитарни и медицински причини.
Портпаролот на военото крило на Хамас изјави дека тие требало да бидат ослободени уште во петокот, кога биле ослободени и мајката и ќерката од САД, но дека Израел одбил да ги прифати.
Претходно во текот на денот се појави информација дека е можно ослободување на 50 заложници, кои имаат странско или двојно државјанство. Меѓутоа, Хамас подоцна соопшти дека тоа се гласини и дека не знаат зошто тие се пласираат во јавноста.
Хамас, кој е класифициран како терористичка организација од страна на Израел, ЕУ и на САД, изврши напади од невидени размери во јужен Израел на 7 октомври, убивајќи повеќе од 1.400 луѓе. Израел одговори со секојдневни воздушни напади и најава за копнена офанзива. Израелските власти веруваат дека при нападот на Хамас се киднапирани најмалку 220 лица, кои Хамас ги држи во заложништво во Појасот Газа.