1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Грузија и Молдавија категоризирани како безбедни држави

Кристијан Валц
17 ноември 2023

Германскиот Бундестаг ги категоризираше Грузија и Молдавија како безбедни држави. Со овој чекор треба да се намали растечкиот број баратели на азил во Германија.

https://p.dw.com/p/4Z0sj
Пленарната сала на германскиот парламент, Бундестагот
Пленарната сала на германскиот парламент, БундестаготФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/Deutsche Presse-Agentur GmbH/picture alliance

Бундестагот ги прогласи Грузија и Молдавија за безбедни земји на потекло. За предлог-законот на сојузната влада гласаа пратениците од коалициските партии СПД, Зелените и ФДП, како и опозициските пратенички групи на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и АфД.Предлогот го одбија само пратениците од партијата Левица.

Со тоа што ќе бидат класифицирани како безбедни земји на потекло, барањата за азил од луѓе од тие земји може да се обработуваат побрзо, што овозможува рана депортација. Германските власти можат да претпостават дека „таму генерално не постои страв од државен прогон и дека соодветната држава може генерално да пружи заштита од недржавно прогонство“.

„Важен чекор“ против нерегуларната миграција

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер ја поздрави одлуката на Бундестагот: „Ова е уште еден важен чекор кон ограничување на нерегуларната миграција“, рече социјалдемократката. Со тоа може да се намали товарот на општините и судовите. Германија сега сака да склучи договор за миграција со Грузија и Молдавија „за да се овозможи квалификувана имиграција на работници и на тој начин да се создадат стимулации за да се осигура дека грузиските и молдавските граѓани нема да поднесуваат безнадежни барања за азил во Германија во иднина“.

Според германската влада, стапките на признавање на барањата за азил од државјани на Грузија и Молдавија биле само околу 0,1 отсто во првата половина на 2023 година, што значи дека било признаено само околу едно од илјада барања. Молдавија е кандидат за членство во ЕУ, Грузија се стреми кон овој статус.

Критики пристигнаа од организациите за човекови права и Сојузот на лезбејки и гејови во Германија. На пример, Про Азил го истакна фактот дека во Молдавија биле дискриминирани Ромите, а во Грузија - квир луѓето. Освен тоа, во двете земји се зголемува руското влијание.

Досега како безбедни земји на потекло се означени сите земји-членки на Европската унија, како и Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија,Албанија, Косово, Црна Гора, Гана и Сенегал.