1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК препорача почеток на пристапни преговори со Украина

ЖА
8 ноември 2023

Комисијата на ЕУ не гледа веќе некои поголеми пречки за почеток на пристапните преговори со Украина. Сега се на потег владите на земјите од ЕУ и Киев.

https://p.dw.com/p/4YZ9s
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски во КиевФотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

Комисијата на ЕУ препорачува почнување на пристапни преговори со Украина. Пред првиот круг, земјата ќе мора да ги заврши реформите што ги започна. Тоа произлегува од извештајот поднесен денеска од страна на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која зборуваше за „историски ден“.

Врз основа на новите проценки, на  почеток на преговори со ЕУ  можат да се надеваат и Молдавија и Босна и Херцеговина, додека Грузија би требало да добие статус на земја-кандидат.

Доколку владите на членките на ЕУ се согласат со препораката на ЕК, би било прв пат во историјата на Европската унија да започнат  пристапни преговори со земја која се наоѓа во војна.  Украина на 28 февруари ланската година, кратко по почетокот на руската инвазија, достави барање за приклучување кон ЕУ.

Шефовите на држави или влади на ЕУ-државите на Украина и` доделија кандидатски статус на 24 јуни 2022 година, со истовремен заклучок за натамошните чекори да се одлучува по исполнувањето на седумте критериуми поставени од страна на Европската комисија. Станува збор меѓу другото за посилна борба против корупцијата, посебно на повисоко ниво, за запазување на стандардите во борбата против перење пари и примена на законот против преголемо влијание на олигарсите.

Урсула фон дер Лајен на викендот при својата посета на Киев истакна дека е свесна од потребата за натамошна работа на неопходните реформи, но е уверена дека амбициозната цел е сепак остварлива и процесот на пристапни преговори би можел да биде отворен уште годинава. Како пример за отворени точки таа ги наведе борбата против корупција и донесување закон против лобисти.

Околу препораката на ЕК сега  на потег се членките на ЕУ –  тие треба да донесат едногласна одлука. Украина се надева дека тоа ќе се случи на нивниот последен самит годинава, на 14 и 15 декември.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема