Груби: „Ако се проневери еден денар, да скапеме во затвор“
25 април 2023„Ако се проневери еден денар од проектот за изградба на Коридорите 8 и 10д да скапеме во доживотен затвор“ - порача денеска вицепремиерот и министер за политички прашања, Артан Груби, кој во улога на координатор на стратешкиот проект за изградба на Коридорите 8 и 10д, пред стопанствениците го бранеше проектот и договорот кој го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“. Тој ги охрабрува Антикорупциската комисија и Обвинителството да извршат увид во целата постапка и да преземат дејства ако е неопходно. „Инсистираме процесот да биде најтранспарентен“, вели Груби.
Стопанствениците бараа поголеми олеснувања и за домашните компании, како и законските измени на брза лента за да се олесни патот за изградбата на автопатиштата да важат и за нив. „Условите за Бехтел и Енка, за брзо решавање на административните пречки, привилегиите за бизнисите на терен и за бирократските процеси треба да важат за сите“, порачаа дел од стoпaнствениците коишто учествуваа на месечното обраќање на Груби во Стопанската комора на Северна Македонија на тема „Бехтел и Енка – можности, предизвици и одговорности“.
Аргументи „за“ и „против“
Вицепремиерот Груби е дециден дека станува збор за еден од најважните стратешки проекти во земјата, којшто ќе го олесни патувањето на граѓаните кон Охрид и Струга, но и кон Албанија, ќе даде нов импулс на економијата, а бенефит ќе имаат и партиите, бидејќи зад нив ќе остане еден ваков голем и значаен проект.
„Зборувам за резултати сега, а не по десетици години колку што трае изградбата на патот Кичево-Охрид. Сакам да возам по овој автопат додека имам дозвола да возам, а не по 70 години“, рече Груби.
Според него, досега не се исплатени средства, а првото авансно плаќање за почеток на градежни работи ќе биде објавено на порталот Отворени финансии. Измените на Законот за работни односи, што се дел од пакетот закони за забрзување на реализацијата на проектот, дециден е Груби, не значат експлоатација на работниците и злоупотреба на нивните права. „Не се работи за 60 часови работа, туку за дополнителни часови со согласност на работниците“, вели тој.
Во Договорот вели дека никаде не стои исплата на пенали, а домашните градежни компании ќе имаат голема корист во тек на целиот градежен процес со тоа што над 51 процент од работите ќе биде од домашни ресурси.
Одговорност
Претставник на Државната комисија за спречување на корупција посочи дека самиот начин на носење на специјалниот закон е причина за одговорност. „Поднесовме иницијатива до Уставен суд, која што беше отфрлена, но има простор за други видови на одговорност. Самиот начин на носењето измени на осум закони е причина за одговорност само по себе. Имаме отворено предмет, ќе го следиме и текот од промените што ќе произлезат од измените на овие осум закони, кои ќе важат и за сите други стратешки или државни инвестиции“, порачаа од Антикорупциската комисија. Тие ги следат и огласите за вработување во врска со изградбата на коридорите и најавија дека ќе излезат со нивно мислење во однос на тој процес.
Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите веќе неколку недели ја бранува јавноста. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека е „добро што Артан Груби е свесен дека ќе лежи во затвор, дури и тој самиот си ја одреди висината на казната“. Тие од него побараа одговор на неколку прашања: „Зошто прифатиле да се суспендира континенталното право и за „Бехтел и Енка“ да важи англосаксонско право? Зошто дивоградбите и легалните објекти ќе се легализираат по исти цени? Зошто сите грешки од проектирањето на „Бехтел и Енка“ ќе ги плаќаат граѓаните? Дали Груби и Ковачевски од свој џеб ќе прифатат да ги платат пеналите за обврската која ја преземале за зголемување на часовите на работна недела“, велат од опозициската партија.
СДСМ пак, обвинува дека хајката која што ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја водат против изградбата на коридорите 8 и 10д и против реномираната американска компанија Бехтел е од политички и лукративни причини.
„Ниту еден автопат ВМРО-ДПМНЕ нема направено. Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од носителот на криминалот Никола Груевски зела кредит од 411 милиони евра за изградба на автопатот Кичево – Охрид и иако кредитот е земен, а парите потрошени автопатот, не беше ниту далеку од направен“, рече на прес конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.