Каде ќе се фрли првата лопата за коридорите?
21 април 2023Во ек на дебатата за договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д, Владата треба да ја фрли првата лопата со која ќе биде означен почетокот на градежните работи на автопатиштата. Според првичните најави, на 22 април (сабота) треба да стартуваат градежните работи на дел од Коридорот 8, а на 12 мај ќе почне да се гради на Коридорот 10д.
Премиерот Димитар Ковачевски деновиве беше дециден дека автопатските делници ќе се изградат. Јавното претпријатие за државни патишта веќе објави оглас за работници, кои ќе бидат ангажирани 40 часа неделно, сѐ додека не поминат измените на осум закони коишто се во собраниска процедура, а се поврзани со работата на коридорите.
Стратешки проект
Коридорите 8 и 10д, се досега најголемиот инфраструктурен проект во земјата, чија што вредност изнесува 1,3 милијарди евра. Со реализацијата на овој проект, предвидена е изградба на четири автопатски делници, во вкупна должина од околу 110 километри. Изградбата на овие два коридори, според Владата, значи поврзување на државата со другите земји од Европа, пораст на странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и стока, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.
„Изградбата на делниците од коридорите 8 и 10д се од стратешки интерес за државата и воедно најголемата инвестицијата во инфраструктурата во државата“, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за ТВ 21. Тој вели дека 51 отсто од вредноста на проектот од 1,3 милијарди евра, односно 650 милиони евра, ќе добијат македонските градежни компании.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак обвинуваат дека за изградбата на коридорот ќе бидат ангажирани 70 отсто странски работници без работни дозволи, а само 30 отсто домашни.
Притисок
Под притисок на јавноста, Владата се согласи да го стави договорот кој има одреден степен на тајност, на увид пред пратениците коишто имаат безбедносни сертификати.
Во меѓувреме се огласи и Амбасадата на САД, која информираше дека поддржува инвестиции од интерес на Северна Македонија, но ако има несоодветни активности тие треба да се истражат.
„Јасно кажавме дека доколку постојат прашања за несоодветни постапувања во овој или кој било друг случај на владини набавки, тие треба да се истражат. Бехтел-Енка успешно договори и реализираше неколку големи проекти низ Западен Балкан“, се вели во изјавата која ја пренесе МИА.
Ваквата реакција следи откако премиерот Димитар Ковачевски по обвинувањата на опозицијата за корупција при склучувањето на Договорот со „Бехтел и Енка“, во неколку наврати побара од владите на САД и Турција да кажат „дали во изминатите две години, откако се подготвуваше овој проект, некој од нашата земја побарал нешто од нив или од нивните компании“.