1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците ќе можат да ѕирнат во договорот за коридорите

ДТЗ
20 април 2023

Презентацијата на договорот, кој има степен на тајност, ќе биде спроведена пред сите пратеници кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат, потврдија од Владата, откако група пратеници испратија барање до премиерот

https://p.dw.com/p/4QMo3
Димитар Ковачевски
Владата ќе им даде на дел од пратениците да ѕирнат во договорот за коридоритеФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Пратениците со безбедносен сертификат ќе имаат увид во договорот за изградба на коридорите 8 и 10д. По барањето коешто го упатија деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, од Владата информираат дека претставници и членови на Комитетот за изградба на коридорите ќе ја презентираат документацијата и деталите од договорот во соодветна собраниска процедура.

„Целта е пратениците да се запознаат со содржината и сите детали од Договорот за изградба на двата коридори, кои се од нивни интерес. Презентацијата на Договорот ќе биде спроведена пред сите пратеници кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат“, посочуваат од Владата. 

Сомнежи

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во средата (19.04) во името на група пратеници побара во најкус можен рок да им биде доставен договорот врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата. Ваквото барање беше упатено откако премиерот Димитар Ковачевски неколкупати повтори дека  договорот има одреден степен на доверливост. 

договор Бехтел и Енка
Според првичните најави, на 22 април (сабота) треба да стартуваат градежните работи на дел од Коридорот 8Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во континуитет објавува спорни моменти од договорот и обвинува дека не станува збор за историски проект, туку за „должничко ропство во кое Владата на ДУИ и СДСМ ја туркаат државата“. Увид во договорот побараа и експертите, кои што изминативе денови укажаа дека брзите законски измени, со цел да се отвори патот за изградба на коридорите, носат големи ризици и дека е потребна детална анализа, со цел да се избегнат евентуалните замки. 

Планови

Според првичните најави, на 22 април (сабота) треба да стартуваат градежните работи на дел од Коридорот 8, а на 12 мај ќе почне да се гради на Коридорот 10д. Премиерот Димитар Ковачевски деновиве беше дециден дека автопатските делници ќе се изградат. Јавното претпријатие за државни патишта веќе објави оглас за работници, кои ќе бидат ангажирани 40 часа неделно, се додека не поминат измените на осум закони коишто се во собраниска процедура, а се поврзани со работата на коридорите.

Коридорите 8 и 10д, се досега најголемиот инфраструктурен проект во земјата, чија што вредност изнесува 1,3 милијарди евра. Со реализацијата на овој проект, предвидена е изградба на четири автопатски делници, во вкупна должина од околу 110 километри. 

Владата оценува дека со изградбата на коридорите Северна Македонија конечно станува раскрсница на Балканот. Коридорот 8 е нов економски и развоен импулс на државата, можност Северна Македонија да биде на сообраќајната и економската карта на Европа. Изградбата на овие два коридори, според Владата, значи поврзување на државата со другите земји од Европа, пораст на странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема