Груби: ЕУ да реагира за Бугарија
12 јануари 2024Откако холандскиот амбасадор во РСМ се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека владеењето на правото две години е во постојан пад, и неприфатливо е политичко влијание врз претседателот на Врховниот суд, првиот вицепремиер Артан Груби сега очекува ЕУ да реагира и за други нешта: за блокирањето на македонскиот европски пат од страна на земја - членка на Европската Унија.
Ова уследи откако пред два дена холандската амбасада во куса објава на Фејсбук ја објасни причината за средбата на нивниот амбасадор со лидерот на ДУИ.
„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, наведе холандската амбасада.
Првиот вицепремиер Артан Груби во гостување на ТВ 24 наместо коментар на оваа порака упатена до Ахмети, изрази очекувања кои отскокнуваат од досегашниот речник на Владата, на ДУИ и на министерот за надворешни работи од редовите на ДУИ, Бујар Османи, околу европскиот (француски) предлог, односно прифатената Преговарачка рамка.
„Па, се надевам да има сериозна реакција и за Бугарија, за неправедните условувања кон Република Македонија и блокирањето на европскиот пат од страна на земја-членка на Европската Унија. И се надевам дека ќе има реакција и за непринципиелните барања од нашите соседи во однос на нашата европска, и евроатлантска иднина, ако сакате. Знаете, моравме да смениме Устав, моравме да го смениме уставното име за да се зачлениме во НАТО, сега мора да ги вметнеме со техничка измена на Уставот и бугарската заедница, и други заедници, само за да се зачлениме во Европската Унија. И ниту една друга земја членка нема вакви условувања“, изјави Груби.
Што се смени?
Само до вчера вакви изјави од редовите на опозицијата, од експерти и јавни личности беа третирани како неразбирање на важноста на моментумот, како опструкции на европскиот пат и опасност ветото на македонскиот пат кон ЕУ за првпат да дојде „однатре“, а не однадвор... Груби не даде одговор зошто претходно ја убедувале јавноста дека предлогот е добар за РСМ.
„Услови ни беа нас (поставени - н.з.), ние ги исполнивме тие услови. Но за жал, за возврат не го добивме тоа што требаше да го добиеме, а тоа е почеток на преговори за членство во Европската Унија“, рече Груби.
На прашањето - зошто тогаш Владата прифатила и нови услови, наместо да се бори за тоа што и` било ветено, тој изјави: „Ние од Европска унија не можеме, не смееме и нема да се откажеме затоа што немаме друга алтернатива“.
Одговорот е изненадувачки, бидејќи досега ниту една партија во земјата, особено парламентарна, не се заложила за „откажување од ЕУ“.
Уште поизненадувачки е фактот дека има различен фокус околу тежиштето на темите кои биле предмет на разговор со амбасадорот. Како што објасни Груби, Ахмети му пренел оти „на средбата претежно се разговарало за источни влијанија во Македонија и регионот - руско, кинеско, и како Европската унија дозволува такви влијанија не само во регионот туку и во нивните земји членки, каде што победуваат десничарски и екстремни политички партии, кои се сосема спротивни на европскиот дух и на европското проширување со земјите од Западен Балкан“.
Поддршка на погрешна личност
Во однос на забелешката на холандскиот амбадасадор дека „владеењето на правото две години е во постојан пад“, првиот вицепремиер се наврати неколку години наназад.
„Интересно е тоа, затоа што токму господинот амбасадор беше еден од најголемите поддржувачи на Катица Јанева и на Специјалното јавно Обвинителство, којашто заврши со милион и пол евра во кеш - ако не се лажам, со пресуда, заврши во затвор, којашто му ‘пресуди’ така неславно на Специјалното јавно обвинителство коешто нели го измисливме како институција за да ги решава сите злочини кои произлегуваат од страна на прислушкуваните материјали“, рече Груби.
Тој изјави дека ДУИ не се препознава во пораката на амбасадорот, бидејќи се сметаат за „најголем поддржувач на реформи за неселективна правда“, се залагаат за независно судство и за целосен ветинг во судството, обвинителството и во политиката.
„Поднесовме закон за ветинг. Бараме ветинг на политичарите прво - од Ахмети до последниот член на ДУИ. Ние сме единствена партија која донесе одлука во Претседателството и Генереланиот совет - да се истражува секој член на ДУИ од 2002 до 2024 година. Ниту една друга партија ова го нема направено“, посочи Груби.
Дематираше какви било пристисоци врз претседателката на Врховниот суд или други инстанци, и повика да нема внатрешни, ама и „надворешни притисоци“, но не прецизираше на какви мисли.
„Ние се согласуваме дека мора да владее правото, да има неселективна правда, мора да инкорпорираме европски вредности. Но, не смее да има притисоци - ниту внатрешни, ниту надворешни“, рече првиот вицепремиер.