1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олаф Шолц вели дека сексуалната работа е неприфатлива

25 ноември 2023

Германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот изјави дека продажбата на секс не е прифатлива. Демохристијанските партии ЦДУ и ЦСУ бараат построги законски ограничувања на сексуалната работа во Германија.

https://p.dw.com/p/4YuhH
Улица на црвените фенери во Минхен
Улица на црвените фенери во МинхенФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/IMAGO

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека би сакал да види построги законски ограничувања за сексуалната работа во Германија, додавајќи дека продавањето секс е „неприфатливо“ и не треба да биде нешто „нормално“.

„Мислам дека не е прифатливо мажите да купуваат жени“, рече Шолц во Бундестагот и додаде: „Тоа е нешто што секогаш морално ме мачело“. „Мислам дека е правилно да го разгледаме законот и да видиме како тоа најдобро може да се потисне“, додаде германскиот канцелар, одговарајќи на пратенички прашања на 15 ноември.

Демохристијаните од ЦДУ/ЦСУ, најголемата опозициска парламентарна група во Бундестагот, поднесоа барање за забрана за купување сексспоред таканаречениот „нордиски модел". Макроата и купувачите на сексуални услуги треба, според барањето на демохристијаните, да бидат казнети, а борделите да се забранат. Истовремено треба да се заштитат проститутките, за да им се овозможи полесно да го напуштат тоа општество и работа.

Демохристијаните повикаа на слични регулативи во Шведска, Норвешка, Исланд, Канада, Франција, Ирска и Израел. 

Германија: Центар за сексуална експлоатација? 

„За жал, Германија се претвори во центар на сексуална експлоатација и злоупотреба“, изјави потпретседателката на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Доротеа Бер. Таа посочи дека околу 25.000 жени во Германија работат со проституција и од германскиот канцелар сакала да слушне дали ќе се заложи за предлогот на демохристијаните да се забрани продажбата на сексуални услуги.

Шолц не одговори директно на барањето на опозициските демохристијани „луѓето кои купуваат сексуални услуги“ да бидат кривично гонети, но рече дека проституцијата често е поврзана со злоупотреба, насилство и криминални структури и додаде дека ќе ја поздрави дискусијата за тоа како да се борат против таквите појави. 

Хамбург бар
Познат бар во Хамбург, каде Шолц долго време беше градоначалникФотографија: Stefan Ziese/imagebroker/IMAGO

Дали сексуалната работа е легална во Германија? 

Европскиот парламент исто така гласаше за забрана на сексуалната работа врз основа на таканаречениот „нордиски модел“.

Министерката за семејни прашања Лиза Паус од Партијата на Зелените во врска со оваа тема истакна дека германската влада не планира никакви измени во Законот за проституција. Таа посочи дека законот од јули 2017 година, кој стапи на сила со цел зајакнување на правната положба на сексуалните работници., е во фаза на евалуација до 2025 година.

Минатиот септември, германското здружение „Сексуални услуги“ се изјасни против нордискиот модел и рече дека дискусијата се движи „на штета на толерантно општество и правата на поединците“ и без вклучување на сексуалните работници во дискусијата.

сексуални услуги
Мажите ги продаваат своите сексуални услуги главно на други мажи, но и на жениФотографија: Reuters/Susana Vera

Сексуалната работа отсекогаш била легална во Сојузна Република Германија (вклучувајќи ја и поранешна Западна Германија), но нејзиното поттикнување се сметало за „неморално“ и било кривично дело до 2002 година. Во поранешна Источна Германија, сексуалната работа беше нелегална и официјално не постоеше.