Организираниот криминал цвета во Германија
8 октомври 2022„Не смееме да ја потцениме опасноста што ја носи организираниот криминал“, рече претседателот на Федералната агенција за криминал (БКА), Холгер Минх, презентирајќи го извештајот за криминал од 2021 година во Берлин.
Претседателот на БКА кажа и дека: „Опасноста е поголема од кога било“. Затоа што износот на штетата што ја проценува неговата канцеларија е повеќе од двојно зголемена за една година: од 837 милиони на 2,2 милијарди евра.
Речиси 700 истражни постапки
Во исто време, БКА забележа и нов рекорд кога станува збор за истрагите: за една година бројот на истражни постапки се зголеми од 594 на 696. Ова е пораст во кој сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер, исто така гледа позитивни аспекти: „Притисокот врз организираниот криминал во Германија е поголем од кога било досега“. Ова особено важи за нарко-пазарот. Речиси секоја втора истражна постапка е поврзана со трговија и шверц на дрога.
Она што е карактеристично за организираниот криминал, кој скратено се означува и како „ОК“, е меѓународното вмрежување, нагласува претседателот на БКА: во 2021 година биле спроведени 500 истражни постапки кои биле „поврзани со странски земји“. Со пресретнување на шифрирани пораки се доби „подобар увид во структурите на организираниот криминал“.
Напуштени плантажи и лаборатории за дрога
Со помош на тие информации биле елиминирани бројни закани по животот, „од опасни физички повреди, преку киднапирања, до планирани убиства“. Меѓу успесите во борбата против меѓународната трговија со дрога, Холгер Минх го вбројува и спречениот транспорт на дроги, како и затворањето на плантажи и лаборатории.
Трговијата со дрога е главен извор на приходи за организираниот криминал, вели претседателот на БКА. Со тоа често се финансираат и други кривични дела. Затоа треба да се почне отттаму, „за да се спречи перење пари“. Според Минх, централна улога во ова треба да има Европол, полициската служба на Европската Унија, чие седиште е во Хаг, Холандија.
Претседателот на БКА: „На добар пат сме“
Холгер Минх очекува поголема поддршка од поедини земји-членки на Европската Унија кога станува збор за заедничките бази на податоци. Минх, сепак, не сакаше да открие за кои точно земји мисли. Но, тој позитивно ја оценува меѓународната соработка и вели: „На добар пат сме“.